10 совети за безбедно плаќање со картичка додека сте на одмор или патување

Како да се намали ризикот при плаќање на патувања или во странски земји

Со порастот на бројот на онлајн-трансакции и трансакции со картички се зголеми и бројот на обиди за измами со картичките, нивно крадење или клонирање.

Летото е време за одмор и патувања. Каде и да одите, секогаш изберете го лесниот и безбеден начин на плаќање со платежни картички, наспроти паричник полн готовина, потрагата по менувачници и грижата дали ви вратиле доволно кусур во локална валута.

И покрај сигурноста на плаќањата со картичка, сепак постојат ситуации кога невнимателноста може да нѐ чини нерви и пари, па затоа од Интернационален картичен Систем АД – КаСис советуваат како да се намали  ризикот при плаќање на патувања или во странски земји.

Со порастот на бројот на онлајн-трансакции и трансакции со картички се зголеми и бројот на обиди за измами со картичките, нивно крадење или клонирање.

Изгубена или украдена картичка е проблем со кој може да се сретнете и кога не сте на одмор, но уште понервозно е ако таквата случка ви го расипе летното уживање. Ако утврдите дека ви ја нема картичката, веднаш треба да се јавите во вашата банка и да ја блокирате можноста за трансакции со цел оној  што ја украл или пронашол да не може да ве оштети финансиски.

Вообичаено на задната страна од картичката стои бројот за контакт на кој 24/7 можете да пријавите украдена или изгубена картичка, па меморирајте го во вашиот телефон и бидете подготвени за вакви несакани ситуации пред да се случат.

Препорака: Доколку имате картички од два бренда, а врзани за иста сметка, никогаш не ги чувајте на исто место додека сте на одмор.

Клонирањето е всушност кражба на податоците од вашата картичка и начин таа да се  фалсификува. Постојат мали, тешко забележливи уреди, кои се инсталираат во легитимни читачи на картички за да ги украдат информациите за време на трансакциите.

За ова да се избегне, секогаш треба да инсистирате наплатата да се врши пред вас и детално да ги проверите читачите на картички за било какви знаци на измама, како на пр. гребнатини или извиткувања во близина на слотот за картички.

Ова е особено важно на места на кои има голема фрекфенција на луѓе на поминување како што се бензински пумпи, на автопатите или надворешни банкомати на места со послаб надзор.

Овие 10 совети ќе ви помогнат да се чувствувате опуштено на одмор барем кога станува збор за безбедноста на вашите пари:

1 Пред да отпатувате, информирајте се за безбедносните услуги при користење на платежни картички што ги нуди вашата банка. Така ќе знаете дека банката ќе реагира на било каква сомнителна активност во текот на вашиот одмор.

2 Поставете дневен и месечен лимит на трошење и подигнување на средства на банкомат.

3 Пред да патувате вклучете го SMS известувањето за сите трансакции, така ќе имате контрола над трошоците, но и ќе ве алармира доколку некој се обиде да ја користи вашата картичка ако вие се уште не сте сфатиле дека ви е украдена или изгубена.

4 Преферирајте плаќање во локалната валута на земјата доколку има опции и за избор на конвертиран износ во денари – конвертираниот износ на терминалот на туѓата банка секогаш има дополнителна провизија која го прави крајниот износ поголем отколку оној што ќе ви го конвертира вашата банка при книжење на трансакцијата кон вашата сметка.

5 Информирајте се за можноста за автентикацијата при трансакциите, односно како вашата банка ве идентификува и го потврдува вашиот идентитет на својата платформа.

6 Секогаш внимавајте на кого ја давате картичката кога плаќате и доколку е можно настојувајте да плаќате лично и да користите бесконтактно плаќање. Кај бесконтактното плаќање можете внимателно да го разгледате ПОС терминалот, а и не ја давате картичката на никого.

7 ПИН-от никогаш не го кажувајте на глас, најдобро е да се запамети, но ако не можете, не го чувајте запишан во близина на картичката или во паричникот. Ако веќе го запишувате некаде ПИН-от, направете го тоа шифрирано – за вас лесно препознатливо, но за останатите да изгледа како лозинка.

8 Не ги оставајте картичката, паричникот и другите вредни предмети во возило без надзор, особено не на видливо место. Истото важи и за оставање на картичките на видливи места во хотелските соби или апартмани, на лежалки на плажа без надзор и слично. Додека сте на одмор најдобро е да ги чувате парите, картичките и документите во сеф, секогаш кога е можно.

9 Користете интернет банкарство само на компјутери и уреди што ги познавате. Избегнувајте компјутери што се јавно достапни, како што се оние во кафулињата или на аеродромите. При внесување на интернет адресата на вашата банка што почнува со ознаката „https“ стиснете ја малата икона катанец при што треба да добиете порака Secure Connection. Ова значи дека сте пристапиле на валидна веб-страница на банката. Дигитален сертификат треба да ја потврди автентичноста на страницата.

10 Ако во текот на вашиот одмор ве замолат да испратите копија или фотографија од вашата платежна картичка, ПИН код или какви било други информации за картичката, како што се бројот, датумот на важење, контролниот број итн., имате причина да се сомневате дека се работи за измама.

Никогаш не испраќајте информации за картичката на социјалните мрежи или преку е-пошта. Исто така, не споделувајте ги истите информации со трети лица. Со откривање на лични податоци ги зголемувате шансите вашиот одмор поскоро да заврши.

Годишните одмори претставуваат период да се фокусирате на желбите надвор од работата и домот. Последното нешто за кое сакате да се грижите е справувањето со финансискиот стрес. Иако превенирањето на измама не е толку забавно, одвојувањето на неколку минути од денот пред заминување на одмор, без сомнение ќе го направи вашето патување бесконечно попријатно.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.