ПЛАЖА плус… интересни локалитети кои се во близина

Ве запознаваме со некои од најубавите плажи на нашите омилени мориња, заедно со некои интересни локалитети кои се во близина и кои можеме да ги посетиме за да го комплетираме искуството. Значи, не само да пливаме и да се сончаме! А и зошто да не!

МИРТОС (КЕФАЛОНИЈА, ГРЦИЈА)

Кефалонија, најголемиот и најзелен остров на Јонско Море, е дом на една од најубавите плажи во светот – нереалниот Миртос.

Покриен е со бели камења кои во комбинација со ситниот пенлив песок и сончевата светлина создаваат бои кои го одземаат здивот, од темносина до млечна и тиркизна. На само 15 километри од Миртос, се наоѓа уште едно природно чудо, пештерата Мелисани, именувана по нимфата Мелисани, која се удавила во неа поради невозвратената љубов на богот Пан. Пештерата е отворена од врвот, па сончевата светлина на водата ѝ дава смарагдна боја, во која може да уживате пловејќи низ пештерата.

ПЛАЖАТА НИСИ (АЈА НАПА, Кипар)

Позната по својот фин бел песок, чистото топло море, малиот остров што се наоѓа на 45 метри од нејзиниот брег и песочната лента што ги поврзува, плажата Ниси стана не само симбол на градот Аја Напа туку и на цел Кипар. За оние што сакаат да истражуваат, на само три километри од Аја Напа, над морето, има прекрасна мала сино-бела црква посветена на Света. Недалеку од црквата се наоѓа крст со мала пештерска капела, а откако ќе ја посетите капелата и ќе уживате во погледот на тиркизното море – задолжително спуштете се до истоимената плажа, која е на само 100 метри од капелата.

БИЈЕЛА ПЛАЖА (СОЛАРИС, ХРВАТСКА)

Една од најубавите јадрански ривиери се наоѓа во близина на Шибеник – Паркот Амадрија, со пет од најубавите плажи на Шибеничката ривиера и Бијела Плажа, која често се нарекува рај поради тиркизно-синото море. Веднаш до плажата има и етно-село, каде што можете да пробате локални специјалитети и да научите сѐ за животот на локалното население. На оддалеченост од само 15 километри се наоѓа Националниот парк Крка, каде што можете да уживате во неверојатното чудо на природата и прекрасните води.

КАЛИТЕА (ХАЛКИДИКИ, ГРЦИЈА)

Што се однесува до Егејско Море, тука е Калитеа, место познато по прекрасните пространи плажи, кристално чистата вода и многубројните барови на плажа, од кои се протега нереален поглед на синото Егејско Море, кое овде ја има најубавата боја. За љубителите на археологијата има светилишта посветени на Зевс, богот Дионис и нимфите Деметра и Аполон, како и две византиски цркви. На само три минути возење се наоѓа прекрасно медитеранско гратче, кој со своите камени куќи и асфалтирани улици се смета за едно од најромантичните места во Грција – Афитос, познат и како Дубровник во Грција.

ПЛАЖИТЕ ВО САРАНДА (АЛБАНИЈА)

Во последните години Албанија стана синоним за прекрасни плажи, а еднo од најпопуларните места е Саранда, позната по своите нереални тиркизни плажи. Најубави се плажите Манго и Фламинго, поради многуте дополнителни содржини, како што се долгото шеталиште и тврдината Лекурси од 16 век, која нуди прекрасен поглед на самиот град и синото на Јонско Море. На само 20 километри постои природен феномен, изворот на реката Бистрица, која поради големата длабочина и кристално тиркизната вода се нарекува Сино око, а ако продолжите уште 30 километри – ќе стигнете до најдобро зачуваниот средновековен Отомански град Гирокастро.

ПЛАЖАТА КЛЕОПАТРА (АЛАНИЈА, ТУРЦИЈА)

Освен богатата природа, Аланија има и богата историја. Имено, познатата египетска кралица Клеопатра го завела римскиот император Марк Антони, кој во име на љубовта ѝ ја подарил оваа област богата со шуми. Нејзиниот следен каприц бил да ја создаде најубавата плажа за себе, поради што Марк Антони ѝ го испорачал најквалитетниот египетски песок и на тој начин била создадена една од најубавите песочни плажи во Турција. Во непосредна близина на плажата, се наоѓаат и најважните знаменитости на Аланија: Црвената кула и тврдината, кои нудат феноменален поглед на плажата и градот.

АМАЛФИ БРЕГ (ЈУЖНА ИТАЛИЈА)

Велат дека доколку сакате да ја доживеете вистинската Италија, посетете го нејзиниот југ. Таму, пак, најатрактивен дел е познатото крајбрежје Амалфи, кое покрај плажите нуди и грст културно-историски споменици, како Дуомо ди Амалфи во истоимениот град, модерно Позитано, познато по шарените фасади, Вила Руфоло во Равело, со прекрасни градини и поглед на Тиренското Море. Идеална база за обиколка на најживописниот брег на Италија е Соренто, од каде што, по пливањето на многубројните плажи, можете да тргнете да го истражите најпознатиот италијански брег.

МОНДЕЛО (СИЦИЛИЈА, ИТАЛИЈА)

Велат дека кога Бог го создал светот, а шестиот ден, задоволен од она што го направил, го бакнал местото каде што денес се наоѓа Сицилија. Сицилија е остров на прекрасни плажи и уште поубави градови. Една од најубавите плажи, која ја нарекуваат Малдиви поради нереалната тиркизна боја на водата, е Мондело. Иако е на 12 километри од центарот на Палермо, оваа плажа се смета за градска плажа и е под заштита на УНЕСКО, па затоа мора да го посетите Палермо, кој со својата катедрала од 12 век и театарот Театро Масимо, со една од најголемите опери во Европа, го сочинуваат цел еден музеј на отворено.

ЕМПУРИЈАБРАВА (ШПАНИЈА)

Едно од најпопуларните шпански одморалишта, изградено во 60-тите години на минатиот век на некогашно мочуриште, е Емпуријабрава, позната не само по долгата песочна плажа туку и по многубројните канали долги 40 километри, низ кои може да се возите со чамци. Покрај сето ова, ова модерно место со прекрасни медитерански куќи, во чии глетки најмногу ќе уживате за време на возењето со брод, е рај за нуркачите, а северно од градот се наоѓа еден од најголемите нуркачки центри во Европа.

ПЛАЈА ДЕ ПАЛМА (ПАЛМА ДЕ МАЈОРКА, ШПАНИЈА)

Палма де Мајорка гордо ја носи титулата кралица на најубавите плажи на Медитеранот. Најпопуларната плажа на островот е Плаја де Палма, долга шест километри, а со ситниот песок и високите палми нуди нереално задоволство. Со оглед на тоа дека е блиску до главниот град на островот Палма, посетете ги главните симболи на градот, како што е катедралата Сеу, чија реконструкција во 20 век ја помогна познатиот Гауди, како и замокот Белвер.

Малку подалеку, на 20 километри од плажата, се наоѓа Илетас, познат како Монте Карло на Мајорка, поради големиот број луксузни хотели, а блиску е и малата, потивка плажа Кала Комтеса, опкружена со дрвја.

Текст: Лидија Ќулибрк

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.