Разговор со Лидија Димковска: „Кога пишувам, јас сум најсреќната личност на светот, дури и кога пишувам за трагични нешта“

У&З жени

„Пишувањето нè избира нас“, вели нашата писателка, а во продолжение ви ги пренесуваме нејзините размислувања, соништа и идни планови

Својата кариера ја започнува како поетеса, за потоа да продолжи да се развива како умешна писателка на импресивни романи и прозни дела. Книгата „Резервен живот“ ѝ го трасира патот надвор од нашата земја и ѝ го донесе признанието „Европска награда за литература 2013“, а со своето најново издание „Единствен матичен број“, Лидија Димковска повторно докажа дека е мајсторка за отсликување на внатрешните борби на поединецот.

Што е тоа што ви го окупира вниманието моментално?

По излегувањето на мојот последен роман „Единствен матичен број“ кон крајот на август, се наоѓам во „блажена“ состојба кога едноставно можам да се издишам од пишувањето на романот и да ја следам неговата рецепција кај читетелките и читателите кои неретко ми пишуваат пораки со впечатоци од романот. Тоа е најубавиот, но и најстресниот дел од пишувањето книга, кога ја испраќате во светот сама да се снаоѓа, да си го пронајде патот до читателите, да заживее или можеби да умре.

Кој ваш успех би го издвоиле како најголем на професионален, но и на приватен план?

Секое убаво нешто во моментот кога се случува е најубавото нешто на светот и најголемиот успех, а потоа го заменува некое ново убаво нешто, некој нов успех. Најголемиот успех е да се биде и остане здрав, да се сака, да се почитува, да се радува, споделува. Од поконкретните успеси на кои човек заборава по одредено време, а со вакво прашање како Вашето, треба да се потсети на нив, можам да издвојам повеќе, но би ги навела следниве: откровението, уште во детството, дека имам дарба за пишување, првата поетска збирка, првиот роман, отворањето на лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Букурешт и првите студенти со своите љубопитни очи и уши за македонскиот јазик, насловната страница со мојата фотографија на „Американ Поетри Ривју“, читателските одѕиви по објавувањето на романот „Резервен живот“, новите одѕиви на последниот роман „Единствен матичен број“ што излезе неодамна, сите мои книжевни патувања на кои среќавам исклучителни луѓе, космпополитизмот како моја арс  и животна поетика.

Каква трага се стремите да оставите преку вашите книжевни дела?

Кога пишувам не размислувам за нешто такво, не си наметнувам поинаква цел од онаа да ја напишам приказната или песната што ми тежи во умот и во срцето. Се радувам кога моите книжевни дела оставаат трага кај читателите и читателките, кога отвораат или затвораат некоја нивна приказна, кога можат да се пронајдат во она што го пишувам, но сето тоа доаѓа, ако дојде, дури откога делото е напишано. Она што и е иманентно на личноста, остава трага и во она што го пишува, и во таа смисла ме радува кога ќе слушнам дека некоја моја книга некому му влијаела, му отворила или му го променила светогледот. Тоа е се што може книжевноста да направи, а верувајте, не е малку.

Каков роман се надевате дека ќе испише вашиот живот?

Ни сама не знам каков, но знам какви романи, а и песни испишав јас во досегашниот живот – добри или лоши, се одраз на времето што сама го избирав за да го исполнам со простори и ликови во моите дела. Се може да се преобрази во приказна или песна, но најважно е таа приказна или песна да ја чувствуваме како да е реалност. Со животот заедно го пишуваме романот на постоењето со отворен крај.

Колку е тешко или лесно да се опстане како писател во нашата земја? Што би ги советувале оние кои сакаат да го одберат овој животен пат?

Пишувањето не е е резултат на одлука, не е професија за која решаваме дека ќе биде наш животен пат, ние не го одбираме пишувањето туку пишувањето не одбира нас. Пишувањето е вдишување и издишување, и за оној кој ја носи во себе дарбата за пишување, пишувањето е живот, а непишувањето смрт. Секаде е тешко да се опстане како писател ако не сте автор на бестселери, но литературата, без која културата на една земја не може да се нарекува култура, мора да биде помогната од страна на општеството.

Кој е најголемиот предизвик со кој сте се соочиле во процесот на пишување и како сте го надминале?

Тоа е предизвикот на почетокот што секојпат одново го одложувам, првото седнување пред екранот или тетратката, првата реченица, првата страница. Понекогаш ми се чини дека бесконечно долго трае започнувањето на пишувањето, но кога ќе започнам тешко ми е да престанам. Обично приказните ги носам во себе со години пред да почнам да ги раскажувам, пред да седнам да ги напишам. Со поезијата, која доаѓа во наплив на стихови, е полесно, веднаш го вадам тефтерчето и ги запишувам стиховите, а подоцна, во мигови на крајна концентрација песната се обликува и сама и си помош на моето битие, но пишувањето проза бара поинаков вид на работа, дури и план, нацрт и секако, време. Кога пишувам всушност се надминувам себеси како човек, и тоа е најголемиот и најтешкиот предизвик, но кога пишувам јас сум всушност и најсреќната личност на светот, дури и кога пишувам за трагични нешта, а пред се пишувам за такви собитија од животот.

Кои пет книги, според вас, се задолжително четиво за секој љубител на пишаниот збор?

Ах, тоа е тешко прашање, мојот книжевен вкус не може во целост да се совпадне со книжевниот вкус на секој читател или читателка. Тешко е да изберам само пет книги, затоа дозволете ми да ги наведам моите најомилени пет автори/авторки од кои би требало да се прочита се’ што постои: Марина Цветаева, Достоевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Пер Петершон.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Инспиративен разговор со модната дизајнерка Антонија Ристовска: „Талентот е 10%, сè друго е работа“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.