Планирајте ги оброците… неколку дена однапред!

Како да ги избегнете најчестите „стапици“

Дали работните обврски ве принудуваат да готвите за неколку дена однапред? Внимавајте! Доколку не сте задоволни со вкусот на приготвените јадења, кој го смениле по неколкудневното стоење во ладилникот, голема е веројатноста да ги замените со нешто повкусно – хамбургер и помфрит… За да не ви се случува тоа, избегнувајте ги овие пет грешки…

 #1 Готвите еднаш неделно

Термички обработената храна се расипува по три до пет дена, па затоа е неопходно да готвите неколкупати неделно. На пример, ако половина од јадењата ги приготвувате во недела, а другата половина во среда или четврток, ќе поминувате помалку време во кујната отколку кога готвите еднаш неделно, а и храната ќе ви биде повкусна.

#2 Никогаш не експериментирате

Консумирањето иста храна секој ден брзо досадува. Добра вест е што оваа стапица можеме лесно да ја избегнеме. Приготвување разновидни намирници го олеснува процесот – на пример, не гответе само пилешко месо. Пригответе друг протеин, риба или јајца. Пробајте да приготвите на скара три различни зеленчуци, да сварите два вида јаглехидрати, на пример компир и киноа. На тој начин, кога ќе дојде време за пакување на храната, ќе можете секој ден на направите различна комбинација.

#3 Не купувате редовно намирници

Доколку се одлучиме за некој рецепт, а потоа увидиме дека ни недостига главната состојка, лесно ја заменуваме со некоја помалку хранлива. Затоа, настојувајте секогаш да ви бидат при рака неколку здрави намирници, како што се интегрален ориз, зобни снегулки, замрзнато овошје и зеленчук, свежи и суви зачини, замрзнати протеини, како што се пилешко филе, риба и сл.

#4 Го комплицирате приготвувањето на јадењата

Приготвувањето на оброците треба да биде едноставно. Обидете се да варите, да динстате или да печете неколку намирници заедно за да заштедите време. На пример, ставете во огноотпорен сад пилешки батаци, сладок компир и морков, па по половина час печење во рерна, додајте брокули и тиквички и печете уште половина час. Накрај, врз зеленчукот наросете пропржен сусам и ќе добиете вкусно јадење за 1 час.

#5 Не ја складирате храната правилно

Садовите во кои ја складираме храната влијаат врз количеството што ќе го изедеме. Доколку се преголеми, и порциите ќе ни бидат големи. А тоа лесно може да доведе до натрупување вишок килограми. Затоа, најдобро е да користиме садови во кои собира точно една порција храна или, пак, да набавиме такви што се поделени на три дела во кои лесно можеме да ја одредиме препорачаната доза на житарки, протеини и на зеленчук.

Текст: Убавина и здравје

Фото: Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.