Жени на робијаши: Слепа љубов или страв?

Дознаваме од прва рака

Како живеат жените чии сопрузи отслужуваат затворска казна? Презир од околината, понижување во „љубовната соба“, живот во страв… се само некои од деталите што се дел од секојдневјето на нашите три соговорнички.

Зошто на многу жени им се допаѓаат жестоки момци? Психолозите со години се обидуваат да ја одгатнат оваа мистерија, на таа тема се напишани илјадници книги, а исто толку и одговори. Можеби е вистина дека изгледаат повозбудливо, послободно, порешително и похрабро, но обично врската со нив скапо ќе ве чини.

Бидејќи и покрај тоа што своите дами „ги чуваат како вода на дланка“, тие се нивна сопственост и нема простор за премногу прашања, едноставно, апсолутна покорност и молчење се подразбираат.  А ако прекршат некое правило – се знае што следува…

Насилство, па дури и убиство на партнерката се честа појава во таквите врски, кои, од друга страна, имаат и дополнително оптоварување – овие мажи по правило му припаѓаат на криминогеното милје. Не е реткост, кога ќе завршат во затвор, нивните девојки и жени како маѓепсани ги чекаат ретките средби со нив и не им паѓа ни на ум да свртат нова страница во животот.

Се разбира, има и такви што конечно излегуваат од маѓепсаниот круг на зависност од „љубовта“, која всушност никогаш не ни била љубов. Токму за таквите искуства зборуваат три жени чии партнери, на времето жестоки момци што жареле и палеле во подземјето, се осудени на долгогодишни затворски казни.

Живот во страв

Четириесетгодишната скопјанка Б.К. неколку години била во брак со криминалец чие апсење, и покрај тоа што знаела со што се занимава, за неа претставувало голем шок.

„Неговата група беше многу силна, имаа разработено мрежа во полицијата, в рака држеа многу инспектори, дури и началници. Мислев дека нема шанси да паднат, кога една ноќ, пред десет години, дома ни влегоа специјалци. Го фрлија на земја и му ставија лисици, не стаса ни да се облече, а тие веќе го уфрлија во марица, како вреќа, онака по маица и боксерици“, ја почнува својата приказна оваа жена.

„Лудо го сакав, тој за мене беше олицетворение на вистински маж – доминантен, самоуверен, способен да заработи пари. Покрај него имав сè, но морав да ги почитувам правилата. Неговиот збор мораше да биде последен, а доколку му се спротивставев, добивав таков ќотек што со денови не можев да излезам од дома.

Се разбира дека во тие мигови размислував да го оставам, но нежна прегратка или бакнеж беа доволни да поминам преку сè. Но љубовта или занесот, кој ќе го знае, не беше единствената причина поради која останав со него: еднаш, онака патем, јасно ми стави до знаење дека, доколку се осмелам да го напуштам – тоа би бил мојот крај.“

Еден ден по апсењето на нејзиниот маж, Б.К. била приведена во полиција на испрашување.

„Истрагата ја водеше млад, многу културен инспектор, кој кога сфати дека немам врска со криминалните активности на мојот сопруг, ми даде визит-карта и ми кажа да му се јавам доколку имам некој проблем. Додаде дека човек каков што е мојот маж не заслужува толку паметна и убава жена“, ја продолжува својата приказна нашата соговорничка.

„Се претвори во ѕвер, ми се закануваше дека ќе ме убие ако само погледнам друг маж. Еднаш кога му бев во посета, извади жилет и ми кажа дека ќе ми го исече лицето ако не се однесувам ’пристојно’. Постојано плаќање луѓе што го следеа секој мој чекор и му ги завршуваа работите, сè уште имаше пари, а во затвор можеш сè ако имаш кеш – да користиш мобилен, да јадеш храна од ресторан, да набавиш дури и вијагра…“

Животот на Б.К. се состоеше од посети на нејзиниот маж затвореник, рутински контроли, проверки и секс во „љубовната соба“, каде што се зачнати двете нивни деца. „Го гледав човекот што некогаш многу го сакав како полека пропаѓа. Магијата на жестокиот дечко целосно исчезна, пред мене стоеше изморен, кутар робијаш, кој со сите сили се трудеше да го одржи моќта и доминацијата.

Спрема него повеќе не чувствував ништо освен гадење и презир, но му успеваше со константните закани постојано да ме држи во ужасен страв“, се сеќава таа. „Живеев во постојан грч, но не дозволував некој да забележи колку страдам, во затворот одев со скапоцен џип, дотерана, насмеана, како да немам никакви проблеми.

Соседите имаа впечаток дека сум многу среќна жена. Летував и зимував во најскапи хотели, живеев во луксузна вила, носев брендирана гардероба и скапоцен накит…

Пред нервен слом бев кога конечно се осмелив да му се јавам на инспекторот што ми ја даде визит-картата и пред него го излеав сиот свој гнев, а тој ме охрабри со зборовите дека не треба да се плашам бидејќи ќе ме заштити. Со тек на време моите посети во затворот стануваа сè поретки, а накрај поднесов тужба за развод.

Пријателството со инспекторот прерасна во љубов – денес живееме во среќен брак и моите деца го сакаат како да им е роден татко. Само се надевам дека никогаш нема да ме прашаат каде се зачнати…

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.