5 РЕЦЕПТИ за специјалитети со ПИЛЕШКО МЕСО, кои никого не оставаат рамнодушен

Да, пилешкото месо секогаш е добредојдено на трпезата. На овие рецепти нема да им одолеете…

Глазирано пилешко со ѓумбир

Состојки: 1,5 кг пилешки батаци со карабатак, ½ лажиче сол, ¼ лажиче црн пипер, 2 лажичиња сусамово масло, 1 лажица рендан свеж ѓумбир, 2 чешниња лук, ½ шолја хоисин-сос (кинески сос за месо), 2 лажици соја-сос, 1 лажиче шеќер, ½ лажиче чили во прав

Приготвување:

  1. Зачинете го месото со сол и црн пипер, префрлете го во подмачкан сад и печете го половина час на 180 степени.
  2. Направете глазура од сусамовото масло, загреано во тава на умерен оган, во кое ќе ги додадете ѓумбирот и лукот.
  3. Додајте ги и хоисин-сосот, соја-сосот, шеќерот и чили-правот и варете додека се згусне.
  4. Извадете го пилешкото од рернаta, премачкајте го со глазурата и вратете го да се испече докрај.
  5. Послужете го со зелена салата и млад кромид.

Печено пиле со ванила и сос од путер

Состојки: 1 цело пиле, 1 лимон, 1 кромид, 1 стапче ванила, 4 лажици путер, 2 лаврови листа, 2 лажичиња маслиново масло, сол и црн пипер

 Приготвување:

  1. Втријте ги солта и црниот пипер во пилето, па наполнете го со исчистена главица кромид, половина лимон и наполу пресечено стапче ванила.
  2. Подмачкајте ја тавата со маслиново масло, пропржете го пилето во неа по малку од двете страни, па ставете го во рерната да се испече.
  3. Кога е готово, извадете ги кромидот, лимонот и ванилата и оставете го да се излади малку.
  4. Во мрснотијата од тавата во која се печело пилето додајте путер, лавров лист и стапче ванила и загревајте го на оган додека потемни путерот, па со смесата прелејте го печеното пиле.
  5. Послужете со грилувани тиквички и шери-домати.

Ароматични пилешки гради

Состојки: ½ кг пилешки гради, ¼ шолја путер, сок од половина лимон, сол и црн пипер, 2 чешниња лук, 1 лажица италијанска мешавина, 1 лажиче толчен пипер, 2 лажичиња маслиново масло

Приготвување:

  1. Во омекнатиот путер додајте ги ситно сечканото лукче, мешавината зачини и толчениот пипер, па добиената смеса втријте ја во пилешките гради (претходно зачинети со сол и црн пипер).
  2. Испржете го месото во маслиново масло, по минута од секоја страна.
  3. Тргнете ја тавата од огнот, попрскајте го месото со сок од лимон и печете го во рерна загреана на 200 степени.
  4. Допечете го пилешкото и извадете го од рерната додека е сочно. По желба, сервирајте го со кус-кус.

Пилешко со црвен пипер и оригано

Состојки: 1 цело пиле, 3 лажици масло од семки од грозје, сок од 2 лимети, ¼ шолја соја-сос, 2 лажици црвен пипер, 1 + ½ лажици кумин во прав, 6 чешниња лук, 4 лажичиња сол, 1 лажиче оригано

Приготвување:

  1. Исушете го пилето, отстранете му ги грбот и тртникот, но да остане во едно парче. Свртете ги градите нагоре и притиснете го месото да се израмни.
  2. Измешајте 1 лажица масло, сок од лимета, соја-сос, црвен пипер, кумин, оригано, ситно рендано лукче и 3 лажичиња сол, па со добиената смеса истријте го пилето.
  3. Прицврстете го сплесканото пиле со две дрвени стапчиња за да се испече подобро и печете го на 200 степени.
  4. Послужете го со варена боранија и со сос на база на јогурт.

 

Пилешко со сос од мед и сенф

Состојки: половина пиле (пресечено по должина), 3 лажици маслиново масло, 2 лажици мед, 2 лажици сенф, 3 чешниња лук, 1 лажица сок од лимон, сол и црн пипер, неколку гранчиња рузмарин, неколку парчиња лимон

Приготвување:

  1. Зачинете го пилето со сол и црн пипер, втријте ги зачините, а потоа помешајте ги маслото, медот, сенфот, лукот и лимоновиот сок, па добиената маринада втријте ја во месото.
  2. Ставете го пилето во подмачкан плех, додајте гранчиња рузмарин и парчиња лимон и додајте малку вода за да биде посочно месото.
  3. Печете на 200 степени вртејќи го пилето неколкупати за да ја впие течноста. На крајот, вклучете ја опцијата за грилување за да се потпече кожичката.
  4. Сервирајте со грилувана црвена и зелена пиперка.Текст: Убавина и здравје
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.