Ова мора да го пробате: БРОКУЛА – НАЈКОРИСНАТА ЗЕЛКА

4 рецепти

Овие вкусни цветчиња ја подобруваат работата на срцето, спречуваат атеросклероза и го забавуваат стареењето.

Брокулата е позната уште од времето на Стар Рим. Пред околу две илјади години овој вид зелка е одгледувана во бавчите заедно со обичната зелка. Денес токму брокулата се смета за најкориснија. Ги содржи витамините А, Ц, Е, Б1, Б2, ПП и минералите калиум, калциум, железо, натриум, фосфор, магнезиум, бакар, манган, јод, хром и бор.

Доколку ја споредиме брокулата со другите видови зелка, излегува дека има двапати повеќе витамини А и Ц, како и минерални супстанции како што се фосфор, калциум и железо. Во составот на брокулата има и метионин, тијамин, фолна киселина, холин и рибофлавин. Протеинот од овој зеленчук не заостанува зад протеините од животинско потекло – на пример, лизин и триптофан во неа има исто колку и во белката на обичното јајце.

Јадењата од брокули ја подобруваат работата на срцето и ги намалуваат оштетувањата на миокардот во услови на недостиг од кислород. Со нејзина редовна употреба во исхраната се спречува развој на атеросклероза и се забавува стареењето. Се препорачува брокулата да се вброи во секојдневната исхрана за човекот по прележана болест, како и за децата и за трудниците.

Запаметете дека при нејзиното приготвување најдобро е да се динста на пареа, и тоа само неколку минути. Колку подолго ја готвите, во неа остануваат помалку корисни супстанции!

Брокула со лук

Потребно: главица брокула, 3-4 чешниња лук, сол, билно масло по желба.

Поделете ја брокулата на помали цветови, а стебленцето фрлете го. Сварете ја во посолена вода или пригответе ја на пареа. Лукот ситно исечкајте го. Во длабоко тавче загрејте билно масло, ставете го лукот и брзо, мешајќи, малку пропржете го. Додајте ја брокулата, протресете, посолете и сипете малку вода. Поклопете го тавчето и држете го на тивок оган неколку минути, брокулата да не се развари, а аромата на лукот да успее да навлезе во секое цветче. Јадењето е готово.

Салата од брокула со пилешко месо

Потребно: 400 г брокули, 300 г пилешко филе, една лажица стопен путер, 125 г мајонез, две лажици павлака, лажица лимонов сок, врзоп млад кромид, сол и црн пипер по желба.

Пропржете го филето пет минути на стопениот путер. Посолете, запиперете го и исечкајте го на парчиња. Измешајте ги мајонезот и павлаката. Додајте ги лимоновиот сок, солта и црниот пипер. Брокулата измијте ја, исчистете ја и поделете ја на цветови. Бланширајте ја во посолена вода од осум до десет минути. Ставете на чиниите парчиња филе и брокули. Прелејте со сосот и украсете со младиот кромид.

 

Брокула со урда

Потребно: 800 г брокули, 30 г путер, 200 г урда, 100 г кашкавал, 170 г павлака, половина чаша брашно, 4 јајца, четвртина лажиче рендано мускатно оревче, сол и црн пипер по желба, лажица билно масло, лажица гриз. За сосот: 25 г путер, лажица брашно, половина чаша павлака, мускатно оревче, сол и црн пипер по желба.

Загрејте ја рерната на средна температура. Исечкајте ја брокулата и ставете ја во голема чинија за салата. Додајте ги билното масло, павлаката, урдата, кашкавалот, јајцата, брашното и меленото оревче. Добро измешајте. Посолете и запиперете по желба и повторно добро промешајте. Намачкајте ја тепсијата со билно масло и посипете ја со малку гриз. На тепсијата внимателно сипете ја смесата и печете ја 50 минути.

За сосот: растопете го путерот во тенџерче, додајте го брашното и мешајте додека добиете хомогена смеса. Додајте ја павлаката и варете додека се згусне сосот. Потоа посолете и запиперете по желба, па додајте го мускатното оревче. Прелејте го со сосот врелото запечено јадење и оставете го да отстои приближно пет минути пред сервирањето.

Брокула со сос од сирење

Потребно: главица брокула, 100 г сирење, 50 г кашкавал, чаша млеко, лажица брашно, 30 г путер, сол и црн пипер по желба.

Поделете ја брокулата на цветови и пригответе ја на пареа. Можете да ја попрскате со лимонов сок. Посебно направете го сосот: сирењето изрендајте го, а кашкавалот исечете го. Пропржете го брашното на путер, па кога ќе нема грутки, додајте го млекото. Во добиениот сос ставете ги сирењето и кашкавалот и варете, мешајќи, додека се растопи сирењето, па зачинете со сол и црн пипер. Готовата брокула прелејте ја со сосот и послужете ја.

Текст: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.