Од кога постои светот… Светски топ-дестинации на религискиот туризам денес

Запознавањето на другите вери и обичаи секогаш е авантура

Тигрово гнездо, pixabay.com

 Од Пресвета Богородица до Свети Петар

И моштите на други светци се причина за религиозен туризам (како што е случајот со свети Марко во Венеција, или со свети Јован Крстител, кој по турската инвазија беше префрлен од Родос на Малта). Во поранешна Југославија, до турската окупација, се наоѓаа и моштите на свети Лука, и тоа во Јајце, но потоа беа префрлени во Италија, како и повеќето други…

Полскиот град Честохова е духовното срце на нацијата на „Језушовите витези“, како што ги нарече Гундулиќ во време на својата пансловенска екстаза. Во него се слеваат илјадници полски католици да ја изразат својата почит кон иконата на Пресвета Богородица, која се наоѓа во манастирот „Јасна Гора“. Во Украина пак, Киево-Печорскиот комплекс манастири е од огромно значење за Русите, бидејќи во себе ги содржи уметноста и културата собирани девет века. Низ восхитувачкиот сплет на подземни пештери (катакомби), во кои живееле монасите, се протегаат многу верски ракотворби, дела на самите монаси.

Ватикан? Кој бил во Рим а не ги видел плоштадот „Свети Петар“  и најмоќната католичка црква во светот?

Забрането за жени!

Метеорите и нивната фасцинантна позиција на врвот на неверојатните планини во Грција, секого можат да го поттикнат на размислување, а не само оние што се склони на верски мисли. Тука и легендарниот Индијана Џонс, како момче, сфатил многу нешта во животот, а групата „Линкин парк“ толку многу се воодушеви од манастирите што својот албум го нарече „Метеори“. Истото важи и за Света Гора на Атос, каде што можат да стапнат само мажи, додека жените само од брод можат да ги разгледуваат убавините на полуостровот.

Метеори, Грција

Ретко кој оди во Бугарија на скијање а да не го посети Рилскиот манастир. Ретко кој оди во Кушадаси, во Турција, а да не го посети последниот конак на Исусовата мајка, која како избеглица од Палестина, починала токму тука, во една куќа, која верниците буквално ја опседнуваат. Турците на туристите им нудат неверојатно мноштво византиски манастири, напуштени и разурнати, кои ги препознаа како одлични атракции.

Како се станува аџи

Муслиманите најмногу одат на аџилак во Мека, местото на кое бил роден Мухамед, каде што секоја година се слева маса верници од целиот муслимански свет во фантастична река луѓе во бело, кои доаѓаат да му се поклонат на „ќаба“, свет камен што паднал од небото во вид на црн метеорит. Верникот дома понесува едно „аџи“ повеќе во презимето, исто како што прават и христијаните што го посетиле Христовиот гроб. Оваа џамија е отворена само за муслиманите, а некои други џамии во исламскиот свет, како оние во Дамаск или во Каиро, се отворени за сите.

Трикратно света земја

Нешто помал е бројот на оние што го посетуваат Христовиот гроб во Ерусалим, или Црквата на Христовото раѓање во Витлеем, кои се наоѓаат во Светата земја. Израел, како и Палестина, имаат огромен прилив туристи поради неверојатно големиот број реликвии и знаменитости во оваа древна земја. Тоа се ерусалимскиот Ѕид на плачот, каде што доаѓаат на поклонение Евреите од целиот свет и величествениот Храм на карпа, џамијата што претставува „ориентир“ во Светиот град на трите монотеистички религии. Реално е да се очекува дека по смирувањето на ситуацијата во оваа земја, повторно ќе надојде река туристи во посета на светилиштата на Израел (и на Палестина).

Река по која плови цвеќе

Една од визуелно највпечатливите сцени во светот се реката Ганг и градот Бенарес, познат како Варанаси. Ганг е света индиска река, а важна е затоа што хиндуизмот смета дека душите се реинкарнираат во различни тела и дека животот е страдање.

Света река Ганг, Индија

По животот доаѓа смртта, но по неа автоматски настапува нов живот и ново страдање во него, па повторно смрт, и сè така во круг. Од овој круг, кој се нарекува сансара, е невозможно да се излезе ако не се постигне совршено просветлување или ако смртта не ѝ се подари на реката Ганг.

Хиндусите доаѓаат на реката за да умрат на нејзиниот брег и на тој начин да излезат од вечниот круг на раѓање и да пронајдат блаженство. Затоа и се капат во реката, пијат вода од неа, го фрлаат пепелот од мртвите во нејзините води… На крајбрежјето на Ганг во Бенарес постојано се палат мртвите, а низ реката плови цвеќе. Сцените се шокантни, но тоа е неверојатната Индија, како што гласи мотото на оваа земја.

Дали сте за гоа-транс?

Многу Европејци тука доаѓаат за да пронајдат просветлување, исто како и во стотици индиски храмови – ашрами – кои беа популарни за време на хипи-ерата. Во Делхи сретнав Австралијанка, која во Индија престојуваше веќе еден месец и чии раце беа нацртани со кана. Кога ја прашав од каде и се шарите на рацете, ми кажа дека била гостинка на три индиски свадби, и дека ќе оди и на други свадби, затоа што на тој начин постигнува ослободувачко духовно искуство.

Уште една појава можеме да ја наречеме „нова доба“, а тоа е појавата на Гоа како место во кое се преплетуваат духовното и овоземното: плажи, колонии на Европејците, и клубови на крајбрежјето, места на кои се создава музика. Тука настанала интересната комбинација на техно-музика и индиски мистицизам, наречена гоа-транс. Иако клубовите на крајбрежјето не можат да се наречат храмови, сепак танцувањето во транс до зора претставува вид полурелигиозно искуство, а самите танчари во своите филозофии мешаат многу влијанија.

Синкретизмот на новата доба

Оваа филозофија подразбира спојување на различни елементи на традиционалните религии и создавање смеса во која се прифаќаат елементи на духовност од секоја вера, по личен избор, без потреба да се следат кодексите што ги пропишуваат традиционалните религии (христијанство, будизам, ислам).

Исто така, новата доба може да вклучи и елементи од древните религии, кои се многу малку, или не се воопшто застапени, како што е староегипетската религија, на пример. Бахајците се верници што ги синкретизираат сите вери што постоеле во историјата, тврдејќи дека сите верници спознале само делче што води кон големата вистина.

И Мојсије, и Исус, и Буда, и Мухамед, се признаваат во оваа вера, која е нешто како „капа за сите вери“. Да се биде бахаец значи да се почитуваат сите овие религии, кои се сметаат за одек на „големата вистина“. Некои ја сметаат за прва религија на иднината, а бахајските храмови можат да се видат во Ерусалим, Делхи и на други места во светот. Бахајство е… религија што смирува.

Храм на човештвото

Едно од најинтересните светилишта на новата доба е Даманхур, т.е. официјално Федерација Даманхур, за да се разликува од истоимениот египетски град. Оваа необична комуна се наоѓа недалеку од Торино, во Алпите. Не само што се одделени туку и се однесуваат како независна држава со своја валута – кредито. Комуната ја основал Олберто Арауди во 1975 г. со 24 следбеници, а сега се над 800. Идејата била да се создаде заедница од луѓе што ќе живеат според законитостите на иднината, т.е. според правилата што се мешавина од новата доба и неопаганизам.

Федерација Даманхур

Станаа славни кога во 1992 година на светот му го претставија Храмот на човештвото, подземна градба, која ја копале 14 години, украсена со фасцинантни декорации. Денес Даманхурците, ако можеме така да ги наречеме, имаат свои ограноци во Европа, Америка и во Јапонија. Нивните верувања можат да се сведат на следново: медитација, реализација во општеството, внатрешно усовршување. Даманхурците имаат и „граѓани“, кои живеат во куќи со по 10 или 20 луѓе и склучуваат бракови што се „обновуваат“, бидејќи не траат засекогаш.

Текст: Ж. Милошевиќ

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.