Задоцнета памет: „Ех, да ми се оние години, а овој ум!“

Престанете да се каете!

Кога би се преиспитале себеси, веројатно секој од нас би се покајал и би зажалил за некоја своја одлука, лоша проценка или однесување во минатото. Но времето не можеме да го вратиме. Затоа престанете да се каете – лошите искуства свртете ги во своја полза и од нив извлечете корисни поуки што ќе ви користат во иднина.

Колку пати сте помислиле: „Ех, да ми се оние години, а овој ум!“ и сте воздивнале со носталгија. Кога сме млади и силни, со нас господарат нагоните, неискуството, импулсите, полните процени, неподготвеност да се согледаат нештата. Потоа следува период кога имаме сила и искуство, но наскоро сме повторно заробени во секојдневјето од кое не можеме да избегаме, или повеќе немаме сила. Но можеби и не е доцна за промени и можеби туѓите искуства ќе ви користат и вам. Разговаравме со шест жени, кои искрено ни кажаа што би смениле… да им се оние години, а овој ум.

Го занемарив своето образование

Мојот проблем беа родителите-интелектуалци, кои имаа либерални сфаќања во стилот „ние од тебе очекуваме најдобри резултати, но нема на ништо да те присилуваме, сама одлучи за тоа“. И се случи најлошото: од нивните интелектуални приказни добив аверзија кон факултетот и сакав да живеам „вистински живот“.  Имав талент за ликовна уметност, но тоа го сфаќав како забава: цртав карикатури од луѓе, другари, професори…

Мислев дека момчињата и љубовта се многу поважни и дека од уметноста не се живее. Пријателите ме наговараа да се запишам на Ликовна академија, но не го положив приемниот. Набргу се омажив и родив две деца. Во миговите на здодевност од рутината ми се врати желбата за сликање, цртање и за фотографирање. Кога се појавија дигиталните апарати и Фотошопот почнав да експериментирам. Почнав да живеам од продажбата на тие слики и сега ми е жал што не го усовршив својот талент.

Сега со задоволство би се запишала на Академијата, но кој ќе се грижи за децата? Пресреќна сум што ги имам, но сигурна сум дека ја пропуштив својата шанса за школување.

Марина (32), домаќинка

 У&З-СОВЕТ Правото на школување, не она формалното, трае цел живот, без разлика во која бранша работите и дали имате оформено образование или не. Тоа уште повеќе важи за „новите уметности“ и технологии. Значи, Марина нема по што да жали, туку треба да ги осветли позитивните аспекти на ситуацијата во која се најде. Исто така, би било корисно да се позанимава со своите чувства врзани за родителите, да се обиде искрено да ги разбере и да им ги прости грешките што таа мисли дека ги направиле во нејзиното воспитување. Ова е важно пред се за подобар однос со нејзините деца.

Ја пропуштив младоста

Ја направив класичната грешка на студентките по медицина и сега за тоа плаќам. До својата 19-та година излегував во град и се дружев со момчиња, а потоа се затворив во станот и во читалната. Медицината ми одзеде седум години од животот, кои ги проживеав како во манастир. Кога најдов момче на трета година од студиите, тоа беше многу поискусно од мене. По апсолвентскиот стаж забележав дека излегувањето во град е интересно. Но увидов дека момчињата сега гледаат во 20 годишни девојки. Подоцна поминав низ пекол, барајќи ја љубовта што ја заслужувам. Конечно ја најдов и среќна сум. Но првото нешто што би го коригирала е мојата „манастирска посветеност“ на школувањето.

Ана (40), лекар

 У&З-СОВЕТ Лицата што раната младост ја посветиле на школување или на основање семејство во средната доба од животот чувствуваат празнина поради тоа и мислат дека треба активно да работат на развивање на активностите што првенствено им носат задоволство. Можеби веќе не им се достапни овие задоволства (на пример, експериментирање со различни партнери), но има многу нешта што можат да откријат во себе и околу себе и тоа е навистина прекрасна задача.

Имав премногу, а никогаш не бев задоволна

Основниот проблем во мојот живот беше тој што од сè имав премногу. Премногу бев убава и популарна, имав премногу слобода, премногу пари и премногу време, па почнав да фантазирам и да измислувам проблеми што не постоеја. Барав совршена љубов во мазохистички врски, читав книги и губев време во празни приказни. А потоа се жалев како не ми одат испитите, како факултетот е глупав, како мажите се кретени. И сите ми попуштаа, веројатно поради мојот изглед, а и поради тоа што умеев секому да му парирам. А да бев на местото на татко ми, сите свои проблеми ќе си ги решев едноставно: би си го укинала џепарлакот од станот што го издававме и така ќе се присилев да го завршам факултетот и да почнам да работам. Да имав помалку слободно време и помалку луксузен живот, не би се жалела за сè, туку би работела. Не чини премногу слобода за таквите како мене.

Јасна (33), економист

У&З-СОВЕТ Ако тасот на вагата тежнее на едната страна, потребно е да се воспостави рамнотежа. Тоа не значи дека секогаш треба да правиме радикално поинакви работи и одеднаш по „презаситувањето“ да се завртиме кон тотална аскеза и духовност. Поголем предизвик да се најде мера и да се освести слухот за умереност. Мора да се пронајде мера и во самокритичноста, која не смее да премине во самообвинување или во обвинување на другите, бидејќи тоа не дава плод.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.