Колумна: Баксузна вила Добрила

Дуда од рано утро ја бие малер – ѝ цркнаа бојлерот, неонката во тоалетот, акумулаторот во автомобилот и тоа само заради сосетката од седми, која кога и да ја здогледа – три дена нема среќа. Па зар секогаш мора да се нацрта таму каде што не треба?! Што е следно?

Станувам сабајле, влегувам во бањата да се истуширам, водата нешто млака, ајде, си мислам, не е страшно, добро е за циркулација, и само што ставам шампон – снемува вода! „Ни капка“, ѝ се жалев на Гога, повторно преживувајќи ја агонијата на бањање со студена вода. „Замисли каков баксуз сум! Се тресев во кадата, устата ми помодре, и немам каде, што да правам, морам. Излегувам и го пцујам Владо, бидејќи сигурно тој го исклучил бојлерот синоќа, кога има што да видам – светилката гори, а стрелката до нула. Значи, цркнал грејачот… Добро ми тргна!

Се подготвував со тешки маки, во меѓувреме ми прегоре и неонката во тоалетот, па се шминкав во полутемница, и си мислам – што ќе биде трето?! Знаеш, кога ќе те спотера малер, мора да бидат три по ред… Бојлерот, неонката и… Трчам до автомобилот, го палам, кога – ништо! Изгледа акумулаторот се испразнил. Изгледа синоќа заборавив да ги исклучам светлата, брзајќи се. „Навистина те притиснало“, признава Гога. „Да, ме притиснало од сите страни, а знаеш ли зошто? Затоа што завчера налетав на онаа Добрила, сосетката од седми. Кога и да ја видам, три дена немам среќа!“

Нешто трипати

И додека Гога паѓа во несвест од смеење поради мојата дисертација на тема „Кармичкото влијание на Добрила врз мојата аура“, јас се обидувам да ги набројам сите малери што ми се случија по секоја средба со дотичната. Жената ништо лошо не ми направила, но едноставно е таква – жив баксуз! Лоша среќа! Кога ја гледам оддалеку, ми се слошува. Не помага ни да се вратам три чекори назад и трипати да поплукам, ништо не помага! Ако ја видам, нешто мора да ме трефне. И тоа не еднаш, туку по дефолт – нешто трипати. „Има такви луѓе“, вели мајка ми. „Не се тие виновни, но едноставно така е.

Тие не мора да бидат ни ништо посебно талентирани, ни неталентирани, ни паметни, ни глупави, доволно е само да се најдат во твоја близина па сè да ти тргне наопаку. Имав и јас во моето маало една бабичка од која бегав како ѓавол од крст! А таа, како за баксуз, секогаш се појавува каде што не треба. Се сеќавам еднаш, тргнав на важен разговор за работа, се дотерав, се средив, кога ете ти ја неа. Јас убаво, ни пет ни шест, се вратив дома, знам дека нема потреба да губам време, бидејќи нема да ја добијам работата. Така ти е тоа, како што е среќа кога ќе видиш оџачар, така е несреќа таа твојата Добрила.“

Светот на Владо

„Не можам да поверувам дека си толку суеверна“, се побуни маж ми додека му ги прераскажував моите анегдоти од претходното утро. „Глупости, бајачки, гатачки… Цркнал бојлерот, па што?! „И неонката“, додавам. „Можеби рикнала фазата во зградата“, упорен е Владо. „Ма што велиш? Фазата, а?! Па зошто тогаш не ми работи акумулаторот? Да не е и тој приклучен на трафо-станицата? Сè тоа е поради Добрила, слушај што ти велам“, повторувам и го вперувам прстот во него. „Ти не си нормална“, заклучува.

Навикнат на егзактни факти и сосема неподготвен за средба со појавите од „другата страна“, маж ми се задлабочува во вчерашните весници, што е сигурен знак дека разговорот на темата парапсихологија е дефинитивно завршен. Во светот на Владо два и два се четири. Секогаш се четири, нема друго. Тој не прифаќа мистерии, чуда, хороскоп, паранормални појави, претскажувања и верувања. Кај него сè е јасно како бел ден, прецизно дефинирано и математички потврдливо. За разлика од мене, на која два и два понекогаш ѝ се три, најчесто пет, но речиси никогаш четири.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.