Задоцнета памет: „Ех, да ми се оние години, а овој ум!“

Престанете да се каете!

Кога би се преиспитале себеси, веројатно секој од нас би се покајал и би зажалил за некоја своја одлука, лоша проценка или однесување во минатото. Но времето не можеме да го вратиме. Затоа престанете да се каете – лошите искуства свртете ги во своја полза и од нив извлечете корисни поуки што ќе ви користат во иднина.

Поради тврдоглавост ја загубив љубовта на мојот живот

Мојот најголем грев беа тврдоглавоста и бунтовништвото. На 20 годишна возраст бев убавица, убедена дека секогаш сум во право, склона да истерам по свое. Бев тежок пријател и колега. Забележав дека сè помалку луѓе се дружат со мене. Мојот партнер го загуби трпението и останав без љубовта на мојот живот. Сега се наближувам кон триесеттата година од животот и сфатив дека мора да научам да го победам сопственото его и да го сменам погледот на светот, дека мора да бидам помалку себична. Се надевам дека ќе пронајдам нова љубов, бидејќи сега сум многу поотворена. Тврдоглавоста ме чинеше и кариерата, но за тоа не жалам, бидејќи се работи само за пари. Но во љубовта треба да се има слух за туѓите чувства. Тоа е непроценливо.

Милена (29), уметница

 У&З-СОВЕТ Милена има многу добар увид во природата на својот проблем и висока критичност кон своето незрело однесување, што е прв чекор кон промена. Обично, промените се случуваат побавно отколку што би сакале. Можеме да напредуваме само постепено, трпеливо, и не треба да се разочаруваме и да се откажуваме ако не постигнуваме сè со посакуваното темпо.

Станав силна, мудра и несреќна

Мама ми објасни дека секогаш мора да имам „свое парче леб“, дека кариерата е важна, најважна. Дека мора да бидам силна жена, бидејќи само така ќе ме ценат мажите, а ако сум слаба, ќе се иживуваат врз мене и ќе ме оставаат. Ме убеди дека мажите сакаат духовно силни жени, кои владеат со дискусијата и кои можат да ги надмудрат. И притоа да бидат недостижни. Јас го применив сето тоа… а тие заминуваа со средношколки, со мирни, питоми, исфолирани… со разни жени, поинакви од мене. А мене, слободната адвокатка со остар јазик, духовита и самостојна ме третираа како другар. Се уште не сум омажена. Да можам, би го вратила времето кога имав 17 години и би научила да бидам заводлива на „женски начин“, да трепкам и да удоволувам, а да си терам по свое. Дури сега знам дека мажите не сакаат силни жени што го демонстрираат тоа. Се чувствувам измамено. Како некој лик од американските серии за адвокатите – успешна а тажна.

Мирјана (37), адвокат

 У&З-СОВЕТ Во овој миг најважно е Мирјана да се соочи со себеси и да открие каква е таа и што сака да смени кај себе. Очигледно е дека треба да ги негува женските аспекти на својата личност и тоа не е невозможно. Сите имаме потенцијал за раст и развој во текот на целиот живот. Задачата на Мирјана е во својата успешна и силна личност да ги „вгради“ особините што  долго биле запоставени. Од друга страна, би било добро мајка си да ја согледа во поинакво светло, како личност што ѝ посакувала само добро на ќерка си. Тоа ќе ѝ овозможи да го искорени чувството на измаменост.

 Не ги исполнив желбите на своето срце

Секогаш слушав што ќе ми кажат другите и верував дека блиските луѓе не можат да згрешат. Ги слушав мајка ми, татко ми, брат ми… Ми велеа дека моите идеи се „преслободни“ и дека ќе настрадам ако го направам „тоа и тоа“, бидејќи светот е преопасен. Не се запишав на факултет и се омажив млада. Научив да го почитувам маж ми и да не му ги „набивам на нос“ моите идеи. Кога посакав да се преселиме во странство за време на кризните години, маж ми ми кажа: „Не, тука ни се куќата, децата, роднините!“ И сега ми е убаво на некој начин, децата имаат свој пат, куќата ни е средена, но јас не можам да го надминам чувството дека можевме повеќе. Сакав да патувам низ светот, а се заробив во четири ѕида. За среќа, син ми често патува, па низ неговите очи и фотографии го гледам светот. Знам дека требаше сама да преземам иницијатива. Туѓите одлуки се добри за другите, а секој мора да биде храбар на сопствениот крстопат да одлучи по кој пат тргне. Но немав време од премногу работа, обврски, од децата… Сега кога сум на „чистина“, сè ми е појасно. Но задоцнив, нели?

Олга (45), домаќинка

 У&З-СОВЕТ Дали за нешто е „доцна“ или не, одлучуваме ние самите. Меѓутоа токму стравовите од типот „доцна е“ се стереотипи – претставуваат ставови преземени од другите. Токму она што го правела Олга во животот и поради кое жали. Во втората половина од животот, кога постигнала добар дел од работите, може да му се посвети на „слушањето“ на сопствените желби. Задоволувањето на оние најмалите, а потоа и на поголемите, би било одлично за неа. Како возрасни имаме свое лично искуство во „големиот свет“ и сите знаеме дека тој не е толку опасен како што на времето нè плашеле нашите родители, па нема потреба и понатаму да се потпираме на нивните искуства, кога имаме свои.

Текст: Ж. Милошевиќ

Фото: Getty Images, Pixabay, Thinkstock

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.