Одмори се!

Во продажба е новиот број на најтиражното списание за жени! А еве што ќе читате во него…

Во моментов имаме суперактуелна тема за разговор со сите луѓе што ги познаваме, па и со оние со кои не знаеме што да зборуваме. Тоа секако е – кога на одмор, па каде потоа, и така стануваме запознаени со сите дестинации на кои ќе се упатат луѓето околу нас. Најчесто слушаме – до Грција, има и понекоја подалечна, но и суперегзотична дестинација, како на пример – Бали (стр. 90).

И тоа е во ред, со оглед на тоа дека многу фактори нѐ условуваат каде ќе се упатиме на одмор. Она што го проблематизирам овде е времетраењето на тие одмори на кои се упатуваме. Со кого и да зборувам, сите ми велат – седум дена. Седум дена сосе тргање и враќање?! Да!

Разбирам дека многумина на некој начин повторно се условени да одат на толку краток одмор поради низа фактори, но она што не го разбирам е фактот дека многумина од моите испитаници во анкетава ми рекоа дека не им се седи на море повеќе од 7 дена – им станувало досадно. Од кога одморањето стана досадно?! Да не правите нешто погрешно? Едно истражување вели – потребни ни се минимум три дена за одморот вистински да почне.

Тоа е времето потребно за патување, пристигнување, акомодација, адаптација и старт на релаксацијата, бидејќи претходно е присутен стресот поради сето споменато. Затоа, драги мои, размислете на оваа тема… ако станува досадно, тогаш испланирајте одмор што е комбинација од релаксација и авантура, за да има доживувања, со што ќе си креирате нови спомени.

За спомнатиот фактор „досада“, многу е важно и со кого одите на одмор. Не знам дали сум во право, но штом толку ве убедувам, мене дефинитивно ми треба одмор. Па, затоа, пред да ве одморам од моиве размисли, ќе ве потсетам да „нѐ земете“ на одмор со вас, да се дружиме на плажа. Испратете ни и слика на Инстаграм како уживаме заедно.

Ако сте во фаза на планирање на одморот, ви обезбедивме атрактивни понуди од агенциите (стр. 110-121), но и многу новитети и совети што ќе ви користат.

А за релаксацијата да биде комплетна, некои од нашите читателки ќе можат да си купат примерок со подарок – книга. Дел од инсертираните 1.000 книги е подарок од издавачите, но добивме и многу од вас, нашите читателки, кои нѐ израдуваа со приклучувањето кон нашата летна акција да подарат книги со посвета од својата лична библиотека.

Колку убаво од вас!

Сега уште нешто ќе нѐ поврзе сите заедно! Освен, секако, она што нѐ поврзува стандардно 11 години – нашата УБАВИНА!

Ве сакаме!

Главна и одговорна уредничка Јована Стојменовиќ

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.