Јелена Томашевиќ ексклузивно за „Убавина и здравје“ ги открива своите бјути-тајни

„Обожавам ајлајнер и црвен кармин. Сепак, внимавам да не изгледам секогаш исто“

1,339

Харизматичната пејачка вели дека не смееме да ги занемариме својата надворешна и внатрешна убавина, затоа што ова дуо ја прави жената мистично убава

Каков е вашиот став кон козметиката – се држите до проверените формули или им давате шанса на новите?

По препорака на мојот дерматолог, кремовите ги менувам на неколку месеци. Како и секоја жена, сакам да ги пробам новитетите. Многу сум задоволна од кремовите Shiseido.

Дали редовно одите на козметичар?

Со задоволство одам на козметички третмани на лицето, од кои, покрај класичниот биолошки третман, правам и хемиски пилинг на кожата, но и плазма-лифтинг, кој дава одлични резултати, особено за време на студените денови.

Како изгледа вашата вечерна нега?

Кога навечер ќе го ослободам лицето од шминка (по 10 или повеќе часа), имам впечаток дека кожата ми се разбудила. Шминката ја отстранувам со млеко за лице Matis, а потоа го мијам со гел/La Roche-Posay Effaclar. На крај нанесувам SkinCeuticals Serum 10  со витамин Ц, со кој одам во кревет. Кога ќе се разбудам, нанесувам хидратантен крем Uriage AquaPRĒCIS.

Кој се грижи за вашата професионална шминка?

Се грижат неколку мои драги луѓе, врвни шминкери. Од шминка, претпочитам ајлајнер и црвен кармин. Сепак, земајќи предвид дека сум често на телевизија, водиме сметка за тоа да не изгледам секогаш исто.

Дали успеавте да „украдете“ некоја тајна од професионалците?

Секогаш ги набљудувам како работат. Но кога ќе се обидам да го применам тоа што сум го „научила“, не излегува онака како што очекувам. Всушност, можам да се пофалам дека умеам да го нанесам ајлајнерот во еден потег, како вистински професионалец. Тоа го научив уште додека играв фолклор, затоа што настапите бараа поинтензивна шминка.

Дознавме дека и вашата ќеркичка Нина одамна почнала да се интересира за шминката. Што ѝ е дозволено?

Розови кармини за уста, четки за руменило со кои божемски нанесува нешто на лицето и моите потрошени маскари. Меѓутоа, денес може да се купи и шминка за деца, која се отстранува многу лесно.

Кога почнавте вие сериозно да се шминкате? Дали се сеќавате на брендовите што биле актуелни во тоа време?

Се сеќавам на моето „прешминкање“ во времето кога играв фолклор. Неизоставни беа ајлајнери, темни сенки и црвен кармин. Тогаш популарни брендови беа Golden Rose и Max Factor, кои се и сега застапени на пазарот.

Кој се грижи за вашата коса?

Веќе осум години соработувам со Александар Глигориевски, кој е мошне талентиран во работата и прекрасен човек. Често му велам: „Имаш половина час да ме средиш“, а некогаш се брзам толку многу што буквално за десет минути ми ја средува косата. За среќа, секогаш успева да ми направи одлична фризура.

Дали Александар успева да ве наговори да експериментирате со изгледот?

Доволно експериментираме. Ја скратувам, си играм со разни фризури, ми се допаѓа како ми прилега афро-стил, ја имам менувано бојата на косата, извлекувано прамени… Ми се допаѓа и како ми стои залижана коса. Иако, генерално, потребна е храброст за промени, јас не бегам од нив, под услов, доколку не сум задоволна, да можам да се вратам на старото.

Кои се вашите алатки за нега на косата во домашни услови?

Многу сум задоволна од шампоните и маските за коса на Loréal Paris.

Дали редовно правите маникир?

На секои три недели одам кај професионалци да ми ги средат ноктите.

Дали семејните и професионалните обврски ви оставаат време за фитнес?

За жал, не успеав да им се посветам на редовните тренинзи. Одев во фитнес-центар каде што половина час до 45 минути одев на подвижна лента. Иако тоа не може да се спореди со тренинг што трае час и половина до два, многу ми значи. Еднаш неделно мора да издвојам време за тоа. За да го издржам напорниот период, со мојата нутриционистка се консултирам за исхраната.

Кои жени ги сметате за свои идоли кога станува збор за убавината?

Оние што се негуваат однадвор и однатре, затоа што само комбинацијата од тие две нешта ја прави жената мистично убава. Токму така ми изгледа Џулија Робертс.

Разговарала: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.