Како пештерските жени… Да ѝ се вратиме на својата природа!

Фото: freestocks.org

Хроничен умор и безволност се последици на современиот стил на живот. Единствен начин да ги победиме е да ѝ се вратиме на својата природа

Сè повеќе жени што според сите критериуми би требало да бидат во највиталната фаза од животот не се чувствуваат така. Ги мачат нерасположение, недостиг на волја, опаѓање на сексулната желба, стрес и нагласена анксиозност. Најчесто тие и не можат да ја утврдат вистинската причина за лошата прихофизичка состојба. А причинителите не се воопшто бизарни, вештачки произведени вируси, ниту пак влијанија од вселената, туку многу реални фактори – недостиг на сон, физичка активност и на свеж воздух.

Повеќето жени „дневната доза“ енергија ја црпат од кофеинот, слатките и од разни апчиња. Со пријателите и со партнерот комуницираат преку СМС-пораки и Интернет, наместо да се гледаат со нив. Затоа и не треба да чуди што не се чувствуваат како живи суштества. Начинот на кој повеќето живеат денес ѝ е спротивен на нашата природа.

Меѓутоа во биолошка смисла, модерниот хомо сапиенс е многу сличен на дамнешните предци што живееле во пештери. На крај на краиштата, луѓето се припадници на животинскиот свет – попрецизно на групата примати. Како такви, чувствуваме многу од приматните потреби, кои целосно ги игнорираме.  Затоа рецепт за добро здравје би можел да бидат одредени навики што ги имале пештерските жени!

 1 Движете се повеќе

Праисториската жена физички била активна цел ден – собирала плодови, носела вода… Значи, она што денес се нарекува „кардио-активност“ некогаш претставувало услов за опстанок. Вежбите се најефикасно решение за многу психолошки проблеми. Всушност, истражувањата покажуваат дека редовна физичка активност ги подобрува хемиските процеси во мозокот и спречува појава на депресија.

Затоа, рекреирајте се барем трипати неделно – двапати за време на работната недела и еднаш за време на викендот. Ако не можете да го остварите овој просек, настојувајте да пешачите секогаш кога сте во можност – прошетајте од работа до дома, низ парк, покрај река. Наместо да се допишувате на Фејсбук, прошетајте се со пријателите.

2 Изложувајте се на природна светлина

Добро познати се биолошките причини за скапоценоста на сончевата светлина за човековиот организам. Апсорпцијата на доволни количества сончева енергија не претставувала проблем за праисториските дами. Меѓутоа, денес поголем дел од времето го поминуваме под вештачко осветување – во канцеларии и во други простории без прозорци. Затоа и не е чудно што се јавуваат безволност, умор и нерасположение.

Всушност, овие симптоми се последица на недостиг на вит. Д, кој нашиот организам го создава под дејство на сончевите зраци. Освен тоа, дефицитот од овој витамин се поврзува со појава на депресија, хронични болки, автоимуни заболувања и поизразен ПМС. Препорачливата дневна доза изнесува 1.000 IU, а можете да ја постигнете земајќи дневни суплементи во консултација со лекар.

Престој на сонце само 15 минути дневно, трипати неделно, е сосема доволен за создавање на вит.Д. Но престојот на отворено не е корисен само за создавање на оваа хранлива материја. Ве потсетуваме: ние сме животни што се развиваат во своето природно опкружување.

Многу студии покажуваат дека прошетките во природа значително ја подобруваат состојбата на депресивните луѓе. Ако никако не можете да ја земете потребната „доза природа“, тогаш барем опкружете се со саксиско цвеќе – во домот или на канцелариската маса. Тоа ќе придонесе да се поврзете со природата.

3 Јадете вистинска храна

Се прашувате со која храна пештерската жена го задоволувала гладот? Со онаа што расте во земјата – зеленчук, овошје, семки. Ништо рафинирано и вештачко, ниту пак делумно хидрогенизирано. Пештерските жени не знаеле за фенилацеталдехид-диметил-ацетал (да, тоа е состојка на денешните намирници!), па не би требало ни вие да го јадете. Индустриски преработената храна што содржи вакви состојки не само што ја оштетува функцијата на организмот туку и не ни ја обезбедува потребната енергија.

Луѓето се биолошки предодредени да јадат намирници што се извор на најважните хранливи материи. Затоа исхраната што се темели на овошје, зеленчук и на риба е оптимална за нас. Се разбира, не ги заборавајте течностите. Пијте 1,5 литри вода дневно и вашата кожа, бубрези и бабулето совршено ќе функционираат. Избегнувајте газирани пијалаци и индустриски сокови, бидејќи се полни со адитиви и со шеќери.

Што се однесува до трендот „држење диети“, би требало да знаете дека жените не се предодредени да бидат „коски и кожа“. Затоа, немојте да се измачувате за да го остварите идеалот од модните писти!

 4 Заштитете се од предаторите (мислиме на сексуалните!)

Најчеста појава на модерниот живот, кој пред сè подразбира стрес и анксиозност, е опаѓање на сексуалната желба. Освен тоа, денешните жени, за разлика од пештерските, се соочуваат и со дејство на многу лекови што предизвикуваат опаѓање на либидото.

Иако овие средства можат да спасат живот, сепак го нарушуваат сексуалното задоволство. Најдобар пример за тоа е антибеби-пилулата. Истражувањата на германските научници покажаа дека жените што користат хормонска контрацепција чувствуваат послаба сексуална желба и потешко се возбудуваат од оние што користат нехормонски методи.

Едно од објаснувањата е фактот што пилулата го намалува нивото на тестостерон, кој игра клучна улога во одржување на либидото. Освен тоа, пилулата спречува овулација, а со тоа и нагласената сексуална желба. Антидепресивите се уште еден од честите причинители за опаѓање на либидото и за отежнато постигнување оргазам. Всушност, колку повеќе лекови се консумираат, толку во поголема мера се нарушуваат природните процеси, вклучувајќи ја и сексуалната желба. Затоа е важно да се пијат лекови само кога е неопходно.

Што се однесува до антидепресивите, нивна примена е неопходна само во случај на клиничка дијагноза на депресија, бипорално нарушување и на шизофренија. Тоа значи дека во случај на зголемен стрес и анксиозност, состојбата може значително да се поправи со спроведување нефармаколошки терапии – психоанализа, медитација и физичка активност.

Текстот продолжува на следната страница….

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.