Прво јавно обраќање на Хари по „мегзит“: „Можам да замислам што сè сте слушале и читале, затоа сакам вистината да ја чуете од мене“

Секогаш ќе негува најдлабоко почитување кон баба му, неговиот врховен заповедник

На првиот настап во јавноста по најавите дека се повлекуваат од службените овластувања во британското кралско семејство, принцот Хари соопшти:
Меган и јас продолжуваме кон непознато, но навистина немавме избор“, порача тој. 

Според договорот постигнат во саботата со кралицата Елизабета и високи членови на кралското семејство, Хари и Меган Маркл нема службено да го претставуваат монархот.

Сакам јасно да порачам дека Меган и јас не заминуваме никаде“, истакна принцот синоќа во Лондон во говорот на добротворната вечера во организација за помош на децата од Јужна Африка заболени од сида, чиј соосновач е и тој. „Обединетото Кралство е мој дом и место што го сакам и тоа нема да се промени“, додаде тој.

Двојката минатиот месец на „Твитер“ објави дека ќе се повлече од положбата – високи членови на кралското семејство и дека ќе настојуваат да станат финансиски независни.

Можам да замислам што сè сте слушале и читале изминативе денови. Затоа, сакам вистината да ја чуете од мене, колку што можам да ја споделам со вас, не како принц или војвода, туку како Хари. Секогаш ќе негувам најдлабоко почитување кон баба ми, мојот врховен заповедник“, истакна Хари.

Се надевавме дека ќе можеме да им служиме на кралицата, Комонвелтот и на моите воени здруженија, но без јавни пари. Тоа, за жал, е невозможно. Се помирив со тоа знаејќи дека нема да влијае на мене како личност, ниту на мојата одлука. Кога се венчавме со Меган, бевме возбудени, полни со надеж и подготвени да служиме. Затоа ми е многу жал што вака заврши. Мојата одлука да се повлечеме со сопругата не беше лесна“, порача тој.

Нагласи дека на одлуката ѝ претходеле месеци разговор и години предизвици.

Минатата година во телевизиско интервју, принцот Хари рече дека тешко им паѓа огромното медиумско внимание. Тие поведоа и судски спор против еден весник поради објавувањето на писмата што Меган му ги испратила на својот татко Томас Маркл.

Кога пред 23 години почина мајка ми, ме заштитивте. Долго време внимававте на мене, но медиумите се моќни и се надевам дека еден ден нашата заедничка заемна поддршка ќе биде помоќна бидејќи ова не се однесува само на нас“, изјавил тогаш принцот Хари.

Текст: makfax.com.mk

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.