Разговор со единствената КАЛИОПИ: „За мене, успешен човек е оној кој успеал да ја сочува човештината во себе“

Приказни за успех

Колку се променила од почетоците на својата кариера до денес, за што размислува и како ја замислува иднината – ни одговори нашата Калиопи

Непотребно е да се зборува за нејзината музичка биографија, бидејќи нема кој не си ги потпевнува добро познатите рефрени на „Роѓени“, „Црно и бело“ „Не ми го земај времето“, „Дали ме сакаш“, „Најмила“, „Обои ме“ и на многу други незаборавни хитови. Последно нè израдува со дуетот со Жељко Самарџиќ „Знам“, кој го освои регионот од прво слушање. Нашата Калиопи е силна, единствена, но, пред сè, голем човек.

Како се чувствувате денес кога размислувате за она што го имате постигнато сите овие години?

Чувствувам дека вистински постојам и дека добро се носам со времето. Но токму тоа време не ми го дозволува луксузот да тонам во самоанализи. Секогаш се стремам кон напред и единствено што чувствувам е огромна благодарност. Да се живее живот како мојов е огромна привилегија.

Како би ги опишале вашите последни 15 години?

Моите последни 15 години би ги опишала како животен циклус, наречен „Црно и бело“. Самата песна го обележа овој мој животен период. Мислам дека тоа е најточниот опис за една третина од мојата досегашна кариера.

Кои се најголемите предизвици со кои се имате соочено во кариерата и како ги имате надминато истите тие?

Неизвесноста и исчекувањето пред непознатото биле мојот најголем предизвик. И никогаш не сум се трудела да ги надминам. Напротив, што посилни биле како чувство тоа поуспешна сум била и јас.

Природно е да се менуваат работите, трендовите, ние самите… Како се справувате со промените што ги носи времето?

Најпрекрасното нешто на кое му се радувам во мојата повеќедецениска кариера е токму моментот на бескомпромисност, без оглед на промените и трендовите што ги носело времето. Токму тоа ме бележи низ музичката историја како своја и како некој кој не отстапува од себе кога е музиката во прашање. Приватно, промените ги носи самиот живот. А тој не нè прашува секогаш што сакаме, а што не.

Без задршка и скромност, кои работи кај себе ги сметате за ваши најсилни страни, а каде сметате дека има простор за напредок?

Мојата најсилна страна е мојата сила. Да истраам, да се изборам за себе и своите идеи, соништа и истите тие да ги сочувам, да траат. А без напредок, нема континуитет…

Кој човек е успешен човек?

За мене, успешен човек е оној кој успеал да ја сочува човештината во себе.

Што ве прави најсреќна моментално, а што би ве направило уште посреќна во иднина?

Најсреќна сум кога знам дека сум причината за туѓата среќа. А би ме направило уште посреќна кога би видела повеќе такви како мене, кои ќе го делат појмувањето за она што се нарекува среќа.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: МАРТИН ШИШКОВСКИ

Што ви дава ветер во грбот? Инспиративен разговор со дизајнерката Лидија Георгиева
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.