Профемина 2019: Инспиративните приказни на жените во спортот

Да го препознаеме спортот како важен елемент за јакнење

Втората панел-дискусија со наслов „Жената во спортот“, под покровителство на Sport Vision, ги раскажа инспиративните приказни на Елена Бубало, фитнес-инструкторка, Едина Муса, кошаркарка и фитнес-инструкторка, Снеже Велков, тв-лице и пилатес инструкторка и Билјана Миланова, интернационална фудбалска судијка. Дискусијата ја водеше Магдалена Спасовска од невладината организација ТАКТ, која се залага за препознавање на спортот како важен елемент за јакнење на жената.

Снеже Велков ги раздвижи присутните со кратко загревање, покажувајќи неколку основни вежби и ги активираше со добро познатата игра „Ден-ноќ“, што на сите добро им дојде со оглед на тоа што веќе некое време будно ја следеа конференцијата во седечка положба.

По кусото претставување на учесничките во панел-дискусијата, тие ги открија психичките придобивки од спортот во животот на една жена со преполн распоред.

„Една врата затворив, но ми се отворија многу други. Тоа го направи спортот за мене“, откри Елена Бубало.

На тоа се надоврза Снеже Велков.

„Секогаш кога се чувствувам лошо, кога не ми е денот или не сум расположена, наместо да го прескокнам тренингот, јас одам на вежбање. Истото им го порачувам и на моите девојки што вежбаат. Спортот не’ прави подобри личности. Откако се занимавам со ова, јас сум посамоуверена, посилна и поисполнета“, заврши Велков и ги охрабри сите жени да издвојат еден час од денот за себе, без разлика колку обврски имаат.

Едина Муса потврди дека и нејзе спортот и’ помогнал за зголемувањето на самодоверба.

Бубало нагласи и колку е важно родителите да бидат примери за своите деца.

„Не може да го принудувате вашето дете да вежба, а вие да не сте физички активно. Детето само треба да одлучи што ќе спортува, а вие сте тука за да го поддржите.“

Магдалена Спасовска го постави и прашањето: какво е местото на жената во спортот и како учесничките се чувствуваат како жени спортистки.

„Еј, фудбал, ќе станеш машко, ќе добиеш машка градба. Такви се најчестите коментари во нашата средина за фудбалерките, иако тоа воопшто не е точно. Треба да ги срушиме сите стереотипи и да докажеме дека можеме“, заклучи фудбалската судија Билјана Миланова.

Едина Муса го сподели и своето искуство на оваа тема.

„Многу е тешка позицијата на жената во спортот во Македонија. Условите се на многу ниско ниво, спонзорите воопшто не се заинтересирани за женски спорт. Да се вложи во женскиот спорт само една шеснаесетинка од она што се вложува во машкиот спорт, ќе постигнеме многу.“

Учесничките во овој панел и’ ставија точка на дискусијата со своите кратки совети и ги охрабрија присутните во публиката да почнат да спортуваат и да бидат физички поактивни, а Снеже Велков побара од нив да и’ ветат дека ќе го направат првиот чекор уште денес, веднаш по завршувањето на конференцијата.

„Спорт за сите“, еднголасно порачаа жените спортистки.

Официјален автомобил на настанот е комплетно новиот CLIO кој ќе ве воодушеви од моментот кога ќе го погледнете со својот модерен, динамичен стил, сензуални линии, нов светлосен потпис и ексклузивна внатрешност.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.