5 најчести проблеми со стапалата

Чувајте ги стапалата и чекорете лесно!

Собујте ги високите потпетици и следете го нашиот водич за одржување на здравјето на стапалата

Земајќи предвид дека во текот на животот пропешачуваме околу 160.000 км, јасно е дека нашите стапала се еден од најангажираните и највредни делови на телото.

Без дилема, тие се важни речиси за сите секојдневни активности, па токму затоа заслужуваат големо внимание за одржување на здравјето и совршена нега. Дознајте на кој начин можете да ги решите типичните проблеми и да спречите појава на повреди и оштетувања.

Во текот на животот, секоја четврта личност доживува некаков проблем со стапалата. За среќа, кај 90% од пациентите не е потребна хируршка интервенција, но клучно е навреме да се закаже преглед на лекар за да се спречи проблемот да ескалира во многу поголем. Ви ги претставуваме петте најчести проблеми со стапалата.

СКРШЕНИЦА ПОРАДИ ФИЗИЧКИ НАПОР

Симптоми: осетливост на болка во коскениот дел на стапалото, која се засилува. Терапија: доколку со РТГ-снимка се потврди постоење на скршеница, се советува подолготрајно мирување до зараснувањето на коската. Можна е употреба на помагала, како патерици.

КОКАЛЧЕ

Симптоми: тврдо (коскено) и болно испакнување (Hallux valgus) на надворешната страна од зглобот на палецот, кое доведува до негова деформација. Терапија: најважно е да носите обувки во соодветна форма и големина. Доста може да помогнат и сепаратори за ножните прсти, но ако се многу болни испакнувањата, тогаш најверојатно е потребна хируршка интервенција.

БОЛКА ВО ПЕТИЦАТА

Симптоми: продорна болка во долниот дел на стапалото, во петицата. Најсилна е по будењето и по тренингот. Терапија: секогаш кога сте во можност, чекорете боси, така ќе спречите појава на овој проблем. Доколку дојде до воспаление, се препорачуваат ладни облоги и аналгетици за да ја намалат болката.

ВОСПАЛЕНИЕ НА АХИЛОВАТА ТЕТИВА

Симптоми: болка во задниот дел на листот или над петицата, која може да биде силна и ненадејна, или слаба до умерена, но постојана. Терапија: се препорачува мирување и примена на аналгетици. Кога ќе се подобри состојбата, изведувајте вежби за зајакнување на Ахиловата тетива.

ДЕФОРМИТЕТИ НА ПРСТИТЕ

Симптоми: ножниот прст се витка надолу во средишниот зглоб, па затоа оваа појава се нарекува и „чекан-прст“, а најчесто се јавува на вториот, третиот и четвртиот прст на стапалото. Терапија: најдобра превенција е носење соодветни обувки за да може целосно да се рашират прстите. Тешките форми на чекан-прстите се решаваат по хируршки пат.

НЕ правете го ова:

* Не сечете ги премногу ноктите, затоа што тоа го зголемува ризикот од нивно враснување. Сечете ги рамно, по целата должина.

* Немојте да стоите во место подолго од 5 минути. Барем чекорете во место! Стоењето врши притисок на стапалата и ја забавува циркулацијата.

* Не сечете го курјето око, затоа што постои ризик од инфекција! Наместо тоа, внимателно отстранувајте слој по слој, со помош на камен за петици, и тоа додека се туширате.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Unsplash

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.