Внесете шарм во домот со помош на советите на естетот Боро Секуловски

Вашиот животен стил

Оваа сезона розовите нијанси ќе бидат многу актуелни

Секој сака да има топол, удобен и шармантен дом, но понекогаш реализацијата на оваа желба не оди толку лесно. Идеите на естетот Боро Секуловски (@boro.kosa) и неговите декорации на најважното место во домот каде што се собира целото семејство, трпезата,  може да ви послужат како  инспирација…

ХИГЕ-АМБИЕНТ

Во домот на Боро најмногу се чувствува влијанието на скандинавскиот и англискиот стил на уредување, кои иако многу се разликуваат еден од друг, тој сепак успева да ги искомбинира и да им даде свој шмек: „Идеите ги црпам од социјалните мрежи, но најголема инспирација добивам од моите патувања. Би рекол дека живеам во топол, удобен и шармантен дом или, како што би рекле Данците, го живеам мојот живот во хиге-стил“, раскажува тој. Во неговиот ентериер доминира белата боја, а сака да прави споеви на модерното со рустикалното – таа комбинација ја смета за совршена.

ПРОЛЕТНИ ТРЕНДОВИ

Боро ни откри дека трендовите во уредувањето на домот оваа сезона диктираат доминација на розовата боја и цветните дезени: „Оваа година во мода се кујните со висок сјај, а веќе наредната година за трендовски ќе важат матираните кујни. Но јас велам: не следете ги само трендовите, туку направете ја вашата куќа дом.“

 

ТАЈНАТА Е ВО ДЕТАЛИТЕ

Топлиот и пријатен амбиент во дневниот престој на Боро се должи на многуте перници и ќебиња на софата, кои тој секогаш ги претпочита. Неизбежни се и огледалото и светилките, кои го комплетираат целосниот изглед. „Во летниот период, обожавам да го украсувам балконот со елементи на бамбус, за да се приближам малку до природата“, открива тој. Според него, за пролетната сезона одличен избор за декорација се вазна полна со свежо цвеќе и два убави свеќника на масата покрај неа. Можете да додадете и голем фенер со дебели свеќи во некој агол на подот: „Првата промена што би ја внел во еден дом е голем број свеќи и свеќници, кои даваат ефект на опуштена и пријатна атмосфера – токму онака како што му прилега на вашето интимно катче.“

ДЕКОРАЦИИ НА ТРПЕЗАТА

Што се однесува до Боро, постојат две опции за убаво наместена трпезариска маса: рустикална и модерна. Кога станува збор за рустикална, негов совет е да поставите убав и отмен чаршаф, кој ќе го искомбинирате со златен есцајг, платнени салфети и кристални чаши. „Ако одберам помодерна варијанта, на масата не поставувам чаршаф, туку го заменувам со пластични или керамички подлошки, ги одбегнувам ситните детали и користам поголеми квалитетни хартиени салфетки. Свеќите се неизбежни во двете варијанти“, објаснува тој.

СОВЕТИ ЗА УРЕДУВАЊЕ

Доколку сакате да внесете некаква промена во домот, но не знаете од каде да почнете, советите на Боро несомнено ќе ве инспирираат: „Најпрво, одлучете какви бои и материјали би сакале да доминираат. Основата секогаш нека биде во една боја. Не играјте си со шарени дезени, кои на крајот може да не изгледаат убаво. Откако ќе ја определите основата, можете да си играте со боите, а мој предлог е белата боја, бидејќи со неа ќе можете да ги комбинирате сите бои во зависност од сезоната: сива, кафена, беж во есен/зима, а розова, жолта или тиркизна во пролет/лето. Не користете различни дезени на материјали, во спротивно домот може да ви изгледа неуредно и хаотично. Ако сакате да внесете некаков дезен (цветови, точки или линии), задржете се само на еден“.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.