Што ви дава ветер во грбот? Инспиративен разговор со дизајнерката Лидија Георгиева

„Ме мотивира потребата за фасцинација!“

Со Лидија Георгиева зборувавме за мотивацијата, создавањето и женската сила…

Во модерното општество жената е изложена на многу предизвици и притисоци. Од неа се очекува да биде реализирана на сите полиња: да биде добра мајка и грижлива сопруга, да биде успешна во својата професија и притоа да има време за социјален живот и духовна надградба. Не е лесно да се остане свој и доследен на себе во таква средина, па затоа жените на кои им успева тоа предизвикуваат восхит! Разговорот со дизајнерката и редовен професор Лидија Георгиева несомнено ќе ве инспирира…

Зад себе имате богато искуство и успешна кариера на професор, но и на моден дизајнер. Многу колекции, ревии и студенти на кои сте им го пренеле своето знаење. Несомнено е дека сте инспирација за многумина, но што е тоа што вам најмногу ве мотивира и ве охрабрува да продолжите да творите и во тешките животни мигови?

Tочно е, да, многу колекции, пред некое време се обидов да избројам, но не ми успеа. Констатирав дека се преку 100, вклучувајќи облека и модни додатоци за мојот бренд, но и за други модни куќи, предмети за домашно уредување и индустриски дизајн, театарски костим, модерен танц… Дизајнот е составен дел од мојот крвоток, ме движи потребата за фасцинација, чувството дека тоа е тоа, настанало нешто ново, нешто што дотогаш не постоело и не е најважно дали некој ќе го купи, дали некому ќе му се допадне. Но подоцна, голема е радоста кога ќе видам дека некој мој дизајн се движи, го живее својот живот, повеќе не ми припаѓа мене, туку на друга жена или маж со друг сензибилитет, емоции, живот -чувството е незаменливо. Без разлика на околностите, едноставно мора да се креира континуирано, така дишам.

Во модерното општество, жената е изложена на многу притисоци и предизвици. Од ваше искуство, што сè се очекува од жената денес? Може ли да се одговори на сите очекувања?

Иако има големо подобрување, особено во секторот на напредните технологии,за жал сеуште е точнодека со исти способности и квалитети, мажот и жената немаат еднакви шанси за успех во кариерата, таа мора да вложи повеќе труд и енергија. Би се сложила дека е многу полесно да нападнете жена политичар и да ја осудите, со поголема омраза да ја исмејувате за изгледот, да ја доведете во прашање нејзината експертиза или интелигенција. Но секогаш постојат исклучоции тие се нашиот пример, модел за следење.

Сепак, да сум вашата постара сестра, јас би прашала: А зошто да одговориме на сите очекувања? Жените се многу едноставни и многу комплицирани, но сосем е во ред малку поголеми пријатели да си бидеме самите на себе.

Нашиот најголем непријател е огледалото, а можеби почесто треба да разговараме со нашиот пријател внатрешното огледало. Упорно се оптеретуваме со огромни очекувања, но кои се нашите вистински потреби? Дали сме среќнисамо ако сите околу нас се среќни или очекуваме пред сеуспех, знаејќи дека немаме сите иста дефиниција за успех? Гледам дека кај нас доминира амбицијата да се биде Дама (со големо Д), иако не се знае точно што е тоа,секој има различен опис. Дали дамата апсолутно мора да има одредена количина на надворешни атрибути, шминка и комплетно да е брендирана или е дама да помогнеш некому дискретно, без да знае и без да се фалиш со тоа? Понекогаш овие квалитети одат заедно, но што е елеганција, грациозност, рафинираност, каде замина суптилноста? Лично јас, многу почитувам индивидуален стил, особено ако има елементи на ексцентричност, па дури и да се прават понекогаш стилски грешки, сосем е во ред.

Какви жени ве инспирираат? Кои жени сметате дека треба да се земат како пример за новите генерации?

Една африканска поговорка вели „Ако образуваш маж, си образувал една личност. Образувај жена и си образувал цело семeјство”.

Мојот пример се вонвременски фигури, познати авантуристки, писателки, поборнички за правата на жените, рокенрол икони, креативни жени,кои го живеат животот без разлика на пречките.

Но дали само сега во март треба да се сетиме на Клара Цеткин или на афроамериканските математичарки во НАСА, кои во 50тите години на минатиот век одиграле клучна улога во вселенскиот програм на НАСА? Тие истовремено додека работат, морале да се справуваат со расната и родова дискриминација. Би ги додала и жените кои будат емоции или имаат интересни животни приказни, водени од опсесија, од нешто што е посилно од нив, на пример, Лори Андерсон, Елза Скјапарели, Мадлен Вионе, Заха Хадид, Ајрис ван Херпен, Камиј Клодел и да не ги заборавиме милионите анонимни жени кои со својата приказна се вистински херои.

Постои ли заедништво помеѓу жените денес?

И да и не, зависи од тоа дали се работи за реализирана жена, која не бара ништо за возврат освен пријателство, љубов, почит… Секако дека постои заедништво, продуктивно е, може да сруши општествени, културни или економски бариери, барем така ми покажало искуството. Точно е и спротивното – во тој случај се работи за фрустрации, ограничувања,доста непријатно. Но верувам во идејата дека доколку повеќе жени би биле инволвирани во решавачки позиции, многу помалку војни би имало во светот.

Каква трага се надевате дека ќе оставите во општеството? Која е вашата животна цел?

Искрено се надевам дека пренесувајќи го моето знаење и искуство, придонесов во збогатувањето на ова општество со нови, креативни сили на сцената на македонскиот дизајн. Секако тоа ќе се покаже во блиска иднина, нивното време доаѓа, а јас гледам, уживам, се гордеам.

Што се однесува до мене, можеби целта е наоѓање спокој во постојана креација. Траги оставам континуирано, се надевам дека се естетски и вибрираат одредена фреквенција која е збогатувачка за некого. Но приватно, секогаш тежнеам кон елегантен живот, исполнет со убави моменти, јас сум хедонист, да се разбереме.

Кои се најважните работи што сметате дека секоја жена треба да ги запамети? Што би ја советувале помладата Лидија?

Не постои категоричен одговор дали поради овој или оној потез, нечиј живот би бил подобар или е баш перфектен ваков каков што е. Не знам дали би ја заменила мојата тогашна наивност и безграничен ентузијазам со денешната слика за светот, моменталнава реалност е блиску до антиутописките фикциикои ги читав.

Не сум поборник на идејата дека постои време кога се прават одредени постигнувања и дека ако сте го утнале тоа времее готово, прикаската заврши. Никому не би советувала нешто во стил сега му е мајката или направи го тоа додека си млад. Веројатно би рекла: „Здраво Лидија, забавата продолжува, идеалното време е твоето време.”

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.