Научните факти откриваат: Зошто нè привлекуваат одреден тип луѓе

Зошто ги сакаме тие што ги сакаме

И генетички сосема различни партнери може да бидат целосен погодок.

 Што се крие зад привлечноста што ја чувствуваме кон некого? Чиста наука! И тоа многу покомплицирана од физиката, а често и незгодна. Алберт Ајнштајн беше експерт за неа, речиси еднакво како и за теоријата за релативитет. Не, не претеруваме, ќе се уверите!

Во 30-тите години од неговиот живот, целосно го маѓепса неговата роднина Елса, во толкава мера што заради неа ја напушти својата прва сопруга, талентираната физичарка Милева Мариќ. А Елса и Алберт беа многу блиски роднини: нивните мајки беа сестри, а татковците братучеди. Значи, Елса му била двократна братучетка – и од тетка и од чичко! Ако ова ви звучи заплеткано, почекајте, има уште!

Неколку години подоцна, Алберт бил подготвен да ја раскине свршувачката со Елса, бидејќи се вљубил во нејзината 20-годишна ќерка Илса!

„Алберт одбива сам да донесе каква било одлука. Тој е подготвен да се жени, или со мене или со мама“, напишала Илса во писмото до својата пријателка. „Знам дека ме сака, можеби повеќе од секој друг маж на планетава, самиот ми го призна тоа.“ Хмм… Не ни се познати сите детали, но по една година, Алберт се врати на планот А и се оженил со Елса. Неверојатна приказна, особено ако земеме предвид дека станува збор за вистински интелектуален гениј, нели? Силите на привлекувањето, кои ги спојуваат луѓето, можеби на прв поглед изгледаат целосно неразбирливи, произволни и необјасниви, но само поради тоа што дејствуваат на исконското, биолошко ниво, она до кое не допира нашата свест. Сепак, клучот за објаснување и на најнеобичните врски е еволуцијата.

ЈАС СУМ КАКО ТЕБЕ, ТИ СИ КАКО МЕНЕ

Како и кај животните, така и кај луѓето се привлекуваат партнерите што се физички слични. Станува збор за феномен што биолозите го нарекуваат асортативно спарување или спарување по сличност. Мина и Горан (така ќе ги наречеме во текстов) имаат сини очи и светла коса, сличен облик на главата и црти на лицето. Ако не знаевте дека се во брак, ќе помислевте дека се брат и сестра. Се запознале на факултет, за Горан тоа било љубов на прв поглед: истата вечер му се јавил на најдобриот пријател и му кажал да се подготвува да му биде кум, бидејќи ја запознал девојката со која ќе се ожени. И на Мина не ѝ требало многу да се вљуби во Горан:

И денес се чудам колку комотно се чувствував покрај него, како да се знаеме сто години!, вели таа.

По два месеци, се свршиле. Мина смета дека физичката сличност одиграла голема улога во тоа да се чувствува сигурно и опуштено покрај него. А потоа се воспоставило дека и карактерите и интересите им се слични.

Моите бивши партнери, пред Горан, изгледаа сосема поинаку. Факт е дека, кога се запознавме, морав да пречкртам неколку ставки на мојата листа ‘каков би сакала да ми биде идниот маж’, на пример барањето ‘да биде црн и мускулест’, но добив многу повеќе – човек што ме разбира и кој се стреми кон животните цели што ми се важни и мене.

КОЛКУ ЗНАЧАТ СЕМЕЈНИТЕ ВРСКИ

Хмм… Ако нè привлекуваат слични особини, тогаш тие подразбираат и слични гени, зар не? Дали тоа значи дека нè привлекуваат и луѓето со кои сме во сродство? Биолозите велат – и да и не. Ајнштајн не е ни прв ни последен што се вљубил во своја роднина. Студија од 2018 година, која била спроведена врз основа на 86 милиони генеалошки профили, првенствено во Западна Европа и Северна Америка, откри дека во 1850 година просечна брачна двојка имала гени чија сличност е еквивалентна со роднините од четврто колено.

Дури кон крајот на 19 век семејните стебла, метафорички кажано, ги разграниле своите гранки на пошироки географски простори. До 1950 година генетичката сличност на двојките станала, во просек, споредлива со седмото колено на сродност.

Ставовиве кон романтичните врски меѓу лицата што се во сродство варираат од култура до култура, па на некои меридијани не се стигматизирани. Студија спроведена во 2015 година во латино-заедниците во САД, Порторико и во Мексико покажа дека генетичката сличност на брачните двојки е еквивалентна со роднините од четврто колено. Истражувањето утврдило дека заедничкото потекло („Еј, па нашите родители се од истото село!“) е поважен фактор во изборот на партнерот од социоекономските причинители или од степенот на образование.

Но зошто сличните гени би биле еволутивна предност кога се знае дека преголемото генетичко совпаѓање ги намалува шансите за здраво потомство? Биолозите го објаснуваат тоа со фактот дека постои генетички оптимум – тој се јавува во случаите кога гените се слични, но не премногу. Тие го нарекуваат тоа оптимален аутбридинг (outbreeding – парење меѓусебно генетички оддалечени индивидуи).

Од друга страна, инбридинг (inbreeding – вкрстување во сродство) може да доведе до зголемување на бројот на опасните, рецесивни гени. Резултат е раѓање деца со ослабен имунолошки систем и со процентуално повисока стапка на вродени психофизички аномалии. Меѓутоа, ни изразениот аутбридинг (вкрстување генетички оддалечени индивидуи) не е посакуван.

Може да има негативно влијание врз репродуктивниот успех поради раздвојувањето на меѓусебно компатибилните гени. Како и кај животните, така и кај луѓето, за здраво потомство е идеално средно ниво на генетичко совпаѓање. Тоа го потврдуваат голем број студии, вклучувајќи ги и оние што ги следат сите двојки на Исланд во последниве 165 години. Заклучокот на исландската студија е дека оптимално ниво на сродност е меѓу третото и четвртото колено.

Целта на еволуцијата е пренесување на гените, а гените што ги поседуваме се застапени и кај другите единки. Со парење слични единки се зголемува шансата да се пренесат заедничките гени на потомството. Значи, може да се каже дека биолошки сме програмирани да бараме „семејна сличност“ во потенцијалните партнери.

Студија од 2017 година покажа дека жените на кои им биле покажувани фотографии од мажи најмногу ги привлекле оние чии црти на лицето биле слични на цртите на нивните браќа. Психолозите објаснуваат дека еволутивно сме се развиле да ни биде одбивна помислата за физичка блискост со членовите на најблиското семејство, но не и на особините чии карактеристики нè потсетуваат на нив. Постојат дури и биолошки механизми што го поддржуваат тој принцип.

Еден од нив е наречен Вестермарков ефект, според финскиот антрополог Едвард Вестермарк. Имено, лицата што заедно растат не се привлекуваат сексуално. Иако сите што растат во едно семејство не мора да се браќа и сестри, од еволутивна точка на гледиште важи правилото „што е сигурно – сигирно е!“ Еволуцијата се погрижи и за превенција на Едиповиот комплекс – за време на пубертетот, мирисот на детето им станува непријатен на родителите, без да се свесни за тоа. Проблемот може да настане ако блиските роднини се сретнат подоцна во животот, исто како и во случајот на Едип – бидејќи не се „опремени“ со овие биолошки блокади.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.