СПФ-речник: Што значат ознаките на амбалажите?

Тука сме да ви ги одгатнеме

Купувањето средство за сончање порано подразбираше да избереме колку висок СПФ сакаме и дали претпочитаме да мирисаме на кокос или на ванила. Но со развојот на оваа гранка во козметологијата, производите за заштита од сонцето се посложени, а ознаките на амбалажите се умножија така што денес е потребно да донесеме многу повеќе одлуки. Тука сме да ви помогнеме.

Безбедно за морскиот еко-систем и коралните гребени, анг. marine friendly, reef-safe

Овие термини означуваат дека производот за сончање не содржи ниту една од овие пет состојки: оксибензон, октиноксат, октокрилен, 4-метилбензилиден и бутил-парабен. Студиите покажаа дека овие состојки можат да влијаат на способноста на коралите да се репродуцираат, оштетувајќи ги и убивајќи ги коралните ларви, што влијае на нивниот имунитет и животниот век.

Сепак, ова се етикети кои не подлежат на посебни регулаторни правила, затоа проверете ја листата на состојки за секој случај доколку безбедноста на морињата е приоритет за вас. (Кремовите за сончање кои се безбедни за морските екосистеми, исто така, може да бидат означени како биоразградливи.)

Без глутен анг. gluten-free

Ова е важна ознака за лицата со целијачна болест или нетолеранција на глутен и им се доделува на производите што содржат само 10 делови на милион или помалку глутен. (Забелешка: состојките што содржат глутен, како што се протеините од пченица, се многу почести во негата на косата отколку во средствата за сончање.)

Без масло анг. oil-free

Ова значи дека производот не содржи масло, но не открива дали содржи други оклузивни материи, како силикон, кои можат да предизвикаат мозолчиња, па дури и топлотен осип. Ако сте загрижени, побарајте крем за сончање што нема масло и силикони. Силиконите ќе ги препознаете по нивните имиња кои завршуваат со суфиксите -ticone или -siloxane.

Хемиски производ за сончање анг. chemical sunscreen

Термин што се користи за производи што штитат од УВ-зраците со нивна апсорпција благодарение на хемиските состојки во својот состав, како што се октокрилен или авобензон. Најголемата предност на хемиските филтри: кремовите што ги содржат лесно се нанесуваат, а ефектот им трае подолго. Најголемиот недостаток: лесно се апсорбираат во телото – можат да стигнат до секоја клетка од нашето тело преку крвотокот.

Хипоалергеничен анг. hypoallergenic

Овој термин не е регулиран од ниту едно официјално регулаторно тело, така што компаниите можат да го користат без да спроведат соодветни тестови, само врз основа на мислењето дека формулацијата на производот е таква што веројатно нема да предизвика алергиски реакции. Општо правило е дека – доколку сте склони кон алергиски реакции, побарајте производ со минерална, а не со хемиска заштита, и без мирис.

Клинички тестирано анг. clinically tested

Некои брендови дополнително ги тестираат своите производи за да видат дали, на пример, се погодни за осетлива кожа. Кога ќе го видиме натписот клинички тестиран на пакувањето, не ни кажува на што точно се однесуваат тестовите, како се направени или врз колку испитаници. Затоа, оваа ознака не е многу корисна при изборот на производот.

Минерален производ за сончање анг. mineral sunscreen

Овие средства за сончање го постигнуваат својот ефект благодарение на физичките блокатори, како што се титаниум диоксид и цинк оксид. Тие создаваат физичка бариера помеѓу УВ-зраците и кожата. Предност: остануваат на површината на кожата, што значи дека телото нема да ги апсорбира. Најголем недостаток: тешко се размачкуваат и оставаат бела трага на кожата. Покрај тоа, тие се мијат побрзо, па затоа треба почесто да се нанесуваат.

Некомедогено анг. noncomedogenic

Не постои стандарден начин да се потврди веројатноста дали козметичкиот производ ќе предизвика комедони, т.е. мозолчиња. Но, доколку сте склони кон акни, изберете кремови за сончање со салицилна киселина и цинк оксид, а избегнувајте ги оние богати со липиди, како кокосово масло и какао-путер.

Органски анг. organic

Иако оваа ознака може да значи дека ботаничките состојки на кремот за сончање се органски одгледани, ниту едно средство за сончање не може да биде 100 проценти органско. Хемиските средства за заштита од сонце се потпираат на лабораториски синтетизирани соединенија, како и на физички, т.е. минералните состојки мора да бидат хемиски обработени – нелегално е да се користат природни, буквално ископани верзии на цинк и титаниум диоксид, бидејќи тие се загадени со тешки метали.

Отпорно на песок анг. sand-resistant

Некои независни лаборатории нудат ваков тип тестови за производителите на средства за сончање. Тие тестови покажуваат дека изложувањето на кремот за сончање на различни видови песок – фин, среден, повеќенаменски – не го менува нивото на заштитниот фактор. Најчесто тоа е случај со мазни, свилени текстури, кои не дозволуваат песокот да се залепи на телото.

СПФ анг. SPF

Укажува на заштитен фактор од сонцето, особено од УВБ-зраците. Бројката до оваа ознака ја изразува мерката за тоа колку сончева енергија е потребна за да се предизвикаат изгореници на заштитената кожа – колку е поголем СПФ, толку е поголема заштитата од изгореници.

Стандардот за тестирање е нанесување на два милиграми крем за сончање на квадратен сантиметар кожа. Или, едноставно кажано: навистина дебел слој. Дерматолозите обично препорачуваат минимален СПФ со широк спектар од 30 во текот на целата година и SСПФ од најмалку 50 за деновите на плажа или активностите на отворено налето.

Спорт анг. sport

Бидејќи не постои вистински тест кој би потврдил дека секое средство за сончање е подобро за време на физички активности, секој производ за кој е потврдено дека е водоотпорен 80 минути може да послужи.

Широк спектар на заштита анг. broad spectrum

Овој термин се однесува на средства за сончање кои нудат заштита и од УВБ-зраците, кои предизвикуваат изгореници и од УВА-зраците, кои предизвикуваат оштетување на кожата, како што е разградувањето на колагенот. За најдобра заштита од сонцето, секогаш користете производи за сончање со ознака со широк спектар.

Водоотпорен анг. water-resistant

Тестот за отпорност на вода вклучува наизменично влажнење и сушење на субјектот неколку пати, а потоа тестирање дали производот за сончање е сè уште ефикасен. Сите кремови за сончање означени како отпорни на вода мора да го поминат тестот, затоа побарајте производ со него ако знаете дека ќе пливате или ќе се потите.

Забелешка: имајте предвид дека повеќето од овие ознаки се користат од страна на производителот, освен ознаките за одредени термини регулирани од релевантните официјални тела, како што се бројот СПФ, ознаката широк спектар и отпорно на вода и секако списокот на состојките.

Текст: Јасмина Убипарип

Прочитајте и

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More