Инспиративен разговор со модната дизајнерка Антонија Ристовска: „Талентот е 10%, сè друго е работа“

У&З жени

За што размислуваат, што планираат и на што се надеваат инспиративните жени со кои разговаравме овој месец

Таа е една од најуспешните модни дизајнерки кај нас, со неоспорен континуитет во квалитетот на работата. Доказ за тоа е нејзиното долгогодишно присуство на македонскиот пазар – Антонија Ристовска повеќе од 25 години се грижи за изгледот на многу дами и ги воодушевува љубителите на модата со своите креации и ревии. Несомнено е дека таа претставува инспирација за многумина, но што ја охрабрува неа и кои се нејзините визии за иднината?

Што ви дава мотивација во тешките мигови?

Креативната страст и љубовта се најголемите двигатели во мојот живот. Имам страст за постојано создавање нешто ново во сите сфери на животот, но најмногу се пронајдов во модниот дизајн. Тоа е широко поле во кое дишете со полни гради. Сонувате будни и создавате имагинарен свет, во кој уметноста ја допира модата. Ново искуство, кое постојано ви дава нова енергија за да продолжите понатаму, експериментирајќи и создавајќи нови визуелни форми. Тоа ми дава смисла секој нов ден.

Кој е најголемиот предизвик моментално во модата кај нас и во светски рамки?

Модата е како жива материја, флуидна и променлива. Промените во модата често ги одразуваат општествените, економските и културните движења, а во исто време ја обликуваат и нашата перцепција за идентитет и убавина. Еден од клучните предизвици со кој модната индустрија се соочува е потребата од тоа облеката да биде усогласена со потрошувачите и нивните променливи преференции. Во денешно време, клиентите се сè посвесни и имаат поголеми побарувања. Зборувам за светски рамки. Кај нас, предизвикот е како домашен бренд да успеете да се доближите до преферирањата на домашниот клиент, притоа задоволувајќи ги неговите барања и во задржувајќи ја автентичноста на брендот.

Какви жени ве инспирираат?

Кај секоја жена би го издвоила нејзиниот карактер и нејзината внатрешна убавина. Спојот на тие две ја дефинираат и нејзината надворешност, нејзиниот стил и начинот на кој ги носи своите години. Тоа е најмоќното оружје на една жена. Дел од денешната генерација на жени во голема мера се обидуваат да ја променат перцепцијата за убавина до таа мера што прават невкусни естетски промени. Како пример, ќе ја земам младата жена која има семејство, има кариера, која знае добро да се организира и притоа секогаш да изгледа добро и здраво.

Која е најголемата промена што ја имате доживеано на професионален и приватен план?

Највозбудливиот момент ми беше ревијата во 2002 г. во Музејот на современата уметност, каде што првпат се претставив како моден дизајнер пред македонската јавност. Исто така, значајна ми е ревијата на мојата авторска колекција „Родена“ во 2005 г., инспирирана од жената Македонка, современа и модерна која ја негува традицијата и нејзините вредности. Потоа, колекцијата „Блум“ во 2016, запаметена како колекција на најнеобични венчаници и модели првпат изработени од ткаенини со мои дизајни. И секако, колекцијата венчаници „Деница“ во 2019 г., за која сè уште се зборува. На приватен план, најубавата промена што ми се случила е раѓањето на моите две прекрасни ќерки, Елена и Ања, како и на мојот внук Никола. Семејството е дијамантот што постојано го брусите го обликувате и му се радувате. Дијамант што ви ја дава најубавата енергија.

НАЈВАЖНИТЕ ЛЕКЦИИ

Која е вашата формула за успех?

Талентот е неопходен, но би рекла дека тоа е само 10%, сè останато е работа, посветеност, визија и умешност идејата да се реализира. Работата на едно ателје е тимска, па многу е важно да знаете да ги одберете вистинските луѓе со кои ќе ја градите својата и нивната иднина.

Кои се најчестите стилски грешки?

Моментално, трендовите се залагаат за големо ослободување на женското тело и сè е дозволено. Затоа, се случуваат стилски грешки. Најчесто, облеката стилски не соодветствува на пригодата во која се носи, се одбира облека од неквалитетен материјал со несоодветна големина.

Кои се најважните работи што секоја жена треба да ги запамети?

Секојдневно да одвојува барем 1 час за себе. Секогаш да биде уредна, со чиста коса, негувано лице и тело. Да работи на себе, на својата едукација и усовршување, така полесно ќе се справи со брзите промени во денешницата. Да изгради свој стил на облекување, да си го запознае телото и конституцијата. Да има свој омилен, оригинален парфем. Да купува помалку, но квалитетно – така секогаш ќе изгледа скапо.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Разговор со единствената КАЛИОПИ: „За мене, успешен човек е оној кој успеал да ја сочува човештината во себе“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.