Димитар Атанасовски: „И јас и Сара имаме милион ангажмани – ако не функционираме тимски, ќе завршиме во некоја ментална установа!“

У&З маж

Познатиот водител е вистински пример за тоа дека еден маж може да има се’: кариера, семејство и многу забава – секако, со помош на вистинската жена до себе

Јавноста најмногу го препознава како телевизиски и радиоводител, иако долги години реди успеси и како маркетинг-директор. Редовно споделува детали од својот приватен живот на социјалните мрежи, од каде што може да се види дека тој и неговата сопруга, пејачката Сара Мејс, функционираат беспрекорно како брачна двојка и многу се забавуваат како родители на Илина и Кирил. Димитар Атанасовски ни откри дека жените редовно го воодушевуваат со своите постапки, а неговата најголема желба е ќерка му да порасне во жена која ќе биде задоволна од себе.

Која жена последно те има воодушевено со некоја своја постапка?

Со оглед на тоа што мајка ми претежно нè воспитуваше мене и сестра ми уште од мали, отсекогаш сум му се восхитувал на женскиот пол, кој условно важи за послаб, а знае да понесе многу поголем товар од нас мажите. Во последниов период сè почесто ме воодушевува мојата сестра, која животот ја направи да стане најголемиот борец и да биде пример за нашето опкружување.

Која жена особено те инспирирала и влијаела врз твојот професионален развој?

Па можеби не ме инспирирала, ама хуморот на Елен Деџенерис дефинитивно влијаеше врз развојот на мојата кариера. А од нашите колешки, никогаш нема да заборавам какво школо ми беше Славица Ставревска – Цаци, чија заслуга е тоа што денес работам во радио. Целото мое знаење го стекнав од радиски великан како неа, за што сум особено благодарен.

Сè уште постои стереотипна поделба на машки и женски обврски во домот, но ти и Сара функционирате тимски…

Кај нас дома тоа е приказна сама за себе. Бидејќи и двајцата сме со милион ангажмани, а имаме две деца, куче, маче и двор, ако не се дополнуваме со извршување на задачите, ќе завршиме во некоја ментална установа. Не постои друг начин на функционирање, освен тоа да се надополнуваме. Некогаш тоа е многу тешко и мачно, но задоволството по завршената работа прави да се заборави тежината на процесот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sarah Mace (@sarahmace__)

Мажи наспроти жени: навистина ли се толку различни?

Толку различни, а сепак толку привлечни едни за други создавајќи една целина. Ако не бевме толку различни, немаше да се надополнуваме и светов ќе беше едноличен.

Каква жена се надеваш дека ќе стане твојата ќерка Илина?

Искрено, се надевам дека ќе стане жена која е задоволна од себе. Во последно време многу ми е жал што го гледам стремежот кон совршенство кај повеќето, па сакајќи да се разубават, почнуваат да личат една на друга. Посакувам да стане жена која нема да се плаши да презема чекори и одговорности и жена која ќе се реализира како што таа ќе сака, а не како што ѝ налага општеството.

Кој е најважниот совет за машко-женските односи што би му го дал на синот Кирил?

Да почитува, да биде џентлмен и да не се наметнува. И можеби најважното, да биде добар слушател, да не му оди паметот во фејд-аут, како на татко му (се смее).

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Разговор со урбаниот менаџер Ламбро Патче: „Жената е водилка на прогресот и промените“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.