Заматен вид, трпки и губење баланс можат да бидат знаци на сериозна болест: Препознајте ги симптомите на оваа подмолна состојба!

Препознајте ги навреме!

Невидлива болест или болест со илјада лица се само некои од имињата за мултиплекс склероза, чии први знаци најчесто се јавуваат помеѓу 20 и 45 години

Со оваа тешка болест се борат околу три милиони луѓе во светот. Статистиката тврди дека жените заболуваат 2-3 пати почесто од мажите.

Мултипекс склероза е хронична воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем, а оштетувањето може да го зафати мозокот и ’рбетниот мозок.

Не постои лек за мултиплекс склероза, но постојат низа терапии што помагаат да се намалат симптомите и да се забави прогресот на болеста. Со навремено дијагностицирање и ран почеток на лекување може значително да се подобри квалитетот на животот на заболените од оваа многу тешка болест. Причината за појава на мултиплекс склероза е непозната, а текот на болеста е многу непредвидлив и индивидуален.

Невидливи симптоми

Болеста нема никаква шема по која би можела да се препознае, а симптомите варираат од човек до човек. Штом се појават типични симптоми на МС, во повеќето случаи лесно се поставува дијагноза.

Кај повеќе од 85% од болните, МС почнува со релапс, а тој типично се манифестира со симптоми како што се губење на видот на едното око, неспособност за разликување бои и болки за време на движење на окот, потоа двојни слики, нарушување на рамнотежата, вртоглавици, ослабена функција на рацете или нозете, нарушување на осетот или здрвеност и проблеми при мокрење или столица.

Заболените честопати гледаат двојно и нејасно, не разликуваат зелена од црвена боја, често се уморни, се сопнуваат и тешко помнат.

Но оваа болест често се нарекува невидлива, бидејќи симптомите варираат во траењето и интензитетот. Понекогаш, наведените симптоми може да бидат многу благи и поради тоа болниот може да не побара помош од лекар или лекарот со рутински преглед нема да може да воспостави дијагноза на МС.

Како се открива мултиплекс склероза?

По појавата на класични симптоми на мултиплекс склероза, експертите поставуваат дијагноза врз основа на невролошки преглед, резултати од магнетна резонанца и резултати од преглед со ликвор (течност што се пунктира од ’рбетниот мозок).

Сѐ до 2010 година, не било возможно да се постави дијагноза за мултиплекс склероза во фаза кога ќе се појави првиот симптом, туку требало да се чека следново влошување на болеста. Меѓутоа, по промената на дијагностичките критериуми, кај повеќето заболени, дијагнозата на мултиплекс склероза се поставува врз основа на првиот клиничко симптом, еден резултат од магнентна резонанца и резултат од ликвор.

Може ли да се подобри квалитетот на животот на заболените?

Оваа тешка болест најчесто ги погодува младите луѓе, па се поставува логичното прашање како да се живее со МС денес, може ли и како да се подобри квалитетот на животот на оние што се погодени од оваа состојба.

Покрај терапиите што помагаат да се забави прогресот на болеста, заболените се советуваат да вежбаат пилатес, многу да пешачат, физикална терапија и многу релаксација – физичка и психичка.

Главните цели на физикалната терапија и рехабилитација се да се одржи автономијата и квалитетот на животот на пациентите и да се одбегнат можните компликации на болеста.

Не треба да се заборави и здравата исхрана (на пример медитеранска диета), а редовното вежбање и физичката активност можат да влијаат врз квалитетот на животот на секој човек, а особено на оние што имаат мултиплекс склероза, објаснуваат невролозите.

Во светот се вклучи аларм и за друга болест која зема се повеќе животи ако не се открие на време
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.