Со љубов од Јапонија: „Спиевме во традиционална куќа, ни се поклони срна и пробавме 13 различни супи рамен!“

Впечатоци од Јапонија

Мартин и Лаура Климовски ни ги пренесоа своите впечатоци од нивното незаборавно патување во Јапонија

Романтичните дестинации, како Бали и Малдиви се најчестиот избор за меден месец, но Мартин и Лаура Климовски не се типична двојка. Обајцата авантуристи по природа, тие не сакале да се излежуваат на плажа по нивната венчавка, туку решиле да прецртаат една ставка од нивната листа на желби и да отпатуваат во Јапонија!

Будистичкиот храм Кинкаку-џи во Кјото
ПОДГОТВКАТА Е НАЈВАЖНА

Иако многу агенции кај нас и во соседните држави прават тури за Јапонија со сопствени агенди, нашите соговорници сакале самостојно да си го организираат целото патување, па летале до Токио со транзит преку Истанбул, а целиот лет траел околу 16 часа.

Што треба да знаете?

И двајцата интензивно истражувале во кои градови ќе престојуваат, кои места ќе ги посетат и што треба да знаат како туристи кои првпат патуваат во Јапонија: „Користевме алатки како ChatGPT и Bard, а заследивме и многу креатори и групи на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок кои даваат корисни совети за Јапонија. Многу од нив имаат интересни видеа за впечатливи ресторани, барови и скриени автентични локали. Пример за тоа е фејсбук-групата Tokyo Travel Tips.“

Инфо-плус

Мартин и Лаура ни посочија важни факти што треба да ги знаете ако планирате патување во оваа земја: „Не заборавајте да земете конвертори за струја и мали крпи за бришење раце, бидејќи никаде нема хартија во јавните места. Освен тоа, немаат јавни корпи за отпадоци, а тоа го дознавме на потешкиот начин. Затоа, треба да си носите и кесенце за ѓубре со себе.“

ОД ЕДНО НА ДРУГО МЕСТО

Во Јапонија јавниот превоз е беспрекорен, па така Мартин и Лаура најмногу користеле возови и метро за да стигнат од едно на друго место: „Ние користевме два типа карти: едната за превоз меѓу градови и околни паркови, а другата за локални метроа и градски возни линии. Картата за меѓуградско патување се вика JP (Japan Railway) и мора да се нарача, за да стигне на домашната адреса во вид на ваучер, а се активира во Јапонија. Звучи комплицирано, но многу е корисно и ние без проблем ја користевме.“

Мали, но чисти соби

Со оглед на тоа што постојано користеле метро, гледале хотелите да им бидат близу метро-станици. „Во речиси сите градови бевме сместени во хотел, со исклучок на Кјото, каде што бевме сместени во традиционална јапонска куќа. Хотелските соби беа изненадувачки мали, но снабдени со основни работи за лична хигиена, редовно беа чистени и средувани“, откриваат Мартин и Лаура.

Традиционална куќа во Кјото
ФАМОЗНАТА ТРОЈКА

Токио, Кјото и Осака е фамозната тројка за туристи што првпат патуваат во Јапонија, велат Мартин и Лаура: „Според нас сите три града се задолжителни, затоа што Токио го претставува модерното, Кјото традиционалното, а Осака претставува спој на двете.“

Токио: Најинтересни атракции во Токио им биле TeamLab Planets со своите неверојатни уметнички инсталации, древниот будистички храм Сенсо-џи, кафулето „Покемон“, познатата раскрсница Шибуја и трговскиот центар Акихабара за електроника, видеоигри, аниме и манга.

Познатата раскрсница Шибуја во Токио

Кјото: Во Кјото ги посетиле будистичкиот храм Кијомизу-дера, пазарот Нишики и будистичкиот храм Кинкаку-џи.

Будистичкиот храм Кијомизу-дера во Кјото

Осака: Во овој град задолжително е да се посетат областа Дотонбори, „Јуниверзал студиос“, замокот во Осака и светиот храм Намба Јасака.
Покрај овие три града и нивните туристички атракции, убаво е да се посетат и Нара, позната по парковите полни со срни, замокот Химеџи и Хирошима.

Во светот на Нинтендо во тематскиот парк „Јуниверзал студиос“, Осака

Не пропуштајте!

Мартин и Лаура имаат уште неколку препораки за незаборавно искуство во единствената Јапонија: „Задолжително е да се доживее возењето во брзите возови, да се изгубиш низ станицата Токио, да видиш пијаница како спие рано наутро на улица, да ти се поклони срна, да влезеш во некоја ‘конбини’ продавница, да спиеш во традиционална куќа, да потрошиш 2-3 часа во продавницата ‘Дон Кихот’ барајќи сувенири и да излезеш со 3 полни кеси производи, да пешачиш на раскрсницата ‘Шибуја’, да се сликаш со статуата на Хачико… Има уште многу да се зборува…“

Посебно искуство е да се посетат парковите во Нара, каде што срните се питоми и им се поклонуваат на посетителите

 

СЕКОЈ ДЕН Е ДЕН ЗА РАМЕН

Јапонската кујна несомнено важи за една од највкусните, но и најспецифичните во светот. А мотото на Мартин и Лаура било: Секој ден е ден за рамен. „Пробавме 13 супи рамен од различни локали. Покрај тоа, секако, јадевме суши, а дегустиравме и улична храна шетајќи низ локалните пазари. Како повпечатливи јадења би ги издвоиле: краба на стапче, јапонски омлет (тамагојаки), топчиња од октопод (такојаки), Кобе говедско, полнети тестенини со ориз (гјоза), ориз со омлет (омурајс), оризови колачи ‘мочи’, сладолед од мача-чај…“

ГОСТОПРИМЛИВИ И СПОКОЈНИ

Гледајќи ги фотографиите од нивното патување, се чини дека Јапонија се наоѓа на друга планета! Па, нè интересираше колку се разликуваат јапонската и македонската култура и дали воопшто постојат некакви допирни точки меѓу нив: „Искрено, единствената заедничка точка меѓу двете земји е гостопримливоста. Луѓето, од една страна се премногу модерни и напредни, а од друга страна се многу религиозни и спиритуални. Имаат правилна дефиниција за почит и секогаш ја почитуваат, а најинтересно е тоа што сите секаде брзаат, но сите се постојано смирени. Не доживеавме напнати ситуации или јавни нервози. Фасцинантно е и тоа што иако не знаат англиски, знаат доволно за да се разберете и се обидуваат да помогнат на секој можен начин“, пренесуваат Мартин и Лаура.

СОВЕТ ПЛУС

Уште неколку совети од прва рака доколку планирате некогаш да ја посетите оваа неверојатна земја:

1. Мора да имате Интернет. Наједноставно е да си купите е-сим картичка, бидејќи иако секаде се стигнува доволно брзо, сè е далеку и може лесно да се изгубите, што самото по себе е непријатна ситуација.

2. Задолжително проверете ги законите и правилата што важат во земјата пред да отпатувате. Мартин ни откри дека носел дрон за снимање, но не успеал да го полета, поради строгите мерки што се воведени на многу локации.

3. Продавниците и рестораните затвораат рано, па на Мартин и Лаура многу често им се случувало да немаат каде да седнат да јадат. Добро е што во такви случаи, можете да си купите сè што ви треба од продавниците познати како „конбини“.

Древниот будистички храм Сенсо-џи во Токио
НАЈСИЛНИТЕ ВПЕЧАТОЦИ

Мартин и Лаура целото ова искуство го опишуваат како неверојатно. Храната, јавниот превоз, љубезноста на луѓето и нивната дисциплина – сето тоа е само мал дел што може да се опише, но не може да се долови ниту на слика: „Имаме толку многу спомени што не знаеме како правилно да ги споделиме. Шетајќи од Токио меѓу огромните облакодери, па сè до Кјото во најубавите храмови. Искрено, најмногу од сè ќе ја паметиме храната и имаме среќа што не качивме килограми, бидејќи многу пешачевме“.

Замокот Химеџи

Јапонија е убава земја во секоја доба од годината, но нашите соговорници одбрале да ја посетат наесен, а природата секаде ги почестила со фантастични бои и сè изгледало магично. Веќе размислуваат да ја посетат вторпат, но овој пат во пролет, кога цутат јапонските цреши „сакури“. А ние едвај чекаме повторно да ви ги пренесеме впечатоците од нивната втора посета на уникатната Јапонија!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Секоја авантура почнува во ДАБЛИН: Бојан Гиевски ни ги пренесе своите впечатоци од патувањето во Република Ирска!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.