КОЛУМНА Збор-два за култот на телото, за обликувањето на совршена фигура и за нејзино одржување

Значи, сите висат во теретани?!

Она што денес се нарекува „истражувачко новинарство“, порано се викаше само новинарство. Знаете, порано се претпоставуваше дека новинарот има поим за што зборува и дека, за да ги информира читателите, ќе се обиде да дознае некакви факти за она за што планира да пишува. Но тоа беше пред луѓето, и што уште потрагично, пред новинарите да почнат да се информираат преку социјалните мрежи.

Да, го видов пожарот и ги избројав жртвите, но брзам дома да видам што мислат за тоа луѓето што се илјада километри далеку оттука, па ќе ти го јавам мојот конечен став. Веднаш да ти кажам, нема да лајкувам, бидејќи има и мртви!

Фото: Getty Images

Јас настојувам во случаите кога паметувам и го ширам моето ценето мислење да се придржувам до темите што ги разбирам. Така спречувам да излезам глупав во друштвото. Кога и да ви се обраќам од овие страници, тема се некакви машко-женски односи. Некој помислил дека се разбирам во нив, па ми ја довери оваа работа. Се разбира дека не се разбирам! Но ме спасува тоа што оваа тема може да се подели на неколку помали, па некако се снаоѓам.

Ова ви го зборувам зашто сега сакам да пишувам за нешто за што немам поим, но ни став! Би сакал да ви кажам збор-два за култот на телото, за обликувањето на совршена фигура и за нејзино одржување. Но сепак изградив сопствено мислење!

Забележав дека младите луѓе (и јас сум млад, жими сè!) последниве години сè повеќе внимаваат на телото и зборуваат за тренинзи. Како некој што расчистил со тренирање по завршување на средно училиште, си помислив: браво, ептен сме спортски народ. Но што ли тренираат овие луѓе? Дали е основан некој нов фудбалски клуб? Во кафеана, во јавен превоз, во ред во банка… Секогаш ги слушам речиси истите приказни на младите околу мене:

Е, таму каде што тренирам…“, „Кај мене на тренинг, вчера…“, „Можеме утре по тренингот…“.

Е, па кога и една женска персона ми го помести состанокот „затоа што мора на тренинг“, решив да ја испитам целата ситуација.

Извини, а што тренираш? И од кога?“ „Како што? Па одам во теретана. Фитнес, пилатес… Тренинг!“

Значи, сите тие дремат во теретани? Фитнес не е римски војсководец и Пилатес не е старогрчки филозоф. А јас поим немам и срам да ми е.

Значи, за потребите на „истражувачкото новинарство“, свесно и по своја волја во јули лани отидов во Охрид – правец плажа. И што да видам! Па таму има само совршени луѓе! Решив да не се разголувам, туку само да испијам нешто и да му ја дувнам што е можно побрзо. Во спротивно, веројатно преку мегафон би ме замолиле да ја напуштам плажата, бидејќи ги прекршувам визуелните стандарди.

А тогаш – финален удар!

Не знам кој ѓавол ме тераше да го прислушувам разговорот на една група совршено обликувани пилиштарци. Покрај нас поминуваа некои „инфлуенсерки“, кои јас веднаш ги вброив меѓу најзгодните жени на свет, а еден инстаграмџија од соседната маса рече:

Види колку ѝ се опуштил стомакот. А треба и нозете повеќе да ги работи….

Гадови едни! Вие не сте луѓе. Па како, бе? Ајде сега јас и вие малку надвор. Вие можеби кревате „бенџо“ или како веќе го нарекувате, но за вакво безобразие тешко вас! Одиме! Маса и искуство против „дефиниција“, мочковци едни разгалени! На оние женски онаму јавете им две работи:

1 Четири лигави, брендирани манекени некое време нема да доаѓаат да џвакаат лажичиња во кафулето на плажата и

2 Нека не се грижат премногу. Ќе ги замени некој што нема никакви забелешки за нивниот изглед. Всушност, нема ни „плочки“ на стомакот, но не можат ни тие да добијат баш сè…

АВТОРОТ ВЕТУВА ДЕКА ЌЕ БИДЕ ПОАКТИВЕН

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.