Дали ви треба пауза од социјалните мрежи?

Сè повеќе и повеќе корисници ги деактивираат своите профили на социјалните мрежи поради големиот број статуси, мислења, теории и содржина кои ментално ги заморуваат и го зголемуваат стресот.

Ако некогаш сте размислувале за привремена детоксикација од социјалните мрежи – сега е вистинското време да ја реализирате таа идеја.

Светот се бореше со пандемијата на коронавирусот изминатата година, насловните страници на сите социјални мрежи и медиуми се исполнети со главно негативни вести, а со оглед на тоа што поголемиот дел од времето го поминувате заклучени во вашите четири sида – важно е да знаете како да направите пауза.

Што е „детоксикација од социјалните мрежи“?

Тоа е израз кој станува сè попопуларен во светот, а започна да се споменува во 2015 година, кога пејачот Ед Ширан објави дека накратко ќе го деактивира својот Инстаграм профил за да се одмори од содржината што ја среќава таму. Набргу после тоа, многу негови колеги, но и обожаватели, го сторија истото. Деактивирањето од социјалните мрежи стана сосема нормална работа, а за време на пандемијата се покажа како незаменливо.

Пет работи што ќе ги подобрите ако одлучите да ги напуштите социјалните мрежи некое време:

# 1 Експертите тврдат дека ако го оставите мобилниот телефон настрана, ќе спиете многу подобро. Имено, вештачката светлина може да пречи во производството на мелатонин (хормон за спиење). Значи, прелистувањето на социјалните мрежи непосредно пред спиење може значително да го наруши вашиот циклус на спиење.

# 2 Јасно е дека социјалните медиуми помагаат во одржување контакт со најблиските, но психологот Жаклин Неси тврди дека делумното одделување од виртуелните разговори може да биде многу покорисно. Таа советува наместо обични пораки, да изберете телефонски или видео разговори, да напишете писмо или едноставно да организирате прошетка со луѓето што живеат во близина. Таа посочува дека на овој начин ќе избегнете бучава во комуникацијата, а разговорите ќе бидат многу подобри.

# 3 Анализа објавена во 2017 година во Киберпсихологија опфати 61 студија за проценка на многу честото тврдење дека прекумерната употреба на социјални мрежи и технологија може да ја наруши самодовербата и да создаде чувства на осаменост и депресија. Експертите советуваат дека кратка пауза може да ја ублажи вознемиреноста.

# 4 Постојано одговарање на пораки, е-пошта и проверка на социјалните мрежи може да биде многу стресно, а само 24-часовна пауза може да направи голема разлика и да донесе освежување.

# 5 Логиката е едноставна – ако престанете да посветувате време на една работа, ќе ослободите време за другите. На пример, наместо бесконечно да ги разгледувате социјалните мрежи, одлучете да одите на прошетка или да ги завршите домашните работи.

Пронајдете други занимања: вежбајте, возете велосипед, читајте книга или гледајте некои од филмовите што долго време планирате да ги гледате.

Запомнете, можете да се вратите на социјалните мрежи кога сакате, и во периодот без нив, може да сфатите кои платформи најдобро ви одговараат или со кои најдобро работите. Ако се чувствувате добро додека сте присутни на неколку различни мрежи, продолжете како порано. Ако не – направете промена. Најважно е да го направите она што е најдобро за вас.

Прочитајте и: Секој од нас ја добива оваа супермоќ од раѓање: Дали умеете да ја искористите?

 

ФОТО: Pexels

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.