Жени на робијаши: Слепа љубов или страв?

Дознаваме од прва рака

Како живеат жените чии сопрузи отслужуваат затворска казна? Презир од околината, понижување во „љубовната соба“, живот во страв… се само некои од деталите што се дел од секојдневјето на нашите три соговорнички.

Венчавање во затвор

Процедурата на склучување брак во затвор е доста едноставна. Во повеќето случаи осудениот и неговата идна жена се свршиле или биле дечко и девојка пред тој да замине во затвор. Затвореникот треба да ја информира управата, наведувајќи ги податоците на идната жена и на кумовите, по што се повикува матичар и се утврдува датум за склучување на бракот.

Потоа, двојката има право на три интимни часа во „љубовната соба“, а потоа и четири брачни посети годишно.

Презир од околината

Иако со своето момче била во врска четири години, а во меѓувреме добиле и дете, 27-годишната Р.Н. не можела ни да претпостави дека нејзиниот сакан е многу пожестоко момче отколку што таа замислувала. Тоа го дознала на најлош начин – кога среде автопат, со детето во автомобилот, ги опкружиле десетина полициски возила.

„Знаев дека се занимава со некои матни работи, но ни на крај памет не ми беше дека се работи за организиран криминал и дека му се закануваат најмалку десет години робија.

Во почеток сакав да го чекам бидејќи неизмерно бев вљубена во него, по најголем студ или горештина, со детето в раце, двапати месечно одев да го посетам во затворот, поминувајќи низ сите ригорозни контроли, а потоа чекав со часови за да поминам со него едвај дваесетина минути.

Се разбира, за него тогаш бев центарот на светот, единствена врска со надворешниот свет, но беше јасно – повеќето од нив никогаш не се менуваат, и штом ќе излезат надвор, повторно им се враќаат на валканите работи. Многумина брзо забораваат што сте направиле за нив.

Една моја пријателка редовно го посетуваше дечкото во затвор цели осум години, во меѓувреме му роди и дете, му носеше пакети, му испраќаше љубовни писма за тој по излегувањето да ѝ го заврти грбот и да замине со некоја млада девојка”, раскажува Р.Н., додавајќи дека живот на жена омажена со робијаш не би му посакала ни на најлошиот непријател.

„Имате маж, а всушност го немате, сами легнувате, нема кој ни светилка да ви смени, сите ве гледаат попреку бидејќи сте жена на затвореник, а се дружите само со оние што се како вас, бидејќи нормалните луѓе бегаат од вас.

Ние неколку жени со иста судбина меѓусебно се охрабрувавме и се поддржувавме, но мене по две години сепак ми се насмевна среќата – запознав супермомче што не му припаѓаше на тоа милје, и веднаш станав ’црна овца’ во старото друштво.

На невенчаниот маж му објаснив дека повеќе немам сили, дека мора да продолжам за свое добро и за доброто на нашето дете, што тој многу тешко го прифати, но накрај се помири со тоа. На сите девојки што ќе се најдат во таква ситуација им порачувам што порано да го прекинат контактот со таквиот маж, колку и да го сакаат“.

Понижувања пред „љубовната соба”

За разлика од нашите претходни соговорнички, 30-годишната Л.Р. не сака да го остави својот сопруг, кој поради разбојништво и обид за убиство е осуден на 15 години затвор. „Не ни помислував да го оставам, не сакам да го изневерам мојот човек сега кога му е најтешко. Тоа може да се спореди со ситуацијата кога некој е тешко болен.

Дали би сте ја напуштиле блиската личност ако случајно заболи од рак? Го сакам, и иако се работи за моја жртва, ќе ја поднесам, бидејќи сум сигурно дека и тој би го сторил истото за мене“, вели оваа млада жена, на која, како што вели, многу тешко ѝ  паѓа ригорозната контрола пред да влезе во „љубовната соба“.

„Стражарката ме соблекува го гола кожа, потоа мора да клекнам и да се напнам за да провери да не сум ставила дрога во вагината. Верувајте ми дека по тоа не ми е до ништо, а камоли до секс. Во собите има француски лежај и тоалет, тесно е и сè се слуша, а стражарот е само два метри од вас“, вели Л.Р., која сериозно размислува да основа клуб на жени чии мажи се во затвор.

„Ние немаме кому да му се обратиме, не можеме да се вработиме и остануваме без никакви приходи. Во повеќето случаи, семејствата не сакаат да слушнат за нас, средината нè гледа со презир, соседите не ни се јавуваат на улица. Кога би се здружиле и би си помагале една на друга би ни било”, заклучува Л.Р.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.