Три вистински приказни што ќе ви помогнат да ги изразите чувствата

Отворете ја душата!

Thinkstock Photos

Оголете се… во љубовта!

Го најдов вистинскиот и се вљубив лудо. Но имаше нешто за кое не сакав да разговарам со него, нешто за кое бев убедена дека би ни го уништило односот“, Андреа ги открива подемите и падовите во својата врска.

„Кога имав три години, ми беше дијагностицирана депресија. Ментално нарушување што многу ретко се јавува на толку мала возраст – само 1,5 отсто од вкупниот број заболени имаат симптоми на депресија уште од деца. Сите сме тажни одвреме-навреме, тагата е составен дел од животот, но колку и да ја сметаме за негативна појава, таа ни помага да се сфатиме себеси, подобро да ги разбереме другите, ни помага да развиеме емпатија, ни дава одредена смисла во животот.

Нормалната тага вообичаено е предизвикана од некој конкретен настан, меѓутоа причината за депресија, особено за онаа што се јавува во раното детство, не е сосема позната. Додека бев во врска со мојот сопруг, успешно го криев фактот дека страдам од оваа болест. Настојував да ги избегнам сите ситуации во кои претчувствував дека ќе настапи опаѓање на расположението. Имав низа разработени тактики со кои успешно ги прикривав симптомите. Навистина се трудев да ја замаскирам мојата здравствена состојба, бидејќи се плашев дека ќе останам сама. Кога почнавме да живееме заедно, криењето ми стана потешко. Се случуваше со денови да не можам да станам од креветот, а се оправдував дека сум настината.

Сепак, знаев дека нема да можам да го лажам вечно. Во една пригода, цела недела се радувавме поради забавата што ја организираа нашите пријатели по повод свршувачката. Како што поминуваше денот, се чувствував полошо и ми стана јасно дека вечерта нема да можеме да одиме. Панично чекорев низ собата, ме обзеде добро познатото чувство на страв. Му кажав на мојот сопруг дека таа вечер нема да можам да се соочам со луѓе, но дека не сакам да му ја уништам забавата и дека е најдобро да оди сам. Гледајќи го разочарувањето на неговото лице, бидејќи вторпат во месецот избегнував заедничко излегување, одлучив конечно да му признаам.

Му признав колку ме истоштува тоа што мора да се преправам дека сум добро, а не сум. Му објаснив дека боледувам од депресија и дека цел живот пијам лекови. Тој тогаш не знаеше колку е сериозна мојата болест, па ми кажа ‘сè може да се реши со позитивен став’. Камо да беше толку едноставно. Колку е сериозна мојата состојба сфати кога му раскажав дека постојат денови кога ми доаѓа да ги соберам ножевите од кујната и да завршам со сè. Мислам дека таа реченица го смени, нè смени нас. Но не на подобро или на полошо, едноставно нè смени.

Беше потребно да помине доста време за да ја прифатиме новонастанатата ситуација. Во последно време нештата се подобри. Пронајдов одличен психотерапевт, кој го посетувам редовно, вежбам и водам сметка да живеам поздраво и поквалитетно. И она што е најважно – сега разговарам со мојот сопруг. Најмногу ме охрабруваат неговите зборови дека депресијата е само мал дел од мојата прекрасна личност.“

Текст: Ѓ. Станишева

Фото: Guliver/Getty Images, Thinkstock Photos

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.