Домашниот песто-сос е вистински деликатес: Лесно, брзо и вкусно, а применливо на 100 начини!
Дава посебен шмек
Песто-сосот е незаменлив додаток на паста, тортилји, топли сендвичи, како и додаток во месо, разни салати и што уште не…
Како што сигурно знаете, песто-сосот е вистинска ѕвезда на италијанската кујна. Овој феноменален сос на база на босилек има освежувачки вкус и се користи во безброј варијации при приготвувањето храна, на која секогаш ѝ дава посебен шмек.
Состојки:
- 1 шолја свеж босилек, што повеќе иситнет
- 2/3 шолја иситнети пињоли (можете да ги замените и со бадеми или индиски ореви)
- 3 супени лажици рендан пармезан
- 2 чешниња иситнет лук
- 1 кафена лажица лимонов сок
- малку магдонос
- маслиново масло
- морска сол
Приготвување:
Ставете ги сите состојки во блендер и добро измешајте ги. Внимавајте на количината на маслиново масло – тоа ќе ја одреди густината на песто-сосот. Секако, сосот не смее да биде сув, но внимавајте и да не претерате со маслиновото масло за да не биде премногу редок.
Песто-сосот можете да го чувате во тегличка до 4 дена во фрижидер, а за подолг период, треба да го замрзнете.
Добар апетит!