Александар Ристовски-Принц: Не се тркам во ничија трка!

Ексклузивно интервју

215

„Тешко можам да разберам бендови како „U2“, кои не смениле состав цел живот. До толку да не те интересира да пробаш поинаков звук и енергија… Ропство!“

Иако го носи неговиот прекар, нашиот Александар Ристовски многу се разликува од американскиот Принц. Со принцот на македонската музика поразговаравме за неговата музика и кариера, стил, а сосема малку ѕирнавме и во неговиот семеен и приватен живот…

Александар Ристовски-Принц ја прероди македонската поп-музика кон крајот од 1990-тите и почетокот на 2000-тите, остави свој личен печат благодарение на препознатливиот авангарден стил, а заразните рефрени на „Сања Лазања“ и „Фројд е жив“ засекогаш ќе бидат запаметени во нашата музичка историја. Во 2013 година, неговиот бенд „Барбарела“ ја оживеа рок-музиката, а во јануари годинава тој повторно нѐ извлече од секојдневната музичка монотонија со песната „Шарена банана“.

„Сања Лазања“, „Шарена банана“… Се чини дека споредбата помеѓу женскиот пол и храната се провлекува во некои твои песни. Која е поврзаноста?

Што е и лек и отров? Храната! Кога сексот ти е храна, нормално е спонтано да ги поврзуваш едно со друго. А понекогаш и храната знае да биде секс. Не верувам во повисоката цел на постоењето на човекот, затоа ова животче што го имам го трошам на работи што ги сакам, без да се нервирам на глупости. Музика и жена, чао!

Велиш дека песните од новиот албум „Шарена банана“ се различни од сѐ друго што си направил досега. Што значи тоа? Каква музика можеме да очекуваме?

Тие разлики се забележуваат во финесите на аранжманите и продукцијата што мене ми изгледаат големи, а можеби на другите ќе им звучат како стариот Александар Принц. Мислам дека новиот состав на бендот ја направи таа разлика. Затоа тешко можам да разберам бендови како „У2“, кои не смениле состав цел живот. До толку да не те интересира да пробаш поинаков звук и енергија… Ропство!

Музичарите најчесто добиваат инспирација од личните, но и од туѓите животни приказни, а понекогаш и од секојдневните случувања. Како е во твојот случај? Што те инспирира најмногу?

Ништо не може да те инспирира повеќе од хемијата кон жена. Зависи од периодот. Во ова исполитизирано време, кога сите се политичари низ дома и на улица, глупаво е да пишуваш и да се занимаваш со истото тоа и во уметноста. Во принцип, во вакво време речиси е невозможно да се занимаваш со уметност кога политиката остава многу несреќни луѓе зад себе. А сето тоа е само фатаморгана. Политика не постои, само интереси.

Не криеш дека Принц извршил најголемо влијание на тебе како музичар. Кои се сличностите и разликите помеѓу тебе и оваа музичка икона? Си се обидел ли некогаш да го имитираш?

Секој омаж кон Принц бил спонтан, имам јас многу омажи во себе, но пошироката јавност не ги препознава. Инаку, без да бидам непотребно скромен, мислам дека си имам свој музички израз. Не се тркам во ничија трка, сам си трчам и си лижам лижалче.

Покрај музиката, изгледа дека режирањето е уште една сфера во која се пронаоѓаш себеси, со оглед на тоа што се потпишуваш како режисер на некои видеоспотови. Што ти претставува поголем предизвик: музиката или режирањето?

Никогаш не сум се нарекол себеси режисер, ниту што било друго. Режијата не може да се спореди со музиката. Музиката се занимава со универзумот. Режијата склопува многу други уметности во едно пакување, а изразните средства што се исклучиво режисерски, можеш да ги споредиш приближно со два такта од едно комплексно музичко дело.

Епитетите авангарден и ексцентричен некако природно се поврзуваат со твојот стил и моден израз. Тоа е генералното мислење на јавноста. Како ти би го дефинирал твојот стил?

Немам визуелно сознание за мојот стил. Јас само чувствувам дали ми се свири носејќи одредено парче облека. Тука се испреплетени амбициите, љубовите, хормоните, комплексите… Тоа доаѓа спонтано. Јас сум отворена книга. Оној што се разбира во тоа, ќе дознае многу работи за мене уште пред да ме запознае.

Некои музичари се обидуваат да го затскријат недостигот од талент со помош на раскошен сценски настап, придружен со кореографии, танци и впечатливи костими. На некои музичари, пак, доволно им е само да застанат на сцената и да покажат што знаат. Колку е значаен сценскиот настап за еден музички изведувач? Колкаво внимание обрнуваш на тоа како ќе изгледаш на сцена и дали некој ти помага?

Индивидуално е. Кај некого е доволно само да застане на сцена, кај некого не е. Ако некој чита поема, нема потреба да скока по сцена, но ако ја игра „Вардарски пастуви“, тогаш ништо од претставата. Исто е и во музиката. Ако јас не изгледам на сцената како што треба, или самата сцена не изгледа како што треба, не ни излегувам на неа, што значи важно ми е, многу важно. Важно е и за публиката, која не смее да се потценува. Таа си сака и си бара.

Редовно објавуваш видеа од ќерка ти Стефанија како свири на пијано. Син ти Јаков, пак, свири на тапани. Би сакал ли твоите деца да тргнат по стапките на татко им и да се занимаваат со музика? Како твојата љубов кон музиката влијаела на нивното воспитување?

Ја само им велам да не бидат „сељаци“. Им ги правам работите достапни, а тие сами одлучуваат што и колку сакаат. Сосила ништо не бива. Мислам дека сум успеал, заедно со мајка им, да им овозможиме да се развијат во личности што имаат изградено свој вкус, кои имаат апетити и љубопитност за ново и ново, но со колку-толку изграден критериум. Кога ќе искоментираат нешто во врска со некоја музика, да се зачудиш дека тоа излегува од дете што се родило децении по хитовите на Иги Поп, Пол Велер и слично, а зборува како да било на журки со тебе!

Каков татко е Принц? Строг или попустлив? Кои се најважните вредности што сакаш да им ги пренесеш на твоите деца?

Јас сум и двете. Важно е да се знае кога е време за едното, кога за другото. Најважните работи сум им ги набројал на прсти, а сѐ друго си е нивно:

– Прво мора да си здрав за себе за да му бидеш од полза на некој друг.

– Не треба да имаш гладни очи, зависта ќе те направи несреќен и незадоволен со себе.

– Биди вреден, мрзелив ни дома нема да те трпат, а не пак надвор од домот.

– Не биди „сељак“, убавите работи не се на дофат, треба да ги истражиш.

Дали мажите се венчаваат кога ќе ја пронајдат вистинската или само затоа што е време за тоа. Што мислиш на оваа тема? Како беше во твојот случај?

Јас уште во првата секунда знаев дека ќе ми биде жена, во првата минута ѝ ја почувствував енергијата. Со поглед ѝ кажав сѐ. Подоцна ми кажа дека ми го фатила погледот во таа секунда и ме разбрала. За другите не знам.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: Приватна архива

 

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време