Храна = љубов: Освојте го срцето на вашите сакани со овие неодоливи рецепти!

Љубовно мени

Нашите блогери за храна приготвија превкусни љубовни специјалитети

Патот до срцето е преку стомакот – добро познато клише што крие голема вистина во себе. Имено, едно австралиско истражување покажало дека 50 отсто од испитаниците сфатиле дека се вљубени во партнерот токму додека вечерале заедно! А ние се надеваме дека ќе го освоиме вашето срце со љубовните рецепти во продолжение…

ЉУБОВЕН РОЛАТ

Солениот ролат е омиленото предјадење на многумина, а најдоброто од сè е што состојките за полнењето можете да ги одберете по ваша желба. Декорирајте го со неодоливи срценца како што тоа го направи Елизабета Пешовска (@my_little_kitchen_stories) и ќе добиете вистински љубовен ролат!

Состојки:

За срценцата:

  • 1 белка
  • 1 лажица шеќер
  • 1 лажиче масло
  • 3-4 лажици брашно
  • црвена прехранбена боја

За ролатот:

  • 4 белки
  • 4 лажици брашно
  • 1 лажиче сол

За полнењето:

  • 100 г крем-сирење
  • 100 г кисела павлака
  • 100 г сечкана шунка
  • сол и зачини по избор

Приготвување:

1. За срценцата, потребно е да ги изматите белките со шеќерот додека добиете цврст снег и потоа со мешање да ги додадете маслото и брашното. Смесата треба да биде погуста од смеса за палачинки.

2. Потоа, префрлете ја смесата во готварски шприц и на плех обложен со хартија за печење, цртајте срценца по целата површина. Ставете ги во замрзнувач околу половина час.

3. За ролатот, исто така изматете ги белките во цврст снег и додајте ги солта и брашното. Потоа, сипете ги врз срценцата и печете ги на 170˚Ц, најмногу 10 минути. Погледнувајте ги одвреме-навреме за да не ви пожолтат белките при печењето.

4. Завиткајте го ролатот навнатре со крпа и оставете го да се олади. Измешајте ги крем-сирењето, павлаката, шунката, солта и другите зачини по желба и филувајте.

ЌОФТИЊА ВО СОС СО ШПАГЕТИ

Се сеќавате на сцената од цртаниот филм „Дамата и скитникот“, кога вљубените кучиња се на вечера и токму шпагетите со ќофтиња се виновникот за нивниот прв бакнеж? Оттогаш ова јадење важи за едно од најромантичните – пригответе го по рецепт на Теодора Георгиевска (@gotvime.so.tea) и нема да погрешите!

Состојки:

  • 400 г мелено јунешко месо
  • 1 главица кромид
  • 1 јајце
  • 3 лажици лебни трошки
  • 2-3 чешниња лук
  • 300 мл сос од домати
  • 200 мл вода
  • 1 лажица брашно
  • сол и црн бибер
  • 1/2 лажиче шеќер
  • 2 лажички оригано
  • мешан сув зачин
  • масло
  • 200 г шпагети

Приготвување:

1. Ситно исечкајте го кромидот и ставете го во длабок сад заедно со меленото месо, солта, биберот, мешаниот сув зачин, јајцето, лебните трошки и ориганото. Убаво измешајте ги и од оваа меса со намрсени раце формирајте мали топчиња.

2. Наредете ги на тавче обложено со намрсена хартија, напрскајте ги со масло и ставете ги да се печат во загреана рерна на 250˚Ц, 15-20 минути. Во меѓувреме, ставете ги шпагетите да се варат.

3. Откако ќе се испечат ќофтињата, направете го сосот. Во длабоко тавче ставете да се загрева масло и потоа додајте го ситно сечканото лукче да се пропржи. Додајте го брашното и пржете 1-2 минути.

4. Потоа, непрекинато мешајќи, додајте ги водата и сосот од домати. Посолете, додајте го шеќерот и 1 лажиче оригано. Оставете го сосот да крчка 2-3 минути. Потоа, додајте ги ќофтињата и исклучете ја ринглата.

5. Послужете ги ќофтињата заедно со шпагетите и уживајте!

ЧОКОЛАДНИ МИНИ-ТОРТИЧКИ

Убаво е кога се споделува љубов, особено преку храна. Покажете им на вашите сакани колку ви значат со овие слатки мини-тортички по рецепт на Тања Ѓореска (@tanjas.kitchen), која вели дека „храната зачинета со љубов и внимание е повкусна од која било друга храна“.

Состојки:

За кората:

  • 4 јајца
  • 200 г шеќер
  • 50 мл масло
  • 250 мл млеко
  • 9 лажици брашно
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 1/2 лажица какао
  • 100 г чоколадо за готвење (рендано)

За филот:

  • 100 г какао
  • 100 г шеќер
  • 100 мл млеко
  • 250 г маргарин
  • 200 г еурокрем

За декорација:

  • чоколадни стапчиња
  • чоколадни бонбони

Приготвување:

1. Во сад за матење се ставаат јајцата и шеќерот и се матат, па се додаваат преостанатите состојки за кората и се мешаат со дрвена лажица додека се добие хомогена смеса.

2. Смесата се става во тава за печење обложена со хартија (може да биде помала за да излезе тестото повисоко), па се пече на 180˚Ц, 30-40 минути.

3. Откако ќе се испече, кората се сече на 3 слоја и со калапче се вадат помали кругови кои ќе се искористат за тортичките.

4. За филот, во сад се ставаат какаото, шеќерот и млекото и се соединуваат. Во друг сад со миксер се матат маргаринот и еурокремот, па се додава смесата со какаото и се мати сето тоа заедно.

5. Се става кора, се премачкува со филот, па постапката се повторува со 4-5 корички.

6. Тортичките се обложуваат од страните со чоколадни стапчиња, а во средината се ставаат бонбончиња. На здравје!

ЗДРАВИ ЉУБОВНИ СРЦЕНЦА

Не очајувајте доколку внимавате на линијата – можете да освоите нечие срце и со здрав десерт. Само пробајте ги срценцата на Рената Митевска (@healthy_corner_mk) и уверете се во тоа и самите.

Состојки:

  • 100 г интегрално брашно
  • 100 г брашно од хељда
  • 70 г овесни снегулки
  • 100 мл маслиново масло
  • 3 лажици мед
  • 1 прашок за печиво
  • 1/2 лажиче сол
  • 1 лажиче цимет
  • 1 лажиче мелен лен
  • 1 лажиче сусам
  • околу 60 мл кокосово масло

Приготвување:

1. Измешајте ги сите суви состојки. Потоа, додајте мед и маслиново масло. На крај, додајте млеко и со раце замесете тврдо и мазно тесто.

2. Ставете го тестото во фрижидер околу 15 минути.

3. Оладеното тесто замесете го на малку набрашнета работна површина и расучете го со сукало на дебелина од околу 1,5 см.

4. Со еден поголем и еден помал калап, извадете форми од тестото и наредете ги во плех обложен со хартија за печење.

5. Печете ги во загреана рерна на 180˚Ц, 12-15 минути. Важно е да не ги препечете за да не бидат многу тврди. Затоа, по печењето ќе останат малку меки на допир, а при ладењето ќе станат поцврсти.

6. Наполнете ги со џем по ваш вкус и уживајте.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Вкусен афродизијак: Три специјалитети што го зголемуваат либидото и претставуваат вистинско уживање за непцата!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.