Побаравме совет од експерт: Како може да се ублажи сколиоза?

Бидете вити и здрави

На нашите прашања одговараше Александар Димитровски, физиотерапевт во центарот за физиотерапија „Кинезика“

Сколиозата е еден од деформитетите на ‘рбетниот столб, при кој отстапувањата од нормалната физиолошка линија на ‘рбетот се случуваат во странична насока и може да бидат во правец лево или десно, во зависност од тоа во која насока се наоѓа испакнатоста на искривувањето.

Според локализацијата, отстапувањата може да бидат во пределот на вратниот, градниот или појасниот дел на ‘рбетниот столб. Во потешки случаи на сколиоза доаѓа и до изразен деформитет на градниот кош, што создава притисок врз внатрешните органи на градната празнина.

Многу е важно да се знае дека не секое искривување на ‘рбетот е деформитет, понекогаш тоа отстапување може да биде резултат на неправилно држење на телото и поради тоа, треба да се следат тие промени во текот на растењето на детето. Совети за ублажување сколиоза побаравме од физиотерапевтот Александар Димитровски.

Зошто доаѓа до појава на сколиоза?

Причината за појава на сколиоза е пред сè од генетски карактер, детето со сколиоза во најголем број од случаите има идентична форма на ‘рбетот како едниот од родителите, но понекогаш сколиозата може да се појави и подоцна, во текот на растот на детето, како последица на некое заболување на ‘рбетниот столб или друга патологија во таа област. Секако, новото време, технолошкиот развој, намалената физичка активност и дебелината кај децата може да бидат причина за лош психомоторен развој и може да бидат сериозна причина за поттикнување лошо држење на телото и зголемување на степенот на искривување на ‘рбетот. Ова се предизвици со кои родителите и општеството треба многу сериозно да се позанимаваат.

ВО ФОКУСОТ
Совети за подобро држење
  • Редовната физичка активност и здравата исхрана се многу важни. Кога има зголемена телесна маса, зглобовите на детето се преоптоварени и не можат да го исполнат својот потенцијал, не се развиваат како што треба, а тоа резултира со деформитети.
  • Вежбите за сколиоза се важни за лекување и превенција на лошото држење на телото. Со корективна гимнастика може да се започне од петтата или шестата година. Таа го обликува телото, при што секој зглоб и секоја позиција посебно се тренираат.
  • Практикувањето спорт од базичен карактер, како што се гимнастика, пливање или атлетика, може да помогне во случај на полесна форма на сколиоза.
  • Препознавањето сколиоза е исто толку важно. Родителите треба да обрнат внимание на сите промени во држењето: дали детето се движи убаво, дали има разлика во висината на рамената, дали е идентична положбата на лопатките… Поминете со палецот и показалецот по работ на испакнатиот дел на ‘рбетниот столб и видете дали таа линија е права или има застранување. Доколку се забележи некаква аномалија, задолжително треба да се пријави кај педијатар или детски ортопед.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.