Дуда Алапача во епизодата… СИНА ЧЕСТИТКА

Колумна

Што се случува кога Владо „ќе тркне“ да купи честитка за свадба, враќајќи се дома по неколку часа. И како се справува Дуда со неговото доцнење на свадбата…

Сабота, рано претпладне, доцниме на свадба, а Владо го нема. Така ми е кога го испратив сопругот по честитка! Го орам паркетот нагоре-надолу… Секоја туфна ја избројав на фустанов… Трипати го коригирав тушот на очиве… Прво ме брзаше, за малку ќе изгинев во кадата за да може господинот да се избричи, а сега – седи ти Дудо и чекај.

Го барам на мобилниот – не е достапен! Знаев, кога ќе каже „за пет минути ќе тркнам до бензинската“, тоа значи дека ќе го нема 2 часа! Повторно ќе задоцниме, а доцниме на сите можни венчавки, крштевки, родендени… Додека стасаме, веќе ќе го сервираат ручекот! Во еден и пол ете ти го на врата.

„Па каде си досега?“, почнувам офанзивно. „Седам и те чекам… каде одиш сега?“ „Да се истуширам набрзина.“ „Сега ќе се тушираш? Па нели се тушираше сабајле?“ „Да, ама топло е, а и лежевме под автомобилот…“

 Автомобилот?!

Јас дремам и чекам, а тој се завлекол под автомобилот? „Па зар не можеше друг ден да ги провериш вентилите?“ „Чекај, женска главо, чекај да ти кажам… Нема да веруваш што ми се случи…“ „Ооо, не можам ни да замислам што ти се случило, а толку твои приказни се изнаслушав. Фали само да ми кажеш дека те грабнале вонземјани!“

Господе Боже!

И човекот почна да раскажува… „Отидов до пумпата, но таму немаше честитки, па немајќи каде, одлучив да тркнам до книжарницата… но сабота е и книжарниците не работат во населбава, и така стасав до центарот на градот… Кога таму – паркинг ни за лек! За среќа, најдов отворена книжарница, но додека да паркирам, свртев три круга. Отидов до книжарницата, но во меѓувреме затвориле. Се вратив во автомобилот, па…“

„Добро, Владо, скрати ја приказната, дали најде честитка или не?“ „Чекај! Кога се вратив до автомобилот – имав што да видам. Некој ме закачил и ми го пукнал задниот лев трепкач… И како да одиме на свадба со скршена пластика? Не оди. Му се јавив на Раде и го замолив да ја замениме пластиката. Тој ми рече веднаш да дојдам, бидејќи набрзо ќе замине.

Отидов да купам трепкач, па кај Раде, кога – тече маслото од автомобилот. Го ставивме на канал и додека Раде да го смени маслото и да го замени трепкачот, поминаа неколку часа…“

Љубов луда

„Е па добро, два и пол е и не мора ни да одиме на свадба. Смачено ми е од тебе и од твојот автомобил! Разбирам јас дека го сакаш, но ти претеруваш. Ајде, ти се молам, па автомобилот не е живо суштество!“ Но Владо својот автомобил го доживува како четврт член на семејството. Фали уште сите да нè тера да се собуваме пред да влеземе во него! „Не влегувај со калливите чевли! Немој да рониш, внимавај, ќе ти падне пепелта…“

Како никој друг да нема автомобил – само тој. А на тој што го „чукнал“, алал нека му е! Требало и посилно да го ѕвекне, па да му дојде памет. Ајде, ти се молам, па зар морал токму денес да ја смени пластиката на трепкачот?! Кога падна играјќи кошарка и ја пукна аркадата, не истрча веднаш во болница.

Може и главата да му пукне и тој ќе чека, но автомобилот не може да чека! Бојлерот пола година ни капеше, аспираторот не работи од минатото лето, секогаш иста приказна – утре ќе го средам – но тоа утре никако да осамне!

А автомобилот веднаш го поправа, во истиот миг. Да чистеше дома како што го чисти тој свој крш, кај ќе ми беше крајот! Жими мајка, автомобилот го сака повеќе од мене. Не дека сум љубоморна, само да си кажам…

За „голфот“ има, а за Дуда – не

Го осигури каско. А кој денес дава пари за каско?! Демек, ако му се случи нешто, да не му ја мислиме. Ма немој… А кога сакав да уплатам животно осигурување, многу му беше! Остај, Дудо, тоа е фрлање пари! А ова не е?! Да беше нов „голфот“, па и да го разберам, а вака со парите за каското може да купи гланц нов! И каде пишува дека мора да има оригинал бришачи, масло, акумулатор, сè?

Да вложуваше во мене колку што вложува во автомобилот, денес ќе бев мис на вселената! Ама нееее, за автомобилот има, а за Дуда нема! Сè знам јас, мил мој, сè ми е јасно… Тоа се комплекси, разбирам, па човекот мора некаде да се покаже, а каде ќе се покаже ако не – на автомобилот… „Излези веќе од тоалетот!“

Ми се смачи

„Дудо“, ѕирка од тоалетот, „можеш ли брзински да ми ја испеглаш сината кошула?“ „Па ти ја испеглав.“ „Не таа, другата сина.“ „А што ѝ фали на оваа?“ „Па ми капна малку масло.“ „Молам?! Па знаеш ли ти дека тоа не се вади? И како да ти пеглам нова кошула кога сум облечена? Тешко мене со тебе, постојано ми го правиш ова, секој пат! И што да помислат луѓето освен дека не ги почитуваме… Рекоа во два, и треба да сме таму во два! А сега е два само во Сингапур. И дај ми ја прскалката, мора да ја намокрам кошулава!

Колку е часот? Петнаесет до три. Мислам, навистина, на кој му зборувам јас воопшто…“ „Каде ми се чорапите?„ “Молам? Мене ме прашуваш?! Е Дудо, блазе си ти! Говедо од четириесет и кусур, а поим нема каде му се чорапите! Држи кошулава… Чуј, ја се симнувам долу, ако те нема за пет минути, фаќам такси и сама одам на свадбата, ме разбра! Ми се смачи веќе, трипати се препотив од пеглањево… Пет минути, ме слушна?“

Не се симна за пет

Не се симна ни за десет. Друга не би се ни потресла, десет, петнаесет минути, еден час повеќе или помалку… Но јас се потресувам, мене тоа ме вади од памет. Мислам, ако знае, а знае, дека вакви нешта ме вадат од памет – зошто ми ги прави тогаш нон-стоп?! Зошто само еднаш, барем еднаш не се потруди да не задоцниме, младоженецот и невестата да влезат по нас…

Мртва тишина

Молчевме во автомобилот. Се обиде да ми префрли во стилот: добро, сакаш ли да се вратиме дома, каде одам јас со тебе ваква, и таму ли ќе молчиш за да ми се смачи и свадбата и сè… Јас си молчам, ја проверувам шминката во ретровизорот… Барем некое фајде од колава!

Владимирееее!

„Зеде пари?“ „Да.“ „Имаш ситно за музиката? Немој таму да ми се правиш фраер, за китење се дава симболично, не се мажат тие, туку само ги китат сватовите, разбра? А за песна – по десет евра максимум! Знам јас дека, ако ти се погоди песната, ќе ги дадеш и куќата и имотот, па утре нема да имаме ни леб да јадеме. И не мора да ги купиш сите слики што ќе ти ги донесат. Ако не ти се допаѓа како си излегол, слободно кажи!

Ако на фотографијата ти се гледаат увото и пола рамо – не купувај ја! Јас ќе сликам со мобилниот, мислам 150 денари од слика е грабеж! А ако нè седнат на маса со Петровски, не спомнувај го плацот на Водно, знаеш дека им е лута рана, браќата никако да се договорат – не се знае кое чие е. Дај да им ја потпишам честитката… Како се вика невестата? А, бе, каде ти е честитката? Во кошулата дома? Леле, мајко, моја, навистина си дебил! И во што да ги ставам парите сега? Не, не можам да им дадам пари во син плик!

Тоа е покана кај судија за прекршоци! Чекај малку… кај судија за прекршоци?! Како мислиш „ништо не е“… чекај… Остави ме да видам, а ти гледај каде возиш! Се одредува казна од 30 илјади… Триесет илјади?! Застани да слезам… не ми е добро!“

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.