9 знаци дека се дебелеете поради тироидната жлезда: Се појавуваат и овие симптоми!

Хипотиреоза

Постојано ви се спие? Се мачите со килограмите? Чувствувате некаква „магла“ во главата? Можеби страдате од недијагностициран проблем со тироидната жлезда

Ако сте качиле неколку вишок килограми, тоа може да е поради нездрави навики во исхраната и недоволно физичка активност, но може да биде и резултат на забавена работа на тироидната жлезда, што стручно се нарекува хипотиреоза. Кај оваа состојба, тироидната жлезда не произведува доволно хормони што му се неопходни на телото за да функционира правилно, што резултира со проблеми со метаболизмот.

Ова може да бидат знаци дека страдате од хипотиреоза…

1. Постојано сте уморни

Тешко се будите дури и ако сте спиеле сосема доволно? Поспаноста, постојаниот умор и недостигот на енергија се поврзуваат со многу состојби, меѓу кои и со хипотиреоза. Во овој случај, премалку тироидни хормони во крвотокот значи дека клетките не добиваат доволно сигнали да се разбудат, па се чувствувате исцрпено. Исто така, може да имате впечаток дека немате сила за вежбање, а всушност, зголемувајќи ја физичката активност, можете да го намалите чувството на замор и да го подигнете нивото на енергија.

2. Постојана болка во мускулите

Ако страдате од болка во мускулите од која не можете да се ослободите неколку дена, можеби имате проблем со тироидната жлезда. Оваа жлезда лачи хормони кои го контролираат метаболизмот, вклучувајќи го и тоа како телото ја претвора храната во енергија. Помалку хормони што го контролираат метаболизмот значи и забавен метаболизам и проблем со согорувањето енергија, поради што се јавува болка во мускулите. За да се изборите со овој проблем, можете да правите вежби како пливање и да го зголемите внесувањето храна богата со омега 3 масни киселини.

3. Постојано заборавате

Знаете дека требало да направите нешто денес, но не можете да се сетите што? За тоа можете да ги обвините лошиот сон, стресот, годините, но и тироидната жлезда. Премалку тироидни хормони можат да бидат причина за заборавеност и лоша меморија. Недостигот на овие хормони забавува сѐ, па и невролошките функции.

4. Покачен холестерол

Иако прво се помислува на проблеми со срцето, покачениот холестерол може да биде знак на проблеми со тироидната жлезда.

5. Намалена сексуална желба

Ова може да биде последица на проблеми со тироидната жлезда. Поради врската помеѓу функцијата на тироидната жлезда и адреналните жлезди, органите кои помеѓу другото ги контролираат и половите хормони, ниското ниво на тироидни хормони може да влијае врз сниженото ниво на полови хормони.

6. Нерасположеност, меланхолија, депресија

Иако тоа не е примарен симптом, чувството на изразено незадоволство и нерасположение може да биде ефект на хипотиреоза. Депресијата може да биде поврзана и со други симптоми на хипотиреоза, како умор, слабост во мускулите, летаргија и потешкотии со концентрацијата.

7. Сува кожа

Сувата кожа и јадежот исто така можат да бидат симптом на хипотиреоза. Промената во структурата и изгледот на кожата се јавува како последица на намалената циркулација предизвикана од ослабената тироидна функција. Намалената циркулација доведува до тоа клетките на кожата да добиваат намалена количина на крв, поради што полесно пука и се создаваат брчки. Исто така, забавениот метаболизам може да го намали потењето. Без влагата што ја обезбедува потењето, кожата брзо станува сува.

8. Проблеми со варењето

Забавениот метаболизам ги забавува и сите други функции, па ни дигестивниот систем не е исклучок. Хипотиреозата може да доведе до констипација, како последица на забавена работа на цревата.

9. Постојано ви студи

Ако и на 15 степени носите најдебела зимска јакна, тоа може да укажува на хипотиреоза. Пациентите со оваа состојба се борат да ја регулираат температурата на своето тело, бидејќи тоа всушност го контролира тироидната жлезда. Намалена енергија значи и намалена телесна температура.

Симптоми кои откриваат дека треба да ја проверите тироидната жлезда
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.