Исидора Бјелица во последното интервју: „Колку и да ме удира животот, јас ќе го ставам најдобриот шешир, ќе соберам сила и ќе станам. Мое е да станам, преостанатото е на Господ“

Во сеќавање на легендарната писателка

По повод смртта на Исидора Бјелица, која почина во вторникот во 52-та година од животот од последиците од карциномот, со кој се бореше осум години, го објавуваме последниот разговор што го направивме со неа непосредно пред нашата конференција за жени „Профемина“.

Исидора Бјелица е писателка што без пардон им пркоси на табу-темите, со над 78 бестселери во нејзиното професионално портфолио. Неодамна престојуваше во Скопје и беше дел од работилницата „Дами на чудата“, на која, покрај неа, учествуваа и лајф-тренерите Јована Хисмаер и Снежана Билко.

Писателката за „Убавина и здравје“ ги сумира впечатоците и импресиите од престојот, но даде и објаснување што претставува за неа среќата и како да се пронајде таа, што всушност беше и тема на самата работилница.

Во рамки на работилницата „Дами на чудата“, која се одржа во Скопје, а каде што учествувавте и вие, присутните имаа можност да ги чујат вашите животни тези и правила за среќен живот. Колку сте задоволна од тоа како помина работилницата и дали се исполнија вашите очекувања?

Поминавме одлично, ова беше супердружење. Дојдов во Скопје по покана од Снежана Билко, која всушност ја организира работилницата, а јас и Јована Хисмаер бевме нејзини гостинки. Дискутиравме за дуалната терапија, како да бидеме среќни, како да ги избегнеме стресовите од матриксот… Пробавме да дадеме одговори на сите овие прашања и искрено се надевам дека им помогнавме на присутните да ги решат своите животни дилеми и духовно да го збогатат својот живот.

Заедно со Јована и Снежана зборувавте на тема среќа и како да се пронајде таа. Која е вашата дефиниција за среќа?

Да бидам искрена, нема дефиниција за среќа, секој човек е различен и различни нешта го прават среќен. Дефиниција за среќа е да се препознаете себеси, да ја осознаете својата автентичност, да го живеете својот живот, а не туѓиот. Овде, кај нас, сите нѐ тераат да живееме нечиј туѓ живот, туѓи принципи, туѓи дефиниции за тоа што е исправно и добро… Катастрофа! Значи, треба да порасне детето во тебе. Секогаш кога не го правиш она што си ти, убиваш еден дел од себе и затоа не можеш да бидеш среќен.

Во моментов сте актуелна со романот „Школа за ангели“, кој наскоро ќе биде преведен и на македонски јазик, а големо внимание привлече и делото „Помагај, пријателке“, кое го напишавте со Јована, а во кое ги советувате дамите, наместо со психолог, проблемите да ги решаваат во разговор со пријателките. Ги послушаа ли читателките вашите совети?

Во Србија излезе книгата „Школа за ангели“, која е голем хит. Овој роман е сума сумарум на сѐ што знам, многу е популарен кај младите, помага во борбата со депресијата, стравовите, тоа се таканаречени иницијации на љубовта, тајни на кои никој не може да нѐ научи.

Се надевам дека мојот издавач наскоро ќе го преведе и ќе ја читате и на македонски јазик таа моја круна на сѐ што сум сработила досега.

Слободно можам да кажам дека ова е мојот најдобар роман што сум го напишала досега.

Во врска со „Помагај, пријателке“, јас мислам дека пријателството е ангелски однос и дека секоја пријателка може да биде и пријателка и терапевтка, нема потреба да му плаќате некому. Оваа книга е еден вид водич како можеме да си помогнеме една со друга во тешки ситуации. Навистина е неверојатно на колку позитивни реакции наиде книгата и сега пријателките си помагаат една на друга и се лекуваат меѓусебно.

 

Мода, патувања, телевизија, книжевност, драма… Вашиот животен стил навистина е една инспиративна разгледница, која од аспект на обичен човек изгледа егзотично. Но како вие лично се доживувате себеси?

Секој уметник има свој начин на бегство од реалноста. Мојот специфичен начин да побегнам од реалноста се пишувањето, патувањето, модата… Го почитувам тоа што го кажал Оскар Вајлд – мојот живот е моето најголемо уметничко дело, па, оттука, и таквиот нетипичен живот за нашето поднебје. Егзотиката е мојата определба. Искрено, не размислувам многу за самата себе, туку повеќе размислувам за другите луѓе, проекти, соништа…

 

Велат дека дама се раѓа, не се гради и не се станува прекуноќ! Се согласувате ли со оваа констатација?

Мислам дека се раѓа, но мора перманентно да работи на себе за да се одржува. Надворешната елеганција мора да биде проследена со висока свест и добра душа, инаку сѐ е напразно. Начинот на кој се облекуваме е наша порака за тоа како размислуваме, што сакаме, тоа е првиот знак за препознавање.

Како успевате сите различни аспекти на вашиот карактер да ги склопите во една успешна компатибилна целина? Како го одржувате вашиот креативен дух?

Пред сѐ така што не правам компромиси, ниту во однос на работата, ниту кога се работи за пријателството или љубовта. Компромисите носат единствено болест и незадоволство. Иако на Балканот постои еден голем култ на трпение и жртвување, јас ниту трпам ниту се жртвувам. Напротив, кога ќе почувствувам дека некој ме загрозува, гази или нервира, јас тоа го кажувам јасно и гласно. Од друга страна, патувањата, семејството и моите читатели ми се голема поддршка, но и генератор на енергија. Секојдневно добивам многу енергија и љубов и на тој начин ги полнам батериите.

Ваша голема пасија се шеширите, тие се ваш препознатлив заштитен знак. Во што е нивниот шарм? Што е толку заводливо токму кај нив?

Кога бев мало девојче, играјќи си со шеширите на мојата баба и прабаба, сфатив дека тие се наједноставен начин да се побегне од стварноста. Шеширите се најекстензивен моден детаљ. Не само што се практичен начин да прикријат кога косата не ти е исфенирана, туку тие се просто јасен став во однос на животот, дека сакаш повеќе, дека сонуваш повеќе и веруваш дека животот е повеќе од тоа што ни се нуди. Забележав дека жените кога доаѓаат во мојата галерија и кога ги пробуваат шеширите, влегуваат во една друга димензија, се менуваат како да отпатувале во некоја далечна земја. Шеширите се есенција на женственоста и воопшто не е чудно што кралските семејства неизбежно ги носат со векови.

Успеавте да се изборите со карцином. Кое ви беше најсилното оружје во најтешките моменти и битки? Што ви даваше сила да се борите?

Онолку колку што имаш мед во животот, мораш да имаш и сивила, тоа е дуален свет. Јас навистина имав многу мед и живеев илјада на час и нормално е дека ќе имам и некои искушенија. Мораме да сфатиме дека кога ќе ни се случат и некои тешки работи, како што е болеста, треба да ги искористиме, тоа е умешност.

Вие не можете да ги избегнете лошите работи, но луѓето што навистина ја сфаќаат духовноста, секој проблем го претвораат во предност, така што јас мојата борба со болеста ја претворив во работење на себе, напредував, и денес дури сум посреќна отколку што бев пред да се разболам, па дури и им помагам на луѓето.

Значи, имајте доверба во себе, во космосот, во Бог, сѐ се случува со причина. Секогаш верувам во невозможното и знам дека секогаш кога ќе паднам треба да станам. Колку и да ме удира животот, јас ќе го ставам најдобриот шешир, ќе соберам сила и ќе станам. Мое е да станам, преостанатото е на Господ.

Вистина ли е дека карциномот го исцелил вашиот брак со сопругот?

Да, вистина е. Целосно го исцелив мојот брак и веќе не сум љубоморна и посесивна. Многу е лошо што луѓето се врзуваат за некого и мислат дека тоа е љубов. Значи, мерката колку можете да бидете сами е всушност мерка што покажува колку можете да сакате. Се мешаат врзувањето и љубовта, а јас денес, по толку време, можам да кажам дека имам добар брак.

Од каде ги црпите енергијата, позитивниот дух, ведрината…?

Целата добра енергија, љубов и радост се од еден божествен извор. Кога човекот е депресивен, тогаш сѐ гледа црно, едноставно се исклучил од тој божествен извор. Затоа е алармот, да му се вратиме. Тука сме за да се учиме на љубов. Луѓето дозволуваат да бидат жртви на надворешни влијанија, но суштината е дека надворешните работи не можат да влијаат на нашата радост, хумор, убавина. Често да бидеме на висока вибрација на љубов.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.