Филмски предлози и вкусни специјалитети за совршено рандеву: Можете да погодите која е тајната состојка во секој од нив?

Патот до стомакот е преку храната

Уживајте во специјалитетите на нашите блогери за храна

Нашата замисла за совршено рандеву е омилениот романтичен филм, вкусно јадење приготвено со многу љубов и добро друштво. Дури и ако не сте во врска, можете да уживате во специјалитетите на нашите блогери за храна. Знаете која е тајната состојка во секој од нив, нели?

БРУСКЕТИ СО СИНО СИРЕЊЕ

Брускетите се предјадење со кое не може да се погреши – лесно се приготвуваат и може да одберете состојки по свој вкус. Пробајте ги овие со горгонзола по рецепт на Кристина Колевски (@solenoblagiprikazni), кои одлично одат во комбинација со нејзиниот омилен романтичен филм „Игра на судбината“ (Serendipity).

Состојки: 

  • 1 француски леб, багет
  • сол зачинета со лук
  • растопен путер
  • За премачкување:
  • 70 г грчки јогурт
  • 70 г мајонез
  • 100 г сино сирење
  • 1 лажица сок од цеден лимон
  • сол, лук во гранули, црн бибер

За салатата:

  • 2 чаши ситно сечкана ајсберг-салата (чаша од 250 мл)
  • 10 шери-домати
  • 100 г сланина
  • 2 лажици дробено сино сирење
  • лук во гранули, црн бибер
  • 1 лажица од мачканицата

Приготвување:

1. Исечете го багетот на парчиња и наредете го во тава обложена со хартија за печење. Со четче премачкајте го секое парче со растопен путер и посипете зачинета сол. Печете ги во претходно загреана рерна на 220˚Ц додека заруменат.

2. Убаво измешајте ги грчкиот јогурт, мајонезот и сокот од лимон. Потоа, додајте го издробеното горгонзола, зачинете, посолете по вкус и мешајте додека се соедини убаво.

3. Во длабок сад ставете ги ајсберг-салатата, ситно сечкана, дробеното сино сирење, претходно потпечената сланина исечкана на коцки, исечканите шери-домати, па додајте една лажица од мачканицата, зачинете и убаво промешајте.

4. Премачкајте ги печените брускети со мачканицата, а потоа додајте од салатата. Декорирајте по желба. Од оваа доза ќе добиете 24 брускети. Уживајте!

МИНИ-ПИЦИ ВО ФОРМА НА СРЦЕ

Не е тајна дека пицата предизвикува чувство на среќа, па затоа токму тоа е изборот на Тања Ѓореска (@tanjas.kitchen), но овој пат во форма на срце. Симболично, нејзин филмски предлог со ова јадење е „Пурпурни срца“ (Purple Hearts): „Овој филм ме освои веднаш штом го погледнав трејлерот. Во фокусот е љубовната приказна на еден маринец и шанкерка, која завршува среќно, а јас обожавам романтични филмови со среќен крај.“

Состојки:

  • 500 г брашно
  • 250 мл млака вода
  • 1/2 пакетче сув квасец
  • 100 мл масло
  • 1 супена лажица сол
  • 2 супени лажици шеќер
  • шунка, чајна
  • рендан кашкавал
  • сечкани маслинки
  • сос од доматно пире, масло, ситно сечкан лук, црн пипрт, оригано и сув магдонос

Приготвување:

1. Во сад за месење се става целото количество брашно, се става сол по краевите на садот, а во средина се прави вдлабнатина и се додаваат квасецот, шеќерот и малку од водата. Се остава 6-7 минути да се активира квасецот.

2. Потоа, се додаваат преостанатата вода и маслото, па се меша тестото со дрвена лажица и се префрла на набрашнета површина. Се меси околу 10 минути. Се остава дупло да нарасне околу 1 час, покриено со крпа, а може и подолго.

3. Од овие состојки излегуваат 6 мали пици. Тестото се дели на 6 топчиња и секое топче со рака се развлекува во форма на срце, односно тестото треба да биде подебело на краевите.

4. Пиците се премачкуваат со сосот, се става рендан кашкавал, шунка и сечкани маслинки.

5. Пиците се печат во претходно загреана рерна на 180˚Ц околу 15 минути, односно додека заруменат краевите. На здравје!

ПРОТЕИНСКА ТОРТА ОД ПАЛАЧИНКИ

Сите ние имаме омилени филмови на кои често им се навраќаме, исто како што имаме и омилени рецепти во чиј вкус секогаш уживаме. За месецот на виното и љубовта, Симона Лазарева (@simonasfoodblog) ја предлага нејзината неодолива протеинска торта од палачинки, во придружба на една од нејзините омилени романтични комедии „Запросување“ (The Proposal): „Здрав десерт полн со протеини, фантастична комбинација на вкусови и убави емоции, придружена со ремек-делото на неверојатните Сандра Булок и Рајан Рејнолдс.“ Уживајте во вашата романтична филмска вечер!

Состојки:

За палачинките:

  • 100 г овесни снегулки
  • 1 банана
  • 4 јајца
  • 2 лажички мед
  • арома на ванила

За преливот:

  • 300 г грчки јогурт
  • 2 лажички мед
  • 1 доза протеин (може и путер од јатки)
  • киви, банана или друго овошје желба за редење меѓу палачинките
  • вишни и чиа-семе за одозгора

Приготвување:

1. Состојките за палачинки се блендираат и се печат на нелеплива загреана тава, по потреба на малку кокосово масло. Ако смесата е премногу густа, се додава малку млеко за да се разреди. Треба да се добијат 5-6 палачинки, во зависност од големината на тавата.

2. Готовите палачинки се редат една врз друга и секоја од нив се премачкува со прелив, приготвен од наведените состојки. Се редат и тенко исечкани киви и банана.

3. На крај, одозгора се преливаат палачинките со вишни, кои претходно се приготвуваат на тивок оган во мало тенџере, со две лажички чиа-семе и се пасираат додека се добие смеса како слатко или џем. По желба, може да се додаде и мед.

4. Готовата торта од палачинки се остава во фрижидер неколку часа. Уживајте во вкусот!

ЧОКОЛАДНО СРЦЕ

Романтичната филмска вечер не може да биде комплетна без вкусен, чоколаден десерт во форма на срце. А Мартина Илова (@_somethingsmellsgood_) сосема случајно ја добила идејата за овој рецепт, исто како што сосема случајно се раѓа љубовта меѓу главните ликови во нејзиниот омилен филм „Како да изгубиш момче за 10 дена“ (How to Lose a Guy in 10 Days). Уживајте!

Состојки: 

  • 2 плочки лиснато тесто
  • чоколаден крем

За декорација:

  • замрзнати малини
  • шеќер во прав

Приготвување:

1. Расучете ги лиснатите теста на дебелина од 0,5 мм.

2. Премачкајте го едното тесто со крем, па поклопете го со другото. Со помош на калап или нож, исечете форма на срце.

3. Доколку го декорирате тестото, на средината ставете калап во форма на срце и наполнете го со грав, за да не нарасне делот во средина додека се пече.

4. Печете 20-25 минути на 180˚Ц, во зависност од рерната. Кога ќе биде готово, декорирајте по желба. Во рецептот искористени се замрзнати малини и шеќер во прав.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Храна = љубов: Освојте го срцето на вашите сакани со овие неодоливи рецепти!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.