Магијата НА СВЕТЛАТА на БАЛКОНОТ

Инспирација за уредување

Дека и малиот балконски простор може да се трансформира во софистициран простор во домот докажува проектот на Александра Топаловска, која од овој балкон, со помош на функционалните и декоративни елементи збогатени со светлечки ефекти, создаде магично катче за своите клиенти.

Дополнително, поигрувањето со контрастот и природното зеленило придонесуваат за силен впечаток на прв поглед.

Овој мој проект настана како резултат на инспирацијата што ја добив од желбата на мојот клиент, кој сакаше од балконот на својот стан да направи удобен и функционален простор за уживање и релаксација.

При реализацијата на мојата замисла, покрај што ги имав предвид барањата на клиентот, како и големината на балконскиот простор што беше на располагање, обрнав големо внимание да ја запазам и естетиката што ќе го направи балконот примамливо катче за одмор и уживање во секој слободен момент.

Балконот зазема простор од 10 квадратни метри, а самата негова местоположба нудеше доста можности за осмислување интересен дизајн. Бидејќи барањето на клиентот беше овој балкон да се збогати со дрвен декор, кој, секако, би давал посебна топлина во просторот, јас најпрво се одлучив да направам комбинација од декоративни дрвени панели како ѕидни облоги. Нив ги поставив од левата и десната страна на балконот, како и на плафонот. Истите тие ги комбинирав со тенки метални профили, со кои вешто се сокриваат изворите на светлина. Тој принцип на прикриени светла го применив од повеќе страни, поставувајќи ги дури и под оградата на балконот, која е изработена од метал и стакло.

Секако, како главно светло употребив и два плетени бохо-лустери на плафонот, кои се одлични за оваа намена,а за уште поубава атмосфера, декоративни светла поставив на повеќе места на балконот. За мене, добрата комбинација на светлосни извори е еден од најбитните елементи доколку сакаме да доловиме пријатен амбиент во секое време, а особено на отворен простор, каде што навистина знаат да дејствуваат магично. Светлечките ефекти вешто умеат да го постигнат тоа правејќи атрактивен и привлечен изглед.
Балконот е збогатен со зеленило речиси од сите негови страни. Некои од нив се сместени на метална конструкција на полици зад нишалката, а остатокот по должината на целата ограда. Зеленилото и цветната рапсодија како најдобар декор за секој дом, покрај тоа што пленат со убав изглед, убаво мирисаат и го прочистуваат воздухот, претставуваат и одлична алтернатива за уживање во природа.
Софата што ја дизајнирав да биде практична и мултифункционална и кај која повторно го применив дрвото како основен материјал, ја сместив во левиот агол од балконот, кој нуди подобар видик кон околината. Составена е од три елементи, па, така, едниот елемент, освен што ќе служи за седење, ќе може да се употребува и за складирање работи. Другите два елемента претставуваат табуретки, од кои едната табуретка може да се смести под другата, со тоа што кога не е во употреба ќе заштедува простор.

На балконот има две масички, едната во склопот на софата, а другата е помалечка помошна масичка, која се наоѓа поблиску до нишалката. Висечката нишалка ја сместив во десниот агол, така што целиот микс на елементите нуди удобност и убавина во секој дел од балконот. Крајниот дизајн е спој на црни, бели и сиви бои, збогатен со топлината на дрвените елементи, но и со контрастот на некои детали, како што се розовите перници и цвеќиња.

Александра Топаловска, дипломирана инженерка по индустриски дизајн; имејл: aleksandra.topalovska@gmail.com

Според мене, комбинацијата на сите овие елементи, материјали и светла, кои ја одиграа својата декоративна, практична и функционална улога на балконот, даде одличен резултат. Со тоа главната цел на овој проект беше постигната, а тоа е задоволството на клиентот од крајниот изглед на балконот.

Текст: Home Style

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.