ОВА МОРА ДА ГО ПРОБАТЕ: Ручек од Истокот

И кога надвор не е ладно сакаме обилен оброк што заситува. Чувствуваме потреба да јадеме нешто слатко, мрсно, тешко…

Но, како што веќе знаете, тоа не е многу здраво! Затоа ви предлагаме неколку едноставни ајурведски рецепти за лесни оброци што се приготвуваат брзо.

КИЧРИ Енергетска вредност: 100 г – 103 kcal

Состојки за четири порции:

* четири лажици растително масло или прочистен путер, таканаречен ги * четврт лажиче мелена асафоетида (лат. Ferula assafoetida) * едно лажиче кумин * кора од ѓумбир со должина од два-три сантиметра или едно лажиче ѓумбир во прав * две зрна црн кардамом * две чешниња лук * половина лажиче куркума * една чаша грав мунго (можете да го замените со леќа) * половина чаша долгнавест ориз * пет чаши вода

Приготвување: Загрејте го маслото во тавче со дебело дно, додајте ги асафоетидата и куминот. Кога куминот ќе ја пушти својата арома, додајте го исчистениот и исечкан (или крупно изрендан) ѓумбир и сето тоа пропржете го – ѓумбир треба да почне да поруменува. Потоа додајте ги кардамомот, целите чешниња лук и куркумата.

Држете го сето тоа на шпорет една минута, мешајќи. Додајте го и наполу сварениот грав (или леќа) со зачините, водата и оризот, посолете и оставете да зоврие. Исклучете ја ринглата, поклопете го тавчето и динстајте 30 минути, додека биде готово. Одвреме-навреме промешувајте.

ЧОРБА ОД ЛЕЌА Енергетска вредност: 100 г – 21 kcal

Состојки за четири порции:

* два компира средна големина * половина чаша црвена леќа * два-три сантиметра корен од ѓумбир * еден морков средна големина * по половина лажиче кумин, асафоетида, куркума, пискавица, ајован (лат. Trachyspermum ammi), бибер, семе од синап (комбинацијата на зачини може да се коригира во зависност од вкусот) * три литри вода * масло за пржење

Внимание! Ако имате некoе кожнo заболување, суровиот ѓумбир заменете го со ѓумбир во прав.

Приготвување: Исечкајте ги компирите на коцки и ставете ги да се варат. Во тавче стопете малку масло ги или загрејте растително масло и во него додајте го куминот, па почекајте додека се пропржи и пушти арома. Потоа додајте ги и другите зачини и пропржете ги.

Додека се пржат зачините, изрендајте ги морковот и коренот од ѓумбир, ставете ги во тавчето и пасирајте на среден оган. Пропржениот ѓумбир и морков сосе зачините додајте ги во тенџерето со варените компири. Измијте ја леќата и исто така ставете ја во тенџерето. Варете додека биде готово.

ЈАЧМЕНОВА КАША СО МОРКОВ Енергетска вредност: 100 г – 154 kcal

Состојки за четири порции:

* 200 г јачмен * еден поголем морков * два-три сантиметра корен од ѓумбир * по половина лажиче куркума, кумин, аjoван, хималајска сол * една лажица масло за пржење

Приготвување: Измијте го јачменот и ставете го во вода, додавајќи една лажица сода, да отстои три-четири часа. Потоа повторно измијте го и варете го на тивок оган додека се свари. Кога ќе зоврие, можете да ја истурите водата и да додадете свежа превриена – така ова јадење ќе биде помалку лепливо и ровко.

Додајте ги куркумата и солта. Изрендајте го крупно морковот, а ѓумбирот – ситно. Пропржете ги во тавче, додавајќи ги куминот и ајованот. Кога кашата ќе биде готова, додајте го морковот со ѓумбирот и сето тоа заедно динстајте го приближно пет минути.

Патем… Розова хималајска сол, масло ги, асафоетида и ајован можете да нарачате преку интернет или да набавите во подобро снабдените продавници за здрава храна. Ако не успеете, овие јадења можете да ги приготвите и без нив.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.