КСЕНИЈА НИКОЛОВА: „Најважно е да се соочиме со сите свои стравови и на свој начин да продолжиме напред“

Силни и бестрашни

Инспиративен разговор со писателката Ксенија Николова

Нејзините книжевни дела се преведени на повеќе јазици, а романот „Незадоволна“ доживеа и свое српско издание. За Ксенија, читателите се најважни, бидејќи од нив зависи дали една книга ќе биде читана, потребна и значајна. Таа се стреми да создава уметност што ќе поместува граници, ќе замислува, охрабрува и ќе буди емоција, а во животот најсреќна е поради тоа што се буди со чиста совест.

Колку е тешко или лесно да се опстане како писател во нашата земја?

Тешко е, особено ако си жена. Многу често, уметноста создадена од жена се доживува како хоби, не можам да ви објаснам колкупати сум го почувствувала тоа на своја кожа. Знам дека жената има многу улоги во општеството, но нејзината основа мора да биде некој нејзин личен извор на среќа и сатисфакција. Луѓето живеат со предрасуди и жал ми е што е така, ја гледаат површината, а не се заинтересирани да ѕирнат во суштината. Вистината е дека можеш да носиш високи потпетици, да имаш венче на глава и да бидеш одличен писател кој се нурнува во сериозни длабочини и кој сака да расте и напредува, но вистина е и дека на одредени луѓе ќе им треба многу време да го прифатат или сфатат тоа. И тоа е во ред.

Која е најголемата промена што ја имаш доживеано на професионален, но и на приватен план?

Мислам дека откако излегов од границите на Македонија со моите дела, уште повеќе се осознав себеси како автор и максимално се отворив за растење. Тоа е многу важно за еден уметник, зашто ако ја заклучиме нашата креативност со клучот наречен „его“, тогаш тешко ќе научиме нешто ново. На приватен план кај мене е мирно море и добро е што е така, зашто ми требаше многу време да стигнам до оваа точка. Ми се допаѓа тоа што се будам со чиста совест. Можеби тоа е мојата најголема промена и ренесанса која верувам дека е трајна, зашто научив многу лекции на своја кожа и не беше лесно.

Каква трага се надеваш дека ќе оставиш преку твоите книжевни дела?

Најважно ми е да му бидам корисна на општеството, сметам дека тоа е основата на нашето постоење. Во спротивно, тоа би значело дека само земаме, без да дадеме ништо. Јас сакам да оставам нешто зад себе и драго ми е што имам канал преку кој уживам да го правам тоа.

Пред повеќе од една година искрено проговори на тема инвитро-оплодување…

Проговорив на таа тема, зашто имам глас и сакав да охрабрам многу жени и двојки кои се соочуваат со истото. Бројката е огромна, за жал. Јас сум борец, но некогаш сум толку уморна што снемувам зборови. Конкретно на оваа тема, мислам дека не чувствувам повеќе ниту една вибрација, освен надеж. Разочарувањето е огромно, од повеќе аспекти, но истовремено, тоа создава некоја друга Ксенија во мене и можеби така и треба да биде. Најважно е да се соочуваме со сите свои стравови и на свој начин да продолжуваме напред. Јас не сакам да стојам во место, стоев во место низ целите мои дваесетти години, па мислам дека беше доста. Немам гнев, немам лутина, отворена сум за прифаќање и наоѓам радост во секојдневието. Тоа е мое лично големо достигнување. Имам среќа што имам што да кажам, што во мене циркулира инспирација и што постојано ми игра душата и ми се радува на нови нешта и на нови предизвици. Тоа значи дека сум жива.

Каков роман се надеваш дека ќе испише твојот живот?

Мојот живот испишал доста романи и тоа продолжува да биде така. Нека биде онака како што треба да биде. Јас верувам во Бог и секогаш велам дека Бог ги отвора нашите патишта, а ние треба да имаме верба и да се впуштаме во нови искуства. Јас не сум исплашена, тоа време заврши. Што и да се случи, јас сум навистина среќен човек.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.