Што е опсесивно-компулсивно растројство и зошто не смее да се игнорира?

Доколку се пронајдете во описот на симптомите за опсесивно компулсивно растројство, неопходно е да побарате стручна, психијатриска помош.

Неретко се случува да се прашаме дали ја заклучивме вратата? Дали по извршената проверка ни олеснува и продолжуваме со тековните активности? Или неколку пати се навраќаме и тоа станува наш неопходен ритуал кој се повторува?

Опсесивно-компулсивно растројство (OКР) се карактеризира со образец на несакани мисли и стравови (опсесии) кои водат до повторувачки однесувања (компулсии). Овие опсесии и принудувања влијаат во секојдневните активности и предизвикуваат значителна вознемиреност.

Знаци и симптоми

Растројството може да е проследено со симптоми на опсесии, компулсии или и двете. Симптомите може да влијаат во многу аспекти од животот, на пример при работата, на училиште и во личните односи.

Опсесиите се повторени мисли, нагони или ментални слики кои предизвикуваат вознемиреност. Истите вклучуваат:

  • Страв од инфекција со бактерии, вируси или било која форма на контаминација;
  • Несигурност и тешко поднесување на неизвесноста;
  • Несакани забранети или табу мисли кои се однесуваат за секс, религија или повредувања;
  • Агресивни или ужасни мисли за губење контрола и повредување на себе или на другите;
  • Поставување на предметите во симетричен или во совршен ред.

Компулсиите се повторувачки однесувања за кои се чувствувате присилени да ги извршите. Овие повторливи однесувања или ментални дејства имаат за цел да ја намалат анксиозноста поврзана со опсесиите или да спречат нешто лошо да се случи. Меѓутоа, извршувањето на принудите не носи задоволство и може да доведе само до привремено ослободување од анксиозноста. Вообичаените принуди вклучуваат:

  • Прекумерно чистење и/или миење раце;
  • Уредност;
  • Подредување и уредување на предметите на одреден и прецизен начин;
  • Постојано проверување на нештата, како на пример постојано проверување дали вратата е заклучена или дека рерната е исклучена;

Битно е да се сфати дека не се сите ритуали или навики принуда. Секој понекогаш двапати ги проверува работите. Но, при ова растројство лицата генерално:

  • Не можат да ги контролираат своите мисли или однесувања, дури и кога тие мисли или однесувања се препознаваат како прекумерни;
  • На овие мисли или однесувања трошат најмалку 1 час дневно;
  • Не чувствуваат задоволство при изведување на однесувањата или ритуалите, но може да почувствуваат кратко ослободување од анксиозноста што ја предизвикуваат мислите;
  • Доживуваат значителни проблеми во секојдневниот живот поради овие мисли или однесувања.

Третмани и терапии

ОКР обично се третира со лекови, психотерапија или комбинација од двете. Иако повеќето пациенти реагираат на третман, кај некои пациенти дел од симптомите продолжуваат да постојат.

Понекогаш луѓето со ОКР имаат и други ментални нарушувања, како што се анксиозност, депресија и телесно дисморфично нарушување, шизофренија. Овие елементи се битни при донесување на одлука за видот на лекувањето.

Од лекови кои се користат во третманот на нарушувањето се лековите од ССРИ групата на антидепресиви. Во третманот на ОКР се користат поголеми дози на лекот отколку оние потребни во третманот на депресија и може да се неопходни 8 до 12 недели за да постигнат ефект, но некои пациенти доживуваат и побрзо подобрување.

Ако симптомите не се подобрат со овие типови на лекови, истражувањата покажуваат дека некои пациенти може добро да реагираат на антипсихотични лекови.

Доколку се пронајдете во описот на симптомите за Опсесивно компулсивно растројство, неопходно е да побарате стручна, психијатриска помош, бидејќи нелекуваното нарушување може негативно да се одрази во сите аспекти на вашиот живот.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.