Секоја авантура почнува во ДАБЛИН: Бојан Гиевски ни ги пренесе своите впечатоци од патувањето во Република Ирска!

У&З живот

Гостопримливи и дружељубиви луѓе, ладно темно пиво и ирско виски – задолжително посетете го познатиот бар „Темпл“ во Даблин и фотографирајте се со неговата црвена надворешност

Сите искуства и претходни патувања не се комплетни додека не го посетите Даблин!

„Град богат со историја, култура и посебни приказни. Сега конечно сфаќам зошто сите кои биле во Ирска, толку многу се вљубени во овој мал смарагден остров“, вели Бојан Гиевски (@gievskibjn), кој ни ги пренесе своите впечатоциод Република Ирска.

ВРЗЕТЕ СЕ, ПОАЃАМЕ!

Бојан ни призна дека му било многу тешко да го организира ова патување, целиот процес изискувал голема истрајност и посветеност, особено поради прекумерната документација што е потребна за добивање ирска виза. Тој патувал со авион до Истанбул, па летал уште 5 часа до Даблин, но кога конечно стигнал, заборавил на сè. Добро е да се знае дека Даблин важи за еден од поскапите градови во Европа, каде што цената на бургер и кригла пиво почнува од 30 евра па нагоре, а сместувањето чини околу 100 евра од вечер.

Од едно место на друго

Даблин има многу опции за јавен превоз, а Бојан препорачува да се користи комбинација од автобус и такси-превоз. „Автобусот веројатно е најдобрата опција за движење низ Даблин, бидејќи не само што е финансиски исплатлив туку и има неколку различни превозници, па опциите се многубројни. Сепак, мојата омилена опција е одењето пеш, бидејќи така можете да видите најмногу работи. Даблин е релативно рамен град, па одличен е за пешачење и разгледување“, открива Бојан, а додава и дека возот е одличен избор доколку сакате да истражувате надвор од границите на градот.

Даблин изобилува со богата култура и фасцинантна историја, а повеќе за него можете да дознаете во некој од многуте музеи, како што е „Даблинија“
МАЛАХАЈД

Иако генерално бил стациониран во Даблин, Бојан успеал да го посети и местото Малахајд, кое се наоѓа на самиот брег на Ирското Море. „Станува збор за богата крајбрежна населба сместена 14 километри северно од Даблин, позната по еден од најубавите ирски замоци – замокот Малахајд, кој датира од 12. век. Ова место изобилува со пространи паркови, терени за крикет и долги песочни плажи за релаксирани прошетки“, опишува нашиот соговорник.

Замок на духови?

Дали знаете дека замокот во Малахајд се смета за еден од најопседнатите замоци во Ирска? Оние што живееле и работеле во него, па дури и посетителите, имаат потврдено дека забележале чудни нешта додека биле внатре. Еден од најпознатите духови кој наводно живее во замокот е Дамата во бело…

Замокот Малахајд е познат по историските знаменитости стари 800 години, волшебните градини со ретки растенија и цвеќиња, но и по гласините дека е опседнат со духови…
ЗА СЕКОГО ПО НЕШТО

Даблин, главниот град на Република Ирска, е исполнет со културни знаменитости, музеи, пабови, продавници и уште многу други нешта што можете да ги истражите за време на посетата на овој магичен град, а Бојан ни ги издвои неговите омилени:

  • Барот „Темпл“ – Толку е познат што целата населба е именувана по него! Уморните патници од целиот свет доаѓаат овде за да уживаат во одличната атмосфера и да се релаксираат со кригла ирско пиво или чаша ирско виски! Но внимавајте – ова е еден од најскапите барови во Европа!
  • Магацинот „Гинис“ – Дури и да не сте љубители на пивото, мора да ја посетите куќата на пивото кога веќе сте во Даблин! „Дури и ако не можете да го поднесете вкусот на темното пиво, топло ви препорачувам да го пробате уште еднаш во Даблин. Музејот изобилува со разновидни содржи сместени на 6 ката, надополнети со бар на покривот, од каде што можете да уживате во погледот на целиот Даблин!“

  • Замокот Даблин – Кога ѕидовите би можеле да зборуваат, замислете што сè би имале да кажат 800 години старите ѕидини на замокот во Даблин. Се простира на површина од 11 хектари и е нешто што задолжително мора да го посетите.
Речиси сите најважни градби во Даблин може да се видат по должина на мостот „О’Конел“, кој ги поврзува јужната и северната страна на градот
НЕШТО ВКУСНО

Кога ќе се спомене ирската кујна, повеќето луѓе мислат на говедско месо со зелка или на познатиот ирски леб со сода, но вистината е дека ирската кујна има да понуди многу повеќе од тоа:

  • Boxty – Уникатна ирска палачинка од компири. Вообичаено се пржи на тава и се служи како традиционален ирски појадок.
  • Colcannon – Комбинација на пире од компири и кељ или зелка. По желба, се зачинува со малку путер, млеко, сол и црн пипер.
  • Barmbrack – Сладок ирски леб направен со парчиња суво грозје, кој е многу популарен за време на Ноќта на вештерките. Според традицијата, во тестото се додаваат монети или прстени, а се верува дека оној што ќе го најде скриениот предмет, ќе има среќа цела година – нешто слично како нашата традиција за Бадник.
Ако имате предрасуди дека Ирците се „студени“ како и Британците, Бојан ќе ве разувери: „Одамна не сум сретнал народ кој е толку дружељубив, гостопримлив, подготвен за дружење во секое време и комплетно опуштен да ужива во секој момент!“
СОВЕТ ПЛУС

Уште неколку работи што треба да ги знаете пред да отпатувате во земјата на впечатливи замоци, прекрасни пејзажи и бескрајни количини пиво:

1. Ирска е поделена на два дела: Република Ирска и Северна Ирска. Република Ирска е независна држава и национална валута е еврото, но ако сакате да ја посетите Северна Ирска, ќе ви требаат фунти, бидејќи таа територија сè уште е дел од Обединетото Кралство.

2. Задолжително понесете мантил за дожд и водоотпорни чевли – Ирска е позната по непредвидливото време.

3. И покрај тоа што Ирците имаат тешко разбирлив акцент, не грижете се, бидејќи речиси секој зборува англиски.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Жените сакаат СОЛО-ПАТУВАЊА: Пример за тоа е Диана Кишишева која има посетено повеќе од 40 држави!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.