Од кога постои светот… Светски топ-дестинации на религискиот туризам денес

Запознавањето на другите вери и обичаи секогаш е авантура

Тигрово гнездо, pixabay.com

Некогаш се патувало во Делфи за да се слушне судбината запишана во ѕвездите, а и денес се оди во посета на моштите на некој светец, на аџилак во Мека, местото на кое е роден пророкот Мухамед или на поклонение во местото на кое се појавила Богородица.

Поклонение на чудотворните мошти

Ако изброите колку агенции ги водат туристите под Острог, каде што се наоѓаат моштите на свети Василиј, ќе видите дека ги има во голем број. Овој манастир, особено фасцинантниот Горен Острог, кој се наоѓа во внатрешност на карпа, предизвика големо внимание на луѓето од христијанска, но и од муслиманска вероисповед. Бројот на оние што доаѓаат на ова свето место за исцелување е навистина голем, а, се разбира, постојат и приказните дека оној што е обземен од зол дух нема да може да влезе во манастирскиот комплекс…

Во рамките на ова патување често се посетуваат и други манастири во Србија и во Црна Гора, како што се „Морача“, „Студеница“, „Милешева“ и др. Друг „излет” наменет за православните христијани е посета на црквата „Света Петка” во романскиот град Јаша, за која важат приказните за чудотворноста на моштите на оваа светица. Вреди да се посетат и блиските фасцинантни манастири на Буковина, фрескосликани однадвор…

Горен Острог

Визионерите на Меѓугорје

На католиците, веројатно, најинтересно ќе им биде херцеговското место Меѓугорје, кое стана славно по појавувањето на Богородица во 1981 година. Овој настан, кога шест деца (наречени визионери) јавиле дека на 24 јуни 1981 година го виделе чудесното појавување на Дева Марија, придонесе за чудесниот развој на ова мало камено гратче. Иако Католичката црква сè уште размислува Меѓугорје да го прогласи за место на кое се појавила Богородица, маѓепсаноста на посетителите, љубители на религиозен туризам, сè уште не престанува…

Од шесте сведоци, тројца и денес тврдат дека имаат редовни визии на Дева Марија, а преостанатите тројца ја гледаат во посебни пригоди. За време на велигденските празници, како и за време на празникот на Пресвета Богородица речиси е невозможно да се најде слободен кревет во околината на Меѓугорје. Тогаш ридот на кој се појавила Богородица е преполн со верници, а ни прекрасната црква „Свети Јаков” не е поштедена од огромниот метеж…

Инаку, Меѓугорје е трето место на кое се појавил ликот на Дева Марија, и тоа по француското гратче Лурда во 1858 година и по португалскиот град Фатима во 1917 година. И двете места се „официјално санкционирани под патронат на Ватикан” и признати за легитимни свети места. И двата града ги посетиле милиони верници досега, а женските имиња Лурдес и Фатима станаа неверојатно чести меѓу римокатолиците на сите меридијани.

Туризмот во овие градови процвета до неверојатни граници, а локалната економија црпи енормни средства од желбата на луѓето да ги видат овие свети места… Доста значајна е и Падова, местото на кое се наоѓаат моштите на св. Антониј Падовански (Свети Анте): неговиот гроб се смета за чудотворно место што лекува.

Поклонение на велосипед

За Шпанците и за католиците особено значаен е галицискиот град Сантијаго де Компостела, кој ги чува моштите на еден од евангелистите, свети Јаков. Многу светски градови се наречени според ова гратче, најсвето за Шпанците, а за монументалната катедрала посветена на овој светец карактеристичен е ритуалот со „нишање“ на огромен лустер-кандило, кој виси во црквата и се ниша од едниот до другиот крај. Велат дека овој обичај потекнува од средниот век, кога стотици поклоници неуморно поминувале по илјадници километри за да присуствуваат на церемонијата по повод празникот на свети Јаков.

Сантијаго де Компостела

Во тоа време, поради нехигиенските услови што владееле, воздухот во црквата станувал многу задушлив кога во неа ќе се слеела толпата луѓе. Токму затоа свештениците го вовеле големото кандило-лустер, од кое се ширел мирисот на темјан од едниот до другиот крај на црквата, „убивајќи“ го непријатниот мирис на телата на верниците… Обичајот се задржал и денес, иако посетителите на црквата многу напреднале во однос на личната хигиена.

Патот низ јужна Франција и северна Шпанија се нарекува „Камино де Сантијаго“ и обично се поминува пеш или со велосипед. Некогаш бил речиси сосема заборавен, но во последниве 20 години, кога луѓе почнуваат да имаат криза на идентитетот, доживеа целосно „оживување“: се отворија цркви и пребивалишта покрај патот, манастирите и преноќевалиштата работат со полна пареа, а реки луѓе се слеваат кон „Сантијаго де Компостела“.

Денес некои го прават тоа од религиозни мотиви, а некои едноставно за да уживаат во мир и тишина и да одморат од секојдневниот стресен начин на живот. И Пауло Коелјо го поминал овој пат, и тоа пред да стане најчитаниот писател во светот.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.