ПОСНО МЕНИ за сечиј вкус: 4 јадења што ќе ги израдуваат домашните и ќе ја збогатат вашата трпеза

Добра храна

Рецепти од кујната на Елена

Понекогаш тешко е да се осмисли посно мени кое ќе биде разновидно, вкусно и во кое ќе уживаат сите членови на семејството. Токму затоа, побаравме помош од Елена Јакимовска, која редовно објавува вкусни рецепти на својот инстаграм-профил @kitchen_ot_na_elena. Таа ни приготви целосно мени од четири јадења кои несомнено ќе ги израдуваат домашните и ќе ја збогатат вашата посна трпеза.

ПРЕДЈАДЕЊЕ: Мазник со готови кори и ориз

Вртената пита е познат традиционален македонски специјалитет кој има различни имиња, во зависност од регионот. Одлично оди со чаша јогурт или со кисело млеко, а најважно е корите да бидат убави и тенки како лист. Елена ни приготви едноставен мазник со готови кори и ориз, совршен за деновите кога се пости.

Состојки:

  • 1 пакување готови кори
  • 400 г ориз
  • 1.800 мл вода
  • 1 и пол лажиче сол
  • маслиново масло
  • зачини по вкус: зачинска мешавина, лук во прав, лут буковец

Приготвување:

1. Се става водата да зоврие, па се додава оризот со зачините. Се вари додека згусне како сутлијаш. Се трга на страна да се олади малку.

2. Корите најпрво се бројат, па се делат на 3 дела. Доколку се 15 кори, ги делите на 3 купчиња по 5 кори.

3. Во тавче со иста големина како корите се реди првата тура од корите, врз нив се става половина од оризот, па се попрскува со малку маслиново масло. Се реди втората тура од корите, па преостанатата половина од оризот и повторно се додава масло. На крајот се реди последното купче од корите, одозгора се попрскува со масло и со вода.

4. Се пече во загреана рерна на 180ºЦ. Пред крај, опционално се додава рендан растителен кашкавал.

ПРИЛОГ: Посни лепчиња со лук

Во македонската култура, ретко кое јадење може да се замисли без вкусно лепче. Но ако ви досадил обичниот леб, обидете се да ги приготвите сами овие лепчиња со лук што со сигурност ќе ве воодушеват. Предупредување: Нема да можете да изедете само едно!

Состојки за 8 лепчиња по 100 г:

  • 300 мл млака вода
  •  2 лажички сол
  •  1 лажиче шеќер
  • 1 квасец
  •  4 лажички лук во гранули
  •  1 лажиче црн бибер
  •  500 г брашно

Приготвување:

1. Се замесува тесто од сите наведени состојки, кое потоа се дели на 8 еднакви топчиња. Топчињата се расучуваат малку, па се подготвуваат за печење.

2. Прв начин на печење: Топчињата може да се пржат во тавче со малку масло (нема потреба да бидат целосно во масло) од двете страни, додека добијат убава златно-жолта боја.

3. Втор начин на печење: Се печат во тавче за палачинки на рингла на средна температура, притоа тавчето треба да биде претходно загреано. Се печат од двете страни.

ГЛАВНО ЈАДЕЊЕ: Печена скуша на мрзелив начин

Рибата е еден од најчестите избори за време на постите, бидејќи е многу хранлива и вкусна, а може да се приготвува на различни начини. Ако сте во потрага по нов рецепт за здрав оброк со риба, испробајте ја оваа печена скуша на мрзелив начин – им успева и на оние што не се многу вешти во кујната!

Состојки:

  • 4 парчиња скуша
  •  1 1/3 лажичка сол
  •  1 полна лажица сенф
  •  цеден сок од 1/2 лимон
  •  сечкан лук
  •  1/2 лажиче оригано
  •  1 лажиче чадена црвена пиперка
  •  2-3 лажици маслиново масло
  •  црн бибер
  •  1 лажица вода

Приготвување:

1. Скушата се чисти така што се отстранува главата, се сече по должина, па се чисти внатрешноста.

2. Во мало чиниче се соединуваат сите состојки и убаво се мешаат додека се добие сос.

3. Во тепсија, обложена со хартија за печење, се редат парчињата риба така што внатрешниот дел од рибата треба да биде свртен нагоре, а кожата надолу.

4. Се прелеваат парчињата риба со сосот и се печат во загреана рерна на 200°Ц, 30 минути. Нема потреба да се вртат при печењето. Самиот сос е течен, ќе се лизне од рибата и така и долниот дел ќе впие од сосот.

ДЕСЕРТ: Два вида пиварки од една смеса

Секако, ниту една посна трпеза не може да се замисли без вкусен десерт. Пиварките важат за едни од омилените суви колачи, кои никогаш не досадуваат! Ги обожаваат сите, а совршено одат со ритуалното кафе по ручекот. Елена ни приготви два вида пиварки од една смеса, па слободно одберете ја онаа верзија што вам повеќе ви се допаѓа или испробајте ги и двете!

Состојки:

За тестото:

  • 2 филџана пиво
  •  4 филџана масло
  •  рендана кора од 1 лимон
  •  1 прашок за печиво
  •  брашно по потреба
  •  2 рамни лажици какао, 1 лажица рум (за чоколадните пиварки)

За полнењето:

  • мармалад (за првиот вид пиварки)
  •  посен чоколаден крем (за вториот вид пиварки)

За шербетот:

  • 1 чаша шеќер
  •  2 чаши вода

За валкање:

  • кокос, шеќер во прав, ванилин шеќер (за првата верзија)
  •  мелени трошки, какао, шеќер во прав (за втората верзија)

Приготвување:

1. Се замесува тесто од сите состојки, притоа истото не треба да биде лепливо, треба да се оформува лесно. Потоа, тестото се дели на два еднакви дела (може, ама и не мора). Во едниот дел се додава какао и румот (ако е потврдо, додајте некоја капка пиво плус), другиот останува бел.

2. Од тестото произволно се вадат топчиња, се сплескуваат со рака, во средината се полнат со одбраниот полнеж и се формираат топчиња. Се редат во тепсија (ќе бидат доволно мрсни, па не треба да се премачкува тепсијата со ништо) и се печат во загреана рерна на 200ºЦ.

3. Кога ќе се оладат целосно, се попаруваат во врел шербет (кој треба да се вари додека се стопи шеќерот). Нема потреба да ја впијат целата течност, бидејќи не треба да станат премногу меки.

4. Се валкаат во кокос и ванилин шеќер или во какао, во зависност од тоа кој вид пиварки сте го одбрале. Уживајте!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Идеална е за свечена трпеза: Солената торта може да биде предјадење, а може да го замени и главното јадење
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.