Три вистински приказни што ќе ви помогнат да ги изразите чувствата

Отворете ја душата!

Thinkstock Photos

Дали се плашите од повреденост доколку на другите им ги сервирате на чинија своите најдлабоки емоции? Можеби ви звучи застрашувачки, но нашите соговорнички тврдат дека тоа е катарзично.

Тие се оголија себеси со намера да ви помогнат. Прочитајте ги овие силни приказни и осмелете се да ги изразите своите чувства!

Оголете се… во изгледот!

Физичките лузни можат да останат вечно на кожата, но поголем проблем е психолошкиот ефект од нив“, ни открива Софија, објаснувајќи ни каква е врската меѓу физичката убавина и психата.

„Веќе требаше да се навикнам на ваквите ситуации, земајќи предвид дека поминаа седум години од сообраќајната несреќа. Секогаш кога ќе се најдам во друштво на непознати луѓе забележувам дека нивниот поглед се задржува на мојата рака. Пред да се вратат на она што го зборувам, вознемирени, по малку заинтригирани, добро ги меркаат моите лузни. Се случува и да не ме слушаат веќе, а сигурна сум дека низ главата им се врти само една мисла – како ги добила длабоките бразди? Понекогаш сум побрза од нив и им раскажувам дека ме има удрено автомобил на пешачки премин пред седум години. А често немам ни сила ни волја да им објаснувам, па ги оставам и понатаму да се прашуваат.

По несреќата, бев среќна што останав жива, па лузните не ме оптоваруваа. Не ни размислував за можноста таквите траги да останат на моето тело. Бев преоптоварена со тоа дали воопшто ќе можам да одам. Но кога ми се стабилизира состојбата, почна мојата опсесија. Девица сум во хороскоп, па по природа сум перфекционист. Се сеќавам дека и во средно училиште се оптоварував со косата и внимавав секое влакно да биде на своето место. На тој начин мојот веќе комплициран став кон физичкиот изглед доживеа голем удар, и тоа токму во периодот кога самодовербата веќе требаше да ми биде изградена.

Психологот ми објасни дека жените што се обидуваат да се изборат со лузните всушност водат борба со загубата на телото онакво какво што го познаваат. Тоа е вистина. Тие лузни не оставија трага само на мојата кожа, туку и на мојата самодоверба и самопочитување. Се случува цел ден да размислувам за нив. Често се прашувам дали изгледаат грдо. Порано настојував на сите можни начини да ги скријам, имав кошмари дека ми се шират по целото тело. Од лично искуство знам дека е тенка линијата меѓу лузните и депресијата.

Физичкиот изглед е во голема мера поврзан со менталното здравје. Читајќи за тоа на Интернет, најдов податок дека во светот постои специјализација во психијатријата посветена на интеракцијата на кожата и умот – психодерматологија. Колку повеќе читав, толку повеќе се пронаоѓав во тоа. Сфаќајќи дека за сè што ми се случува во животот ги обвинувам сообраќајката и последиците од неа, побарав помош од психотерапевт. Не можам да кажам дека прекуноќ успеав да го надминам проблемот, но сигурна сум дека со одредени вежби можам да го сменам односот кон лузните, а со тоа и кон самата себе. Настојувам да ги прифатам како дел од себе и да ми служат како потсетник дека сум успеала да надминам тежок период и да излезам од него како победничка.“

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.