Колумна: Маж наречен прељубник

Која е сега Елена?

Ненадеен телефонски повик од женско лице среде ноќ ја наведе Дуда да поверува дека нејзиниот Владо ја изневерува. Очајна, веднаш ѝ се пожали на својата најдобра другарка Гога, но кога телефонот повторно заѕвони следната вечер – не ни претпоставуваше какво изненадување ќе ѝ се случи

Злото никогаш не спие

„Гога, ме разочара. Ептен ме разочара. Никогаш не се надевав на вакво нешто. Но гледаш – таа постои. Изгледа има многу храброст кога му се јавува дома… А тој, лажго еден, демек нема поим. Има образ да ме гледа в очи и да ме лаже! Вистинско говедо е. Немам зборови. Сите се исти“.

„Ете гледаш, а мене ми се чудеше кога буричкав во мобилниот на Блажо! Постојано мора да внимаваме. Злото никогаш не спие.“

Каде ми беше паметот?

Требаше да внимавам. И да го проверувам одвреме-навреме. Каде оди, што прави… Паметните жени ништо не оставаат на случајност. А јас, мозокот на пасење, сите четири во вис, си мислам… не и мојот Владо… Ете ти го и Владо! Мислев дека Гога е одвратна, параноична, како само може да му претура по џебовите, да му ги чита мејловите, поштата, да му буричка во фиоки… Но ете, имала жената право. Си го штитела бракот од секакви женишта. И не ѝ се јавија нејзе во три сабајле… А јас му верував на својот маж – додека не ни заѕвонија.

Сега можам само да се сликам. Сега знам кој е тоа. Сега знам како им било на кутрата Џеки Кенеди и на Хилари Клинтон, и на Лејди Ди и на сите оние жени пред и по нив… Ниеден од тие мажи не почнал веднаш да ги изневерува. Немало „добар ден, јас сум таа и таа, а сега соблечи се, па да го направиме тоа.“

Тоа почнува безопасно, одоколу. Прво љубезно се јавуваат еден на друг, па случајно се среќаваат на пауза, па остануваат подолго на работа, и ете ти беља додека си рекол кекс! Таа е помлада, поубава, поинтригантна, носи пократки фустани, се фрцка додека оди.

Таа е она што жена му не е. А жена му, во случајов ЈАС, не е сето тоа – бидејќи перењето, пеглањето, одењето на пазар и акањето со мајстори не одат рака под рака со тоа фрцкање.

Додека таа носи високи потпетици, јас гледам да обујам нешто удобно, нешто од што нема да ме болат нозете. Додека таа избира градници со циркони, јас се двоумам помеѓу ова и она средство за отстранување бигор. Додека јас спијам, таа би зборувала со Владо. Е па не може и точка!

Преземам порадикални мерки

Ќе го исклучам телефонот. Ќе му го избришам мејлот. Ќе му го хакнам Фејсбукот. Не е лесно, но што се мора – не е тешко. Па да видам дали ќе му се доближи некоја… да го боцка, твитува, чатува, есемесува. Мојот Владо е смотан. Тој не ги капира тие женски стапици. Еднаш некоја од работа до бркаше демек за некои документи, а накрај му испрати порака во стилот „колега, ние никако да се фатиме“. Тој застанал и гледа. Не сфаќа. Знам јас на какво фаќање мислела.

„Кај ти се документите?“, до прашав. Јас лично ќе ѝ ги однесам. Па кога ќе ја фатам, ни на крај памет нема да ѝ падне да ти испрати порака. И не ги испраќање. Но оваа не успеав да ја пресретнам.

Па што ако сум посесивна

Елена. Како ли изгледа? Колку години има? Од каде се знаат? Како се запознале? Никогаш не ми спомнал некоја Елена. И што ли видела кај него? ОК, ова беше ниско. Од каде да знам јас што видела. Нешто очигледно видела.

Мојот маж не е некој убавец. Не е Бред Пит. Но затоа е бесконечно духовит. Умее да зборува. Има шарм. Но бадијала шармот кога ме има мене. Јас сум полоша од сите шармови и финти – кога ќе се залепам, не пуштам. Факт дека сум посесивна, па што! На крајот на краиштата, тој е МОЈ маж, а не таму на некоја си…

Пропаднав 20.000 милји под море

„Мамо”, ме тресе Бони. „Мамо, ѕвони телефонот. Некоја дада го бара тато.“ „Тешко мене, еве ја пак“, велам и скокам од кревет. „Ало…“ „Добровечер. Дали може да го добијам Владо?“ „Владо не е тука. А извини, душо, зошто ти треба Владо?“

„Па знаете, тој не ми ја врати книгата, а тоа е книга од библиотека, двапати ми се јавија досега…“ „Книга? Која книга?“ „Дваесет милји под море…“ „Да, да…знам. Јасно ми е… А кажи ми, дете, колку години има тој твојот Владо?“ „Шеснаесет и пол. Зошто ме прашувате?“

„Ништо, онака. Шеснаесет и пол велиш?“ „Па не знам, можеби има седумнаесет, не сум сигурна.“ „Аха. Не грижи се за книгата, лично ќе ти ја донесам. Ќе ја платам и казната… Ах, тие момчиња. Навистина се несериозни.“ „Владоооо, Владо, душо, дали ти си го читал Жил Верн како мал…?“

Текст: Дуда Алапача

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.