ПРЕДЛОГ МЕНИ ЗА ВЕЛИКИ ПЕТОК: Најубавите посни јадења од риба и зеленчук! (РЕЦЕПТ)

Овој најтажен ден во христијанството нека биде денот кога повеќе ќе се грижите за тоа што зборувате и помалку за тоа што и како јадете.

Велики петок е еден од најтажните денови во христијанството. На тој ден Исус Христос беше распнат на крстот во Голгота. Овој празник е ден на голема жалост, а се одбележува со строг пост, воздржување од веселби и празнувања, а според традицијата, на овој ден не се работи ниту на поле, ниту во куќата, а црковните ѕвона бијат цел ден.

Ви предлагаме неколку јадења што можете да ги јадете на Велики петок.

Предлог за појадок: Палента на вода

Сварете палента со малку вода и сол. Во посебна тава, издинстајте малку кромид и лук, прелијте ги со сос од домати во кој сте додале малку оригано и сол, па оставете сè да зоврие. Измешајте ја палентата со сос од домати и уживајте!

Предлози за ручек:

1. Старинска супа од коприва

Состојки: 300 г коприва, 1 кромид, 1 морков, 1 праз, 1 голем компир, 1 коцка супа од зеленчук, 4 лажици масло, 1 лимон или малку јаболков оцет

Приготвување: исчистете го зеленчукот, исечкајте ги кромидот и празот на помали парченца и пржете ги во масло со малку вода. Додајте ситно сечкан морков и компир.

Додајте вода и и разматете ја коцката супа. Варете петнаесеттина минути, а потоа додајте ги измиените и крупно исечкани листови од коприва.

Гответе неколку минути, па тргнете го од оган и убаво изблендирајте со стапчест миксер. Дотерајте го вкусот, по потреба вратете на оган уште малку да зоврие и закиселете по желба пред послужување.

2. Суви пиперки полнети со грав

Состојки: 1/2 кг грав, 4 главици кромид, 1 морков, 2 лаврови листа, 10 суви пиперки за полнење, сол, бибер и мелен сув билен зачин, масло, 3 лажици брашно, мелен црвен пипер

Приготвување: гравот се става да се вари во тенџере. Додајте исечен морков, една главица кромид, бибер и сварете го гравот. Во посебна тава, сипете го маслото и пропржете ги преостанатите три главици кромид со малку мелен пипер. Кога кромидот ќе стане стаклест, додајте ги брашното и мелената пиперка и постепено додајте го сварениот грав со постојано мешање.

Погрижете сè да не е премногу редокк. Посолете и зачинете по вкус.

Истурете малку грав на дното на огноотпорен сад. Наполнете ги пиперките и наредете ги врз гравот во  садот. Прелијте ги пиперките со остатокот од гравот. Ставете го садот во рерна на 220 степени да се динстаат пиперките околу 25 минути.

3. Компир-салата со бела риба

Состојки: 250 г филе од бела риба, 5 компири, 4 кисели краставички, неколку зелени маслинки, 1 главица кромид, меки зрна мариниран капери, 1 лимон. магдонос, сол, маслиново масло

Приготвување: подмачкајте ја рибат со масло, завиткајте ја во алуминиумска фолија и печете ја во рерна. Испечената риба исечкајте ја или расцепкајте ја на парчиња.

Излупете ги компирите, сварете ги и оставете ги да се изладат. Кромидот исечкајте го на ребра, а маслинките можете да ги исечкате или да ги оставите цели. Ситно исечкајте ги киселите краставички.

Исечкајте ги компирите на коцки и ставете ги во сад. Додајте ги рибата и сите други состојки, посолете и измешајте. Потоа, додајте сок од лимон и посипете со малку маслиново масло. Одозгора посипете свежо сечкани листови магдонос.

4. Салата од пченка

Состојки: 2 лименки слатка пченка, 2 лименки туна, 100 грама маслинки, 3 моркови (рендани), сол, бибер, маслиново масло, сок од лимон , свеж магдонос

Приготвување: исцедете ги пченката и туната, па измешајте ги во сад. Потоа, додајте ги сечканите маслинки и ренданите моркови. Додајте сол, бибер, маслиново масло и свеж магдонос, ситно сечкан. Измешајте сè и послужете.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.