ДУДА АЛАПАЧА ВО ЕПИЗОДАТА… За брокули… и уште некои лекции за љубовта

„Џабе ‘везам’. Таа љубов ќе можеш да ја разбереш кога и самата ќе имаш дете, еден ден. Не пред тоа. Бидејќи така оди тоа“

Ако децата ги тераме на нешто што и самите не го сакаме, не значи дека не ги сакаме. Токму спротивното – ги сакаме толку многу колку што не можат ни да замислат. А го правиме тоа затоа што сакаме да ги подготвиме за животот, кој не е песна.

„Мене никој не ме сака“, рече Бони и измаршира во собата. Овој пат, ене, ја тресна вратата. „Јас те сакам“, кажав. „Да ме сакаше, немаше да ме тераш да јадам глупави брокули“. „Здрави се“, реков. „Глупави се“, фрчеше таа. „Глупави или неглупави, мора да ги јадеме“, кажав. „Не се живее само на сендвичи.“ Се фрли на креветот и го нурна лицето во перницата. „Ете, не ме сакаш“, повтори. Те сакам, си помислив.

Те сакам повеќе одошто можеш да замислиш. Бадијала ти зборувам. Таа љубов ќе можеш да ја разбереш дури откако ќе имаш свое дете, еден ден. Пред тоа – не. Бидејќи така оди тоа. Кога ќе родиш една малечка, иста како тебе, и кога ќе почне да те загрижува и „да ти го јаде џигерот“, исто како што ти го јадеш мојот сега, доведувајќи те до работ на солзи, ќе сфатиш што значи да бидеш мајка. И да сакаш некого. Пред тоа, би сакала да сфатиш уште некои работи што би можеле да ти помогнат во блиска иднина.

#1 Биди тоа што си

Ако некој ти каже на училиште дека си грда (а не си грда, само што не си свесна за тоа сè уште), помисли дека си вистинско мало ремек-дело, мое и на татко ти. Никогаш во животот нема да направиме нешто што е совршено како тебе. Ти си совршен спој на нашите хромозоми, во тебе се вткаени нашите најдобри делови. Она што ние не успеавме да го развиеме, кај тебе е вклопено во совршена сложувалка. Ништо не ти фали.

И убава си! Не слушај што зборуваат, љубоморни се, завидливи, пакосни. О, да, и такви деца има. Зла што одат во мини-пакување. Ќе ги среќаваш, одвреме-навреме, низ животот. Ќе те хранат со сопствената несигурност, слабост и страв. Некои од нив лесно ќе ги препознаваш, некои не.

Едните ќе бидат поотворени, а другите ќе се кријат зад своите „најдобри другарки“, популарни фаци. Ќе знаеш кога ќе ги сретнеш, затоа што покрај нив никогаш нема да бидеш среќна, никогаш нема да бидеш вистинската ти. Но ќе преживееш. Сите преживуваме. И тоа е дел од растењето, од животот – безброј пречки што ќе мора да ги совладаш пред да станеш човек. Човек со големо „Ч“. Ќе сакаш. И ќе бидеш сакана. И ќе оставаш.

Поради тоа што си и поради тоа што не си. Но не плаши се секогаш и на секое место да бидеш тоа што си ти. Бидејќи си прекрасна. И не дозволувај да те убедат во спротивното. Не дозволувај да направат од тебе нешто што не си, да те обликуваат како што ќе посакаат. Затоа што луѓето умеат да бидат изопачени. Да го кажуваат најлошото. Да удираат ниско, најниско. Ти биди тоа што си, а не тоа што сакаат другите. Биди ти.

И бори се за себе. Бори се за она во што веруваш, бори се за правдина, секогаш, а особено кога е тешко. Не ја следи масата. Масата не размислува и ретко е на вистинскиот пат. Не избирај го тоа што го избрале другите, бидејќи сите грешат, главно. Не избирај нешто што се очекува од тебе. Не слушај музика што не ти се допаѓа, не читај книги што не ги разбираш – само затоа што се популарни. Пред да одлучиш да станеш дел од глутница, племе, што било – размисли дали твоето место е меѓу нив.

#2 Дај сè од себе да грешиш помалку

Секогаш оди по вистината. Вистината не греши. Не дозволувај да ти пласираат лаги. За тоа како треба да изгледаш, за местата на кои треба да бидеш видена, за храната што треба или не треба да ја јадеш, за музиката што треба или не треба да ја слушаш, за луѓето на кои си им… Светот е полн со ова и она. Со добро и помалку добро. Ако не си сигурна, послушај се себеси, тоа притаено гласче што го нарекуваме интуиција. Ако твојата совест, твоето мало штурче ти каже дека грешиш, повлечи се и откажи се. Доколку не си сигурна дека тоа што го правиш е добро, помисли на нас.

Помисли што би кажале ние за тоа. Така ќе знаеш дали си на вистинскиот пат. Секако дека ќе правиш и грешки. Но сите правиме, и тоа е во ред. Застани, размисли, извлечи поука, избриши ги колената, исправи се и туркај понатаму. Единствен начин да одиш напред е да се упатиш во тој правец. Не размислувај за минатото. Што било – биднало. Ти ништо не можеш да смениш. Но не размислувај многу ни за тоа што ќе биде. Никој не знае што ќе биде. Не заморувај се со глупости, можат сериозно да ти го нарушат мирот. Обиди се да живееш во сегашниот миг, само тоа се брои. А што и да правиш – дај сè од себе. Само така ќе успееш.

Светот не ги сака половичните, млаките. Верувај ми! Биди студена или врела, но никогаш млака. А ние секогаш ќе бидеме покрај тебе. И кога денот е лош. И кога луѓето се толку злобни што нема полоши. И кога ќе помислиш дека целиот свет е против тебе и постои само за да ти го загорчува животот и да те натера да се откажеш – ние секогаш ќе бидеме тука. За сите твои добри и лоши одлуки. За сите твои избори. За разговор и за молчење.

За седење во скут и кога ќе станеш поголема од нас, па и кога ќе бидеме стари и болни, сенилни, две човечки сенки. Кај нас секогаш ќе имаш место. И на масата, и во срцето. Нашата куќа секогаш ќе биде сигурно место каде што ќе можеш да се одмориш, да закрепнеш, да собереш сили за понатаму или – едноставно да дојдеш на крофни и млеко.

#3 Твоите дела нека зборуваат

Биди добра. Секогаш кога си во можност. Никогаш не мрази, дури и кога мислиш дека мораш, дека имаш причина. Чувај ја својата добрина. Токму таа те штити од сите грозотии на светов. Ако престанеш да веруваш дека си добра, што ќе те зачува? Немој да си горда и да мислиш дека светот се врти околу тебе, дека сонцето свети само за да те згрее тебе. Научи да делиш. Твое е само тоа што ќе му го дадеш на другиот.

Не грабај, не трчај по пари – не постојат пари што ќе те направат среќна. Парите се добри, но претставуваат само средство што ќе ти го олесни животот. А не цел! Како што ќе старееш, така ќе ти станува појасно тоа. Затоа, омажи се од љубов. И расправај се со него, ако мораш, но од љубов. И простувај поради истата љубов. Подарувај. Подели. Не мери, животот не е кантар, па сè да биде точно во грам. Помагај. Молчи. Остави да зборуваат твоите дела. И нека бидат добри, благородни.

#4 И не заборавај ги оние што те сакаат најмногу

Биди трпелива со нас кога ќе остариме еден ден. Не замерувај ни. Ни поради тоа што ќе зборуваме и ќе се движиме побавно, што ќе рониме и валкаме наоколу, што ќе забораваме и ќе оставаме работи зад нас. На старите секогаш им студи, велат. Не замерувај ни ако еден ден нè бањаш и ни менуваш пелени и на двајцата. И ние ги менувавме твоите, душо! И не заборавај да нè посетиш, барем еднаш неделно. И никогаш, ама те молам, никогаш, не принудувај нè да јадеме брокули.

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.