РОБЕРТ ЈАНКОВ: „Кај нас дома нема поделба на машки и женски работи – се знае, правосмукалката е моја и тука никој смее да ми се меша“

У&З маж

Познатиот водител е опкружен со жени на утринската програма „Здраво Македонијо“, па нè интересираше какви се неговите ставови за спротивниот пол

Може да се пофали со долгогодишно искуство како водител и уредник на утринската програма „Здраво Македонијо“, каде што секој ден дебатира со гледачите на актуелни теми. Покрај тоа, познат е како вљубеник во природата и пасиониран фотограф, па на неговиот инстаграм-профил редовно може да се видат уметнички фотографии од местата што ги посетил. Роберт Јанков вели дека ужива да работи со неговите колешки кои доминираат во улогата на водителки, а ни откри и кои лекции би сакал да му ги пренесе на својот 10-годишен син Кирил, кога станува збор за машко-женските односи.

Која жена последно те има воодушевено со некоја своја постапка?

Жените во мојот живот секојдневно знаат да ме изненадат позитивно со некоја своја постапка. Знам да го забележам тоа, да го поздравам и, што е најважно, да научам нешто од тоа.

На утринската програма „Здраво Македонијо“ доминираат жени во улогата на водителки. Како е да се работи опкружен со толку жени?

Би излажал ако кажам дека е лошо. И да сакавме, немаше да собереме ваква екипа на едно место. Кога работиш со жени кои се реализирани и приватно и професионално, успехот во работата е неизбежен. Секоја од нив е различна на свој начин и има свој уникатен пристап во работата.

Постои ли некоја жена што особено влијаела врз твојот професионален развој?

Во медиумите сум од моите средношколски денови, а во Канал 5 работам речиси 20 години. Сум работел и сум се дружел со многу колешки на кои сум им се восхитувал, без разлика дали биле новинарки, монтажерки или водителки. Сум сведочел на доволно инспиративни приказни, кои не ги заборавам и ми служат како добар пример.

Како функционирате ти и сопругата кога станува збор за поделбата на домашните обврски?

Кај нас не постои поделба на женски и машки работи. Се знае, правосмукалката е моја и тука не смее да ми се меша никој.

Кој е најважниот совет за машко-женските односи што би му го дал на синот Кирил?

Како и секој совесен родител, би го советувал да ги почитува и да се однесува заштитнички кон жените, да се дружи и да учи од нив. Тие се понежниот, но многу често и посилниот пол.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Димитар Атанасовски: „И јас и Сара имаме милион ангажмани – ако не функционираме тимски, ќе завршиме во некоја ментална установа!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.